Аронијата (Aronia melanocarpa) е листопадна грмушка чии плодови се ситни, мали и темносини бобинки, собрани во гроздови. Во Европа е донесена од источниот дел на Северна Америка. Древните Индијанци ги сушеле плодовите на аронијата и ги употребувале за приготвување храна, чаеви и многу различни лекови. Аронијата ги освоила Европејците првенствено со својата убавина, белите цветови што расцутуваат во мај и со есенски обоените листови, кои се жарат во посебна црвена боја. До неодамна ова овошје, кое има големо превентивно и лековито дејство и е богато со витамини и минерали, беше речиси непознато...
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
Благодат за човековото здравје
Од селото Драслајца, сместено во средишниот дел на Струшкото Поле, потекнува семејството на нашата соговорничка Маја Милошевска, управител на „Биомелан“. Токму во ова рамничарско село се сместени плантажите со аронија и семејниот бизнис, кој се занимава со производство на природно ладни цедени сокови од органско и природно овошје.
Количеството што го добивавме како плод од плантажата со аронија беше преголемо за македонскиот пазар. Водени од тој предизвик, моравме да најдеме решение. Дојдовме до идеја за производство на ладно цедени сокови без никакви додатоци, дури и без да додаваме вода.
Компанијата „Биомелан“ е основана во мај 2015 година, но како што вели Маја, било потребно повеќе време за крајните подготовки, кои вообичаено траат најдолго. Татко ми е сопственик на плантажа со аронија од 7,5 хектари. Количеството што го добивавме како плод беше преголемо за македонскиот пазар бидејќи во тој период аронијата сè уште не беше доволно позната. Водени од тој предизвик, моравме да најдеме соодветно решение. По извесен период дојдовме до идеја за производство на ладно цедени сокови без никакви додатоци, дури и без да додаваме вода, вели таа.
Името на брендот Biomelan било нејзина идеја – назив што лесно ќе се памети и ќе асоцира на аронија. Оттаму и кованицата од грчкиот збор „bio“ (живот) и од латинскиот „melanocarpa“ (аронија).
Во моментов, во портфолиото на „Биомелан“ има 3 вида сок во различни пакувања: органски сок од аронија (2 л, 1 л и 200 мл), сок од аронија и јаболко (1 л и 200 мл) и сок од аронија и грозје (1 л и 200 мл). Семејството Милошевски само ја одгледува суровината и засега тие количества се доволни, но се надева дека во иднина ќе соработува и со други кооперанти.
Маја, која по професија е економист, претходно немала искуство со технологијата за производство на соковите, но како што вели, го совладала процесот и почнала да го работи и тоа, покрај менаџирањето на компанијата. Според неа, процесот на производство на соковите е прилично едноставен: Најпрвин овошјето се мие, се меле во соодветна машина, па се пресува. Следен чекор е пастеризацијата, односно загревање до температура на која се зачувуваат сите својства на овошјето, а се уништуваат бактериите што го прават сокот расиплив. Претпоследниот чекор е пакување во амбалажа и откако ќе се излади, сокот е подготвен за етикетирање и за складирање.
Сокови за здрави генерации
Иако станува збор за релативно краток период, Маја вели дека се забележуваат големи промени во трендовите во исхраната од 2015 година до денес: Се забележува огромна разлика не само кај нас во земјава, туку и воопшто во целиот свет. Луѓето стануваат свесни за здравјето и сè повеќе посветуваат внимание на тоа што го консумираат. Конкретно за нашите производи, сè уште е малку тешко бидејќи состојбата во Македонија е таква каква што е, но сепак сум задоволна што потрошувачите почесто одлучуваат по природен пат да го зачуваат и одржуваат здравјето. Потрошувачката за неколкупати е поголема од почетокот и покрај тоа што не сме единствени производители во земјава. По нас се појавија многу други.
Продажбата на Biomelan почнала на почетокот од 2016 година. Првата соработка била остварена со локалните струшки маркети „Миса“, со кои Маја истакнува дека и денес одлично соработуваат. Освен во нејзиниот град, соковите денес се присутни и на полиците на повеќе локални маркети во северозападниот дел од Македонија, а планот е дистрибутивната мрежа и понатаму да се проширува. Семејната фирма располага со сопствени возила за дистрибуција.
Во однос на конкуренцијата, Маја вели дека во последните две години таа станува сè поголема: Има многу домашни, но и странски производители. За жал, потрошувачите повеќе им веруваат на увезените производи отколку на домашните. Нашата конкурентската предност е различниот и невообичаен вкус на аронијата. Обично луѓето се навикнати на трпкав вкус на аронија, но нашата е различна – многу поблага и покрупна. За наша среќа, поднебјето каде што ја одгледуваме е идеално, а и со тоа што се одгледува со многу љубов и внимание – добива плус шеќерни единици. На крајот на краиштата, тоа што имаме целосна контрола од суровината е уште една голема предност за квалитетот.
Изгледот на брендот Biomelan, етикети и лого, е целосно променет пред една година. Ги следиме трендовите во секој поглед. Кај нашите производи не важи целосно правилото дека изгледот го продава производот, но сепак има удел. Како тим, секогаш внимаваме на практичноста на пакувањата за да бидат задоволени сите вкусови и потреби.
Маја вели дека во денешно време ако брендот го нема на веб-порталите и на социјалните мрежи, исто како да не постои. Малкумина разгледуваат нови производи во маркети без претходно да добијат каква било информација од интернет за тој производ. Од таа причина и Biomelan има своја веб-страница, а е активен и на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Инстаграм“.
Освен дигиталниот маркетинг, Biomelan ги практикува и директните дегустации во маркетите, кои секогаш се успешни: Дегустациите овозможуваат директен контакт со потрошувачите. Освен што имаат можност да го пробаат сокот, им објаснуваме и кои придобивки ќе ги имаат од аронијата, за начинот на консумација... Мој фаворит е органскиот сок од аронија, од кој е доволно една чаша за задоволување на дневните потреби на организмот за витамини и минерали.
Таа со гордост истакнува дека „Биомелан“ е општествено одговорна компанија, која во октомври минатата година во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство донирала сок од аронија во Клиниката за детски болести и во СОС Детско село. Не можам да го опишам чувството кога луѓе ми се јавуваат со позитивни реакции… Kога добивам СМС-пораки колку се задоволни и за колку кратко време нивниот имунитет се подобрил... Особено ми е задоволство кога мајки се јавуваат да ми кажат дека нивните деца го обожаваат сокот и воопшто сезоната немале настинки... Тоа е тоа што ни дава поттик да продолжиме со работа. Сепак, произведуваме сокови за да имаме здрави генерации.
Покрај новите комбинации со аронија, истражуваме и за комплетно нов и различен процес на производство, кој воопшто го нема кај нас.
Според Маја, учеството на саеми во земјава и во Европа е секогаш добредојдено бидејќи тие носат нови искуства, информации и познанства со конкурентите и со потенцијалните соработници. Досега двапати учествувале на еден од најпознатите светски саеми за органска храна – „Биофах“ во Нирнберг, потоа на словенечкиот саем за храна и земјоделство „Агра“, како и на неколку македонски локални фестивали.
Маја не ни го откри следниот нов производ во портфолиото на Biomelan. Успеавме да дознаеме само дека ќе биде нов вкус во комбинација со аронија. Најпрвин, секој нов производ го праќаме на тест-период за да ги видиме реакциите на потрошувачите. Ако е одобрено од нивна страна, тогаш се пушта во производство и продажба. Покрај новите комбинации, истражуваме и за комплетно нов и различен процес на производство, кој воопшто го нема кај нас.
Една од најзначајните одлуки што досега ги донеле во работењето е инвестирањето во сопствена дистрибуција. Како што вели Маја: Нема застој. Во моментот кога мислиш дека сè си комплетирал, следниот чекор е нова инвестиција. А плановите на „Биомелан“ за годинава вклучуваат пласман на производите на европски пазар, воведување на новиот процес во производството, нов производ...
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.