Регионално

Здравко Ѓогиќ: Луѓето секогаш ми се на прво место

09 Oct 2024

Професионалниот пат на Здравко Ѓогиќ во секторот на стока за широка потрошувачка и финансии доби пресвртница во 2016 година кога ѝ се придружи на компанијата „Лореал“. Во почетокот како раководител на логистика, а подоцна како директор на синџирот на снабдување за дивизијата на производи за широка потрошувачка. Пред преземањето на оваа функција, тој поминал две години во париското седиште на компанијата како директор на логистиката за Средна и Југоисточна Европа.

Подготви: Јелена Лазариќ, jelen@b2bmedia.org

Кои беа клучните пресвртници во Вашата кариера што Ве доведоа до моменталната позиција како директор за оперативата на „Лореал“ за регионот Адриа Балкан?

Преминот од финансии во логистика беше голема пресвртница во мојата кариера. Многумина беа изненадени, но ме привлече напуштањето на комфорната зона и можноста да научам нешто ново. Еден од првите проекти на кои работев кога пристигнав во „Лореал“ беше преселбата во друг дистрибутивен центар, што обезбеди континуиран раст на нашиот бизнис во следните седум години.

Интересен факт е дека со моето неодамнешно враќање во „Лореал“ – Адриа Балкан го повторуваме проектот, односно деновиве повторно се префрламе во новиот дистрибутивен центар со цел стратешки да се подготвиме за следните седум години. Она што сакам да го истакнам е дека со поддршка од одличните колеги, успеавме да го реализираме проектот навреме и целосно без пречки и прекини во деловното работење. На секоја позиција, луѓето беа тие што ја правеа разликата, нивната стручност, енергија и ентузијазам беа клучни за нашите заеднички успеси и јас сум им благодарен за тоа.

Какви вештини и искуства стекнавте во претходните компании кои ги сметате за најважни во Вашата актуелна работа?

 Имајќи предвид дека мојата кариера започна во финансискиот сектор и дека бев многу млад кога имав можност да водам тим, тоа беше дефинитивно управување со луѓе, потоа аналитика, каде што секогаш бев природно љубопитен и иновативен во наоѓање и користење напредни алатки и методологија кои ми дадоа многу јасен увид во моменталната ситуација и/или деловниот проблем, што, секако, го олеснува наоѓањето решенија.

Исто така, работата во мултинационална средина во странските држави ме научи да се приспособам на различни култури и да ги ценам различните перспективи, што многу ми помага во градењето односи и во постигнувањето на заедничките цели.

Квалитетот е вграден во секој сегмент од бизнисот на „Лореал“. Стандардите, како и нивното спроведување и надзор, се ригорозни и се дел од мисијата на компанијата

Можете ли детално да ни објасните кои се Вашите главни одговорности како директор на оперативата на „Лореал“ во регионот Адриа Балкан?

 Луѓето секогаш ми се на прво место, а една од моите најголеми обврски е да создадам позитивна и здрава средина за моите колеги, да им овозможам да стекнат нови вештини, да ги развиваат и максимираат нивните таленти и потенцијали. Важно е само да ги пронајдете и активирате овие „предизвикувачи“.

Кога зборуваме за сржта на работењето, одржливото работење е приоритет во сите сегменти на нашата работа, почнувајќи од самата набавка на производи од фабриките на „Лореал“ преку дистрибуција до нашите купувачи и потрошувачи, притоа обезбедувајќи го нивниот максимален квалитет.

Како изгледа еден Ваш типичен работен ден и кои се клучните задачи што ги извршувате?

Она што ја прави мојата работа интересна е тоа што навистина не постои нешто како типичен ден бидејќи секој ден е исполнет со различни проекти, состаноци, дискусии со колегите, како и ад хок ситуации. Во однос на клучните активности, секако би ја издвоил континуираната работа со луѓе, насочувајќи ги според стратешките приоритети и следење на проектите кои се од стратешко значење за работењето на компанијата.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате на сегашната позиција и како ги решавате?

 Генерално, на пазарот има голем недостиг на работна сила. Во контекст на логистиката, најмногу се фокусираме на изнаоѓање (полу)автоматизирани решенија кои би можеле да го амортизираат овој предизвик. Дополнително, недостигаат специјалисти во одредени области како синџирот на снабдување, планирање и логистика (роботика и автоматизација). Ако зборуваме за предизвици кои се пошироко од нашиот регион и од пазарите што ги покриваме, секако се поставува прашањето како да се обезбеди агилен и еластичен синџир на снабдување кој ќе може да се справи со зголемената непредвидливост во бизнисот.

Неодамна се преселивте во новиот дистрибутивен центар кој е изграден според најновите логистички стандарди. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за него и за неговите специфики?

 Тоа е дистрибутивен центар каде што се одвиваат многу различни операции. Покрај складирањето, во овој модерен центар се одвива и примањето на стоката, контролата на квалитетот, пакувањето и декларирањето, управувањето со резервите и конечно подготовката и испораката на производите до купувачите. Тоа е исклучително сложен систем кој бара прецизно управување со различни процеси, како во физичка така и во ИТ-смисла. Секоја акција се следи и се евидентира во системот за да се овозможи детална анализа и оптимизација на целиот логистички процес.

Самиот дистрибутивен центар не само што е функционален туку е и одржлив. Изграден е од напредни материјали кои обезбедуваат максимално задржување на топлината во текот на зимата, со што се намалува потрошувачката на енергија за греење. Користи и ЛЕД-осветлување, а планот е да се постават фотоволтаични ќелии со цел поголемиот дел од потребната струја да се добива од обновливи извори.

Како новиот дистрибутивен центар ќе придонесе во ефикасноста на операциите и во целокупното работење на компанијата?

За да се обезбеди одржлив раст на бизнисот, од клучно значење е да се има добро воспоставен синџир на снабдување, а логистиката е незаменлив дел од него. Историјата ни покажува безброј примери каде што логистиката одиграла клучна улога во успехот на компаниите, а оваа важност уште повеќе дојде до израз за време и по пандемијата.

Кои се клучните иновации и технологии што ги користите во управувањето со процесите во логистиката?

 Имаме многу солидна алатка која ни помага да ги предвидиме продажните активности (прогноза за продажба и деловно планирање). Сѐ повеќе и повеќе инвестираме во вештачката интелигенција. Во однос на автоматизацијата, „Лореал груп“ инвестира значителни ресурси во изнаоѓање на најдобрите технологии за сопствените дистрибутивни центри и фабрики, а во некои случаи имаме и сопствени креирани решенија. Во моментов тестираме едно од нив со нашиот логистички партнер со цел да ја зголемиме продуктивноста и да ги амортизираме ефектите од недостигот на работната сила.

Како ја осигурувате оптимизацијата на логистичките трошоци и на времето за испорака?

Ние користиме „lean“ методологија, т.е. алатки за континуирана оптимизација на процесите вградени во нашата деловна ДНК. Предноста на користењето на таквата методологија е континуираното откривање нови можности, дури и кога мислите дека сте ги исцрпиле сите можности. Се разбира, секогаш ќе има непредвидени ситуации предизвикани од надворешни фактори, но тие можат да се ублажат со агилност и флексибилност на дејствување. Во однос на времето на испорака, потребно е да се оцени што е поважно - доверливоста на испораката на квалитетен производ или „брзањето“ да се испорача што е можно поскоро за сметка на неговиот квалитет - што во повеќето случаи последователно резултира со повисоки трошоци.

Иднината на логистиката и на операциите во индустријата за убавина ја гледам како комбинација на технолошка трансформација и одржливост.

Како го одржувате високото ниво на квалитет на услугите кон своите клиенти и партнери?

 Квалитетот е вграден во секој сегмент од бизнисот на „Лореал“. Стандардите, како и нивното спроведување и надзор, се ригорозни и се дел од мисијата на компанијата. Во однос на клиентите и партнерите со кои работиме, се трудиме континуирано да го нагласуваме квалитетот на производите и услугите и да ги објаснуваме предностите на таквиот пристап.

Кои се Вашите главни стратешки иницијативи за унапредување на операциите во следните неколку години?

 Се фокусираме на понатамошен развој и имплементација на (полу)автоматизирани решенија во логистичките операции. Ќе го подобриме процесот на планирање со користење нови технологии, како што се вештачката интелигенција и машинското учење (machine learning). Ќе продолжиме да воведуваме „зелени“ решенија во транспортот на нашите производи и активно да работиме на подигнување на свеста кај општеството и поединците за важноста од селектирање на отпадот и негово рециклирање - одговорноста во оваа смисла е на сите нас.

 Како ја гледате иднината на логистиката и операциите во индустријата за убавина во контекст на дигитализацијата и одржливоста?

Иднината на логистиката и на операциите во индустријата за убавина ја гледам како комбинација на технолошка трансформација и одржливост. Верувам дека напредните алатки, како роботиката и вештачката интелигенција, ќе ги трансформираат постојните професии и ќе создадат нови, поинтересни работни места за денешните генерации. Ова ќе им овозможи на потрошувачите персонализирани искуства, како што се кремовите произведени според спецификите на нивната кожа. Собирањето, структурирањето и обработката на податоците ќе имаат клучна улога во сето ова. Интегрирањето на овие податоци во системите за вештачка интелигенција и БИ ќе ја подобри иновативноста на нашите производи, методите и материјалите за нивна репродукција, како и логистиката и транспортот со императив за намалување на негативното влијание врз животната средина.

 Што Ве мотивира во работата и кои се Вашите професионални цели?

 Мојата мотивација доаѓа од три клучни елементи: постојано учење, работа со луѓе и позитивното влијание што го оставаме како компанија. Секој ден носи ново знаење, а јас сум особено исполнет со тоа што придонесувам за развојот на луѓето со кои работам. Во однос на професионалната цел, дефинитивно е да се трансформира бизнисот на начин на кој е, и останува, трајно одржлив.

Имате ли некаков совет за младите професионалци што сакаат да ја градат својата кариера во логистиката и операциите?

Тоа е сјајна професија! Логистиката и операциите се столбот на секоја голема компанија, особено во глобална компанија како „Лореал“. Во опкружување кое е брзо и постојано се развива не постојат два исти дена. Мојот совет е да започнете веднаш и да се пријавите за работа во одделот за операции на „Лореал“. Којзнае, можете ќе го откриете патот на својата кариера од соништата!

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...