Исконското верување во лековитата и во заштитната моќ на лукот се пренесува и денес, а современата медицина ги потврдува сознанијата дека лукот како природен антибиотик помага во намалување на крвниот притисок и го намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Освен таа практична страна, лукот има и друга – повкусна, со моќ да го збогати и да го облагороди вкусот на речиси секое јадење.
Неодамна, на полиците од маркетите, вниманието ни го привлекоа тубите Охридско макало, чија што главна состојка е токму лукот. Веднаш се впуштивме во потрага по производителот и откако го лоциравме „Саридис натурал", договоривме разговор со Евгениос Саридис, кој со огромно задоволство и соентузијазам ни раскажа за раѓањето на идејата за вкусниот намаз, моменталните предизвици и за следните планови на Охридско макало.
Маката е мајка на идеите
„Саридис натурал" е основана уште во 1996 година, но примарната дејност долги години била производство и преработка на свежи колачи. Идејата за намазите од лук се родила некаде во 2012 година, до која Георгос, таткото на Евгениос, дошол сосема случајно. Имено, при стандардната семејна процедура за подготовка на зимница, тој добил задача рачно да ги излупи лукчињата што се потребни и додека го правел тоа, се запрашал зошто едноставно човек да не може да оди во продавница и да си купи лупен лук.
И тогаш тргна сè J. Почнавме да бараме по интернет дали постои машина што би лупела лук. Откако најдовме таква машина, па кога веќе ја имаме, зошто да не почнеме да правиме макало, кое го години го обожававме, се присетува Евгениос.
Наспроти првичната асоцијација на Охрид, нашиот соговорник ни откри дека немаат никаква поврзаност со градот, освен со кафеаните, кои го послужуваат познатиот специјалитет: Нам повеќе ни се допаѓаше макалото од кое било јадење. Откако се појави идејата и ние да правиме охридско макало, една цела зима поминавме дома правејќи експерименти, цела куќа ни мирисаше на лук...
Навидум едноставната рецептура – лук, зејтин, оцет и сол, барала бројни проби и експерименти во текот на целата 2013 година, за да се дојде до посакуваниот вкус. Врз основа на оценките на бројни луѓе што го пробале, Саридис го добиле крајниот рецепт. Понатамошната работа покажувала какви сè машини им се потребни и ги нарачувале постепено. Превејќи ги пробите, уште првата година сфативме дека ни се потребни и други машини. Голем дел од нарачаните имаа голем капацитет за лупење, но мал за производство и за да го средиме и тоа, односно да се изедначат капацитетите, купивме нови машини, вели Евгениос.
Планираме да го прошириме погонот, за тој да биде
соодветен на капацитетот на машините. Во моментов,
тие 200 квадратни метри што ги имаме, нема да бидат
доволни за планираниот извоз. Машините го имаат тој
капацитет, но просторот е мал за покрупни работи.
Тој додава дека за охридското макало да има стандарден вкус и квалитетмора да се прави во одреден момент од годината. Како што ни раскажа, откако лукот ќе излезе во јуни, треба да се исуши и во август е најсоодветен за преработка, бидејќи потоа расцветува и веќе не може да се работи. За добивање стандарден производ, лукот е неопходно да се преработи за краток рок.
Со главната суровина за производство на макалото, „Саридис" се снабдува од производителите од кавадаречкото село Дреново. Речиси сите од селото одгледуваат лук, но имаат и голема побарувачка. За себе задржуваат само за насад за следната година, целото количество го продаваат за многу краток рок. Затоа многу е важно навреме да дејствуваме, вели Евгениос.
Погонот, каде што се добива вкусниот намаз, е лоциран во селото Горно Лисиче, на површина од 200 квадратни метри. Пред да почнат со производство на макалото, биле шест вработени, но нивниот број сега е зголемен на десет.
Патот до полиците и до странските пазари
Охридското макало во тегли го има во три вкуса – класично, со магдонос и со кари, како и сечкано лукче со магданос и со босилек. Пред околу два месеци, на полиците од маркетите се појави и новото пакување – туби во две варијанти (класично охридско макало и со магдонос). Производот е 100 отсто природен, без никакви додатоци, за кои нема потреба бидејќи, всушност, оцетот е конзерванс, а лукот – антибиотик.
Главен поттик за лансирање на новото пакување во туби, како што ни откри нашиот соговорник, биле практичноста на пакувањето и подостапната цена за потрошувачите. Засега, на домашниот пазар сме позадоволни од продажбата на тубите, отколку претходно на теглите. Тие повеќе ќе бидат наменети за странските пазари, вели Евгениос.
Пред да продолжиме со плановите за извоз, нè интересираше како производот стигнал до домашните потрошувачи, односно како претходно бил прифатен од трговците. Евгениос ни одговори дека е голема тешкотија за секој производител да влезе кај големите, но поради претходното искуство и присуство со колачите, добро ги познавале правилата на игра. Денес, освен во маркетите на „Веро", „Тинекс", „Рептил", Охридско макало е присутно и во неколку месарници.
Надвор од Скопје нè има во маркетите на „Веро" и на „Тинекс". Сепак, сметаме дека сè уште е рано за ТТ-каналот, тубите излегоа пред два месеци. Да видиме најпрвин како ќе продолжи продажбата кај големите трговци, па потоа планираме да се прошириме на малите, вели Евгениос и додава дека засега располагаат со едно сопствено возило за дистрибуција.
На домашниот пазар, Саридис планираат да продолжат со пласирање на Охридското макало во туби. Теглите се подобри за извоз. Досега имаме извезено само во Катар, каде што се пласираат производите под нивни етикети, а веќе подготвуваме и нова тура. Се обидуваме и со нови пазари – даваме примероци по Србија, Хрватска, Германија, Австрија, Швајцарија, имаме контакти од Шведска, од Русија, со кои течат преговорите, па ќе видиме што ќе биде. Работиме на тоа. Македонскиот пазар е премногу мал, ако немаме извоз – ништо не правиме, раскажува Евгениос.
Појавата на тубите во портфолиото била поттик за промена и на дизајнот на етикетите на теглите. Со новиот дизајн, се оди на поелегантна и поедноставна варијанта: Сфативме дека дизајнот треба да биде минималистички и јасен – купувачот да може да види што е производот од далеку. Сакавме и поголем контраст меѓу заднината и буквите, а најголем контраст се црното и белото.
Во досегашниот развој на брендот Охридско макало, за семејството Саридис пресврт е моментот со лансирањето на тубите. Иако нашиот соговорник признава дека тие се помалку економична варијанта за бизнисот и бараат повеќе работа, сепак се вистинска одлука во вистинско време и добра насока за понатамошен развој на домашниот пазар.
Планови, планови, планови...
Како што се наближуваме кон крајот на разговорот, го прашавме Евгениос кои се идните планови на „Саридис натурал" што треба да бидат реализирани, освен тие што претходно ни ги откри, поврзани за извозот.
Планираме да го прошириме погонот, за тој да биде соодветен на капацитетот на машините. Во моментов, тие 200 квадратни метри што ги имаме, нема да бидат доволни за планираниот извоз. Машините го имаат тој капацитет, но просторот е мал за покрупни работи, вели Евгениос и додава дека наскоро може да очекуваме нов вкус на Охридско макало со домати и други нови намази... Убеден сум дека успехот ќе дојде!, заклучува нашиот соговорник.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.