Instory

Веге салати: Современите трендови ни одат во прилог

24 Sep 2019

Најпознатата крем-салата – руската е креација на Лисјен Оливие, главен готвач во „Ермитаж“, еден од најреномираните московски ресторани во 19 век. Тој во 1860 година првпат ја подготвил салатата, а точниот рецепт, особено за мајонезот, бил добро чувана тајна. Оливие ја подготвувал салатата сам, во одделна просторија во ресторанот каде што никој не смеел да влезе. Еден од неговите помошници се обидел да го украде рецептот. Успеал да влезе во тајната просторија и врз основа на тоа што го видел на работната маса, ги претпоставил состојките. Сепак, во неговата салата „нешто недостигало“. Во годините што следувале поголемиот дел од основните состојки се заменети со подостапни и денес т.н. руска салата има малку заедничко со првичниот рецепт, кој останува тајна. И покрај тоа, руската салата станува дел од речиси сите свечености и празници. Свечените трпези се надополнуваат и со други крем-салати: пилешка, француска..., а новото време носи и нова динамика. Денес крем-салатите како да го изгубија „празничниот“ ексклузивитет и станаа дел од секојдневната трпеза на современиот консумент.

Разговараше: Данче Драгиноваdanche@instore.mk

Крем-салати од домашни суровини

Струмичката фирма „Веге салати“, која се занимава со производство на крем-салати, е основана во 2004 како фамилијарен бизнис во кој се инволвирани повеќе членови од потесното семејство на нашиот соговорник Ване Стојков. Одлуката за основање на компанијата е донесена врз основа на неколку параметри. Најпрвин, сите сме по потекло од Струмица, регион кој е познат по производството на квалитетен зеленчук. Второ, во Македонија не постои компанија што произведува крем-салати, што ни дава силна конкурентска предност. И конечно, мојата тетка многу добро го познава технолошкиот процес на производство, ни раскажува на почетокот од разговорот Ване.

Тој по професија е дипломиран правник, но веќе неколку години работи во приватниот сектор на различни позиции. Од пред две години е управител на „Веге салати“, задолжен за организација на целокупниот производствен процес и за продажбата.

Како и за секој мал бизнис, така и за „Веге салати“ почетокот не бил лесен. Првите години одвај врзувавме крај со крај. Но, како што станувавме препознатливи на пазарот, особено по квалитетот на нашите салати Vege, така и работењето стануваше полесно, вели тој и додава дека и современите трендови му одат во прилог на бизнисот: Со зголемената динамика на живеење сè повеќе се менува начинот на исхрана кај луѓето. Па така, традиционалното готвење дома сè повеќе се заменува со набавка на готови јадења.

Како компанија на која ѝ е важен квалитетот на производите, секогаш обезбедуваме квалитетен и свеж зеленчук од домашни производители. Притоа вршиме сопствен откуп и во процесот на производство сами ги преработуваме суровините.

Погонот каде што се произведуваат крем-салатите Vege е лоциран во Струмица на вкупен простор од 300 квадратни метри и е современо опремен и организиран според стандардот ХАЦЦП. Како резултат на зголемената побарувачка на пазарот, во тек е процес на изградба на нов погон, со кој планираме двојно поголемо производство. Новиот простор ќе ни овозможи да воведеме и нови производи, меѓу кои мој главен фаворит ќе биде хумусот, намаз кој ќе го произведуваме со неколку различни вкусови, истакнува Ване.

Моментално „Веге салати“ на пазарот пласира руска, пилешка и француска салата, во неколку различни грамажи (200, 400 и 800 грама). Последна на пазарот се појави француската салата. Сите суровини со кои се произведуваат крем-салатите се од македонско производство: Како компанија на која ѝ е важен квалитетот на производите, секогаш обезбедуваме квалитетен и свеж зеленчук од домашни производители. Притоа вршиме сопствен откуп и во процесот на производство сами ги преработуваме суровините.

По откупот зеленчукот се складира во соодветни услови. Понатаму се преработува и во него се додаваат другите состојки што се неопходни во процесот на производство. Готовите салати се пакуваат и соодветно се складираат. Контролата на квалитетот се врши во неколку фази – при набавката на зеленчукот, неговата преработка и во финалната фаза на производството.

Во компанијата „Веге салати“, која почнала со четворица вработени, денес работат 11 луѓе, а по потреба се ангажираат и сезонски работници.

Vege на полица

Веќе неколку години „Веге салати“ ги продава своите производи во неколку големи синџири супермаркети и во мали специјализирани продавници. Тука, пред сè, би ги издвоил „Кам“, „Веро“, „Стокомак“, „Рамстор“... Нашите производи се продаваат во сите поголеми градови во Македонија, а соработката со партнерите е долготрајна и искрена, вели Ване.

Тој признава дека патот до трговските полици бил трнлив, но сепак соработниците го препознале квалитетот на Vege. Дистрибуцијата ја вршат со сопствени, специјализирани возила за храна. Во овој момент приоритет ни е изградбата на новиот погон. Со новите производи секако дека планираме проширување на дистрибутивната мрежа на домашниот пазар. Порано имавме и извоз, но моравме да се преориентираме само на домашниот пазар за да ја задоволиме побарувачката. Со изградбата на новиот погон планираме повторно да извезуваме, за што веќе преговараме со неколку големи компании од регионот, истакнува Ване.

Како резултат на зголемената побарувачка на пазарот, во тек е процес на изградба на нов погон, со кој планираме двојно поголемо производство. Новиот простор ќе ни овозможи да воведеме и нови производи, меѓу кои и хумус со неколку различни вкусови.

Изгледот на производите Vege од првиот ден до денес е ист, а единственото нешто што е променето е големината на амбалажата, т.е. грамажата на производите, која е соодветна на потребите на современите купувачи. Како компанија што во континуитет се грижи за купувачите, големо внимаваме ѝ посветуваме на амбалажата и на нејзиниот квалитет.

Од аспект на маркетинг-активностите, во последниот период „Веге салати“ најмногу се рекламира на социјалните медиуми што, според Ване, е најголемата придобивка од развојот на технологијата. Исто така, брендот Vege е присутен и на промотивните летоци во супермаркетите.

Планови, планови, планови

Како што се наближуваме кон крајот на разговорот, го прашавме Ване кој момент семејството Стојкови би го нагласиле како пресврт во досегашниот развој на фирмата, односно која е најзначајната одлука што досега ја донеле во работењето.

Инвестицијата во проширување на производството што се случи пред неколку години е една од покрупните одлуки во „Веге салати“. Иако никој не веруваше дека новите производи ќе успеат на пазарот, сепак, одлучивме да ги произведуваме. Од денешен аспект, одлуката се покажа правилна.

За крај, повторно се вративме на изградбата на новиот погон. Ване ни откри дека според плановите, изградбата ќе заврши во следните 12 месеци и ќе се почне со производство. Потоа следуваат пласманот и претставувањето на новите производи.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...