Instory

Чапе фунги: Природата е најголемиот иноватор

22 Feb 2017
 
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

На десниот брег од Црна Река, покрај регионалниот пат Демир Хисар – Крушево, се наоѓа селото Сладуево. На тоа место, кое ја има привилегијата да биде далеку од градскиот смог, е лоцирана „Чапе фунги", извозно ориентирана компанија за шумски плодови и за печурки, чијашто историја е нераскинливо поврзана со 30-годишна семејна традиција. Од Ацо Стевановски, претставник од втората генерација, и од неговата ќерка – Елена Чапе, се обидовме да дознаеме нешто повеќе за продолжувањето и за развивањето на традицијата, патешествијата низ годините, пробивот на пазарот и за очекувањата...

Природа преточена во плодови

Живеејќи во предел опкружен со прекрасни планински масиви, определбата на семејството Стевановски уште пред 30 години била да му доближи на светот парче од природните благодати. Главен виновник за почетоците на семејниот бизнис е таткото на Стевановски, кој ја почнува приказната со мелница, ја продолжува со стовариште, за денес „Чапе фунги" да прерасне во една од најуспешните компании за шумски печурки и за други шумски плодови.

Грижливо ја негуваме семејната традиција, го почнува разговорот Ацо Стевановски. На почетоците, соочени со условите во нашата нова држава и мерејќи ги сопствените сили, почнавме самите да ги создаваме условите, да се приспособуваме кон потребите на европските пазари и секојдневно да покажуваме колку можеме да им парираме, вели тој и додава дека натпреварот сè уште трае, бидејќи без континуиран развој, напорите на претходниците паѓаат во вода. Тоа што е уште поважно, е да докажеме дека една македонска компанија може да се бори рамо до рамо со светските гиганти, истакнува Стевановски.

Компанијата, која почнала со двајца вработени, денес вработува 50 луѓе, чијшто број, поради природата на работата, најмалку двојно се зголемува во сезоната за берба. Постојано го прошируваме обемот на работење и обезбедуваме пријатна работна атмосфера во текот на целата година. Во тие услови, секој вработен се чувствува како дел од поголемото семејство и знае дека неговите идеи ќе бидат слушнати и прифатени, со гордост истакнува нашиот соговорник.

Го прашавме низ какви сè патешествија поминале за да го достигнат посакуваниот извозен резултат, а Стевановски ни кажа дека е потребна огромна енергија за остварување на визијата на претходниците:Во моментот, кога компанијата ја дефинираше сопствената насока на развој, извозот беше само визија на претходниците. И покрај обесхрабрувањата од околината, предизвикот беше многу поголем – почна со мали чекори, за денес да станеме 95 отсто извозно ориентирана компанија.

Како ретроспектива од работењето на „Чапе фунги", Стевановски наведе неколку клучни моменти што ја зацврстиле позицијата на компанијата: Како пресврт во работата, беа поставувањето на темелите на сестринските фирми надвор од границите на земјава и воведувањето на сегментот малопродажба, што овозможи „Чапе фунги" да стане звучно и познато име и на домашен терен. Како последен, но можеби најважен момент, тој го наведува и останувањето во земјава и покрај соочувањата со отежнати услови за работење од економска и од социјална страна.

Еден од клучните моменти за компанијата, како што нагласи Ставановски, е и отворањето на вратите на брендот кон домашниот пазар, за што е заслужна наследничката, Елена Чапе. Пред директно да поразговараме со неа за тоа, го прашавме татко ѝ како течеше тој процес на транзиција и како наследничката се вклопи во приказната.

Тој, како да го очекуваше тоа прашање, и без размислување одговори: Процесот на транзиција во нашата фирма, отсекогаш се одвивал природно и лесно, благодарение на тоа што секој член од семејството расте и се развива со бизнисот. Членовите на семејството се дел од победите и од поразите, кои, патем, се само мали одморалишта за следните нови победи. Предизвикот беше поттикнат од еланот, свежината и од иновацијата на новата генерација. Секако, вклопувањето не бележеше молскавичен успех, туку се градеше ден по ден, камен по камен...

Во моментот, кога компанијата ја дефинираше
сопствената насока на развој, извозот беше само визија
на претходниците. Предизвикот беше многу голем –
почна со мали чекори, за денес да станеме 95 отсто
извозно ориентирана компанија.​

Кмет во сопственото село

Разговорот го продолживме со Елена Чапе. Ја прашавме како беше дочекан брендот Čape Funghi од големите и од малите трговци во земјава, по колку обиди производите успеаја да стигнат на полиците во нашите маркети.

Земајќи го предвид фактот дека здравата храна е актуелна и трендовите од светот полека, но сигурно, стигнуваат и кај нас, сè поголем е бројот на луѓето што посветуваат внимание и се грижат за своето здравје. Тоа, секако, беше шанса за „Чапе фунги" да ги вклопи производите на домашниот пазар и вкусот на здравјето да стане дел од македонската трпеза, одговори таа.

Првичната цел на „Чапе фунги" биле големите синџири маркети, а нивниот позитивен одѕив бил дополнителен поттик за понатамошно проширување низ рестораните, смути-баровите и локалните маркети. Според Елена, како претставници на мал пазар, честопати се соочувавме со потребата најпрвин да презентираме од каде доаѓаме и каде се наоѓаме, а потоа да го презентираме тоа што го нудиме: Токму таа потреба, дополнително ја зголеми амбицијата за освојување и за афирмирање на нашите производи на странските пазари. Почнавме како извозно ориентирана компанија, така и го продолживме нашиот развој, сè додека еден ден не ни стана предизвик да пласираме дел од производите и на домашниот пазар, затоа што, нели, отсекогаш било најтешко да станеш кмет во сопственото село.

За пласман на домашниот пазар, „Чапе фунги" има сопствена дистрибуција, а производите се достапни во сите големи синџири маркети низ земјата, почнувајќи од „Веро", „Тинкес", „Рептил", „Зур", „Хоризонт", „Здравец", „Елида", „Киси"...

За конкуренцијата, компанијата размислува во позитивна насока: Доколку не постоеше конкуренцијата, веројатно ниту еден од бизнисите немаше да се развива. Конкуренција имаме на сите пазари, а секој пазар бара и различен пристап, бидејќи се соочуваме и со глобални, и со меѓународни играчи. Како основни конкурентски предности за „Чапе фунги", Елена ги истакнува емоциите што ги буди Čape Funghi, односно поврзувањето на производите со најубавите спомени од детството, амбалажата што може повеќекратно да се употреби и секако – квалитетот.

Таа вели дека сè додека природата како најголем иноватор ги нуди своите благодати, „Чапе фунги" ќе ужива во можноста преку секој производ да спакува и да понуди дел од неа. Елена ни ги откри и новитетите за домашниот пазар: Следно ќе пласираме шумска боровинка во свежо смрзната и во сува состојба, производ кој е многу познат, но е тешко достапен. Планираме и сува аронија, семе од коприва и јатки лешник, органски произведен од сопствените плантажи на „Чапе фунги".

Инвестиции, планови и очекувања

Разговорот го привршуваме и сакаме да дознаеме за плановите што треба да се реализираат во текот на годинава. Одговорите ги побаравме од помудриот и поискусниот, Стевановски, кој ни кажа: Примарната насока ќе ни биде проширување на капацитетите со дополнително тунелско замрзнување IQF (Individual Quick Freezing). Тоа го правиме, пред сè, за да ги исполниме потребите кои со текот на работењето и со склучувањето нови договори со европски партнери, значително се зголемуваат. Втората цел е постојните производи, како свежо смрзната аронија, јагода, шумска малинка, шумска боровинка, сув и смрзнат вргањ, домашно интегрално брашно и уникатниот рецепт на Arovita (мешавина од планински мед и од аронија), да се пласираат на европскиот пазар. Сепак, Стевановски нагласува дека нема да биде запоставена и соработката на домашниот пазар.

Со оглед на отежнатите економски услови, се потпираме на вербата дека фокусот повеќе ќе се насочи кон поддршка и кон развој на домашните компании, наспроти странските инвестиции. Со тоа, заеднички ќе им помогнеме на нашите бизниси и на државата за економско закрепнување, со создавање на препознатливи македонски производи, порачува тој.

 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...