Регионално

Горица Јововиќ: Поставуваме нови стандарди во дигиталната малопродажба

10 Jul 2024

Од први јануари годинава, на самиот врв најголемиот малопродажен синџир на српскиот пазар „Делез – Србија“, дојде до промена откако Горица Јововиќ беше именувана за привремен генерален директор.

Во продолжение следува разговорот со Горица од кој, меѓу другото, ќе дознаете какви ѝ се идните планови за развој на компанијата, а особено ми е многу мило што за своето прво интервју таа го избра магазинот InStore.

Разговараше: Ана Филиповиќ, ana@instore.rs

 Првпат откако постои компанијата „Делез Србија - Макси“, на чело е личност од нашето поднебје, и тоа жена. Што значи тоа лично за Вас и дали пред да ја преземете новата позиција можевте да се замислите на местото привремен генерален директор?

Да се биде на чело на „Делез Србија“, за мене е голема чест и одговорност. Иако отсекогаш бев посветена и насочена кон професионално остварување, никогаш не сум се замислувала на позицијата привремен генерал директор, туку мојот фокус беше на придонесот кој би можела да го дадам за тимот и за компанијата. Ова достигнување е логичен редослед во компанија како нашата, каде што се вреднуваат трудот, знаењето и лидерството без оглед на полот или потеклото. На овој начин им даваме еднаква инспирација на колегите и колешките да се насочат кон остварување на своите професионални цели.

Што Ви беше најголем предизвик кога ја презедовте функцијата, а кои искуства од претходната функција би можеле да бидат од значење сега?

 Мојата примарна цел беше да продолжам успешно да ја водам компанијата и да продолжам по патот кој го трасираа моите претходници, а со дополнителна модернизација и унапредување на нашата деловна стратегија. Стекнатото искуство на претходните позиции ќе биде клучно во спроведувањето на овие цели. Планирам да го искористам тоа знаење и искуство за натамошното унапредување на оперативната ефикасност и иновации во нашата понуда за да осигуриме „Делез Србија“ да остане на чело на пазарните трендови, целосно одговарајќи на потребите на купувачите.

Намалувањата на цените и промоциите се ефективни начини за поддршка на нашите купувачи во управувањето со нивните буџети.

Во моментов што Ви претставува најголем предизвик во работата и која беше првата одлука што ја донесовте како привремен генерален директор?

Во моментов најголем предизвик претставува управувањето со работата во светло на глобалните предизвици кои влијаат врз сѐ, од синџирот на снабдување до пазарните услови. Првата одлука што ја донесов како привремен генерален директор беше, без оглед на сите предизвици, да останеме доследни на нашата мисија, да им дадеме висок квалитет и вредност на купувачите.

Доаѓа и до пад на животниот стандард и куповната моќ на потрошувачите. Тие на разни начини се обидуваат ефикасно да управуваат со својот буџет, а на кои начини вие, како водечки трговец во земјата, помагате во тоа?

Како водечка компанија на мало во земјата, ние сме ангажирани на повеќе фронтови за да им помогнеме на купувачите поефикасно да управуваат со нивните буџети. Нашиот широк асортиман на производи им овозможува на клиентите да изберат артикли кои најдобро одговараат на нивните потреби и финансиски можности. Особено сме фокусирани на нашите „сини цени“ и редовните специјални понуди кои обезбедуваат дополнителни заштеди. Исто така, нашата апликација за лојалност им помага на клиентите да ги следат нивните месечни заштеди и да ги искористат предностите на специјалните понуди приспособени на нивните навики.

Дали намалувањето на цените и промоциите ги гледате како ефикасен начин во таа насока? Како гледате на „војната на цените“ помеѓу трговците и какво влијание има тоа врз вашето работење?

Сметам дека намалувањата на цените и промоциите се ефективни начини за поддршка на нашите купувачи во управувањето со нивните буџети. Овие иницијативи се дел од нашата стратегија за да им овозможиме на нашите потрошувачи да постигнат значителни заштеди. Сепак, нашиот пристап не е конкуренција во каква било форма, туку е насочен кон градење долгорочни односи со клиентите преку разновидни понуди и исклучителното искуство во купувањето. Секако, цената е еден од определувачките фактори при носењето одлука, но инсистираме на вкупната вредност која ја добива секој купувач во продавниците „Макси“.

Во која насока ќе се одвива натамошната работа и какви се плановите за проширување на малопродажната мрежа која моментално има над 530 објекти?

Со отворањето на форматот „Мега Макси“, нашата компанија постави нови стандарди, што претставува чекор напред кон модернизација и подобрување на искуството во големото купување. Во наредниот период планираме да продолжиме со развојот во оваа насока, фокусирајќи се на иновациите во понудата, технологијата и услугите кои дополнително ќе ја збогатат понудата на овој бренд. Со гордост можам да објавам дека во текот на летото, по повеќе од две години, повторно ќе го отвориме нашиот хипермаркет во Нови Сад. Што се однесува за ширењето на нашата малопродажна мрежа, целта ни е да го прошириме присуството за да бидеме достапни за поголем број потрошувачи.

           

Многу експерти ја гледаат иднината на малопродажбата во омниканален пристап. Може да се каже дека и вашата компанија го дели тоа мислење, какви резултати гледате во овој продажен формат и која е нејзината стратешка важност за целокупниот бизнис?

 Со интеграцијата на нашата онлајн-продажба со традиционалното малопродажно искуство, успеавме значително да го подобриме целокупното искуство во купувањето, што се одрази со зголемување на задоволството кај купувачите и пораст на продажбата. Со приближно милион посети и над 20.000 реализирани нарачки месечно, со постојана достапност за купувачите преку целата недела, „Макси онлајн“ не само што ја потврди својата лидерска улога на пазарот туку постави и нови стандарди во дигиталната малопродажба. Оваа интеграција ја зајакнува нашата позиција на пазарот и ни овозможува подобро да ги разбереме потребите и навиките на нашите купувачи, со цел да им обезбедиме персонализирани понуди и услуги. На овој начин, омниканалниот пристап станува клучен за одржување на конкурентноста и за постигнување долгорочен раст и развој на нашата компанија. Клиентот заслужува да има можност да купува преку компјутер, телефон или со одење во неговиот омилен маркет, а наша должност е да му го овозможиме тоа.

Клиентот заслужува да има можност да купува преку компјутер, телефон или со одење во неговиот омилен маркет.

Минатата година го отворивте специјализираниот дистрибутивен центар за онлајн-продажба. Дали овој центар ги исполни вашите очекувања и дали успеавте на корисниците на услугите на „Макси онлајн“ да им обезбедите брза, комплетна и ефикасна достава на стока?

Со отворањето на првиот специјализиран дистрибутивен центар за онлајн-продажба во Србија, кој е на површина од 6.700 квадратни метри и каде што до крајот на оваа година ќе работат 500 колеги, наша цел беше дополнително да ги подобриме ефикасноста и брзината на испорака, како и целокупното купувачко онлајн-искуство. Со задоволство можам да кажам дека овој центар целосно ги исполни нашите очекувања. Неделниот капацитет за обработка на нарачките се зголеми од почетните 3.500 на максимум 25.000, додека стапката на завршување на нарачките се зголеми од 48% на неверојатни 99%, поставувајќи нови стандарди во ефикасноста и продуктивноста на онлајн-услугите.

Вашиот дистрибутивен центар во Стара Пазова, иако моментално е најголем на Балканот, станува недоволен за снабдување на сѐ поголемиот број ваши продавници, па дали планирате да отворите нов. Кажете ни нешто повеќе за тоа?

Планираното отворање на новиот дистрибутивен центар е клучен чекор во натамошното проширување и унапредување на нашиот бизнис. Новиот центар ќе се простира на 40.000 квадратни метри, со планови за понатамошно проширување во иднина за да се поддржат растот и проширувањето на нашата малопродажна мрежа. Опремен со најсовремени технологии, овој центар ќе овозможи значително поефикасно управување со резервите и дистрибуција на стоката до нашите продавници.

Во последните години проблемот со работната сила е присутен во сите гранки на индустријата, а трговците постојано се соочуваат со него. Како се справувате со овој предизвик и на кои начини се обидувате да привлечете работна сила?

Како еден од најголемите приватни работодавци, ние континуирано работиме на подобрување на условите за работа и задоволството на нашите вработени, што не е лесна задача со оглед на природната флуктуација и континуираното доаѓање на нови членови во нашиот тим. Преку нашите „Макси“ бенефити го зголемивме бројот на денови од годишниот одмор на најмалку 26, дополнително наградувајќи ја работата во викенд, што придонесува за подобар баланс помеѓу деловниот и приватниот живот. Исто така, вработените добиваат попусти од 12% при купување во нашите продавници, што овозможува значителна заштеда, а ноќната работа дополнително се вреднува со 40% поголема заработка, што ги надминува стандардните стапки. Придобивките, како што се новогодишните стимулации, наградите за препораки и наградите за јубилеј, создаваат стимулирачка работна средина, подобрувајќи ги севкупните работни услови во нашиот постојано растечки тим.

Компанијата „Делез“ – Србија е позната по општествено одговорните активности, колку е важно за компанијата да биде активна на ова поле и зошто?

Активностите во овие области ни овозможуваат да градиме долгорочни односи со нашите клиенти, вработени и партнери врз основа на доверба, транспарентност и заеднички вредности. Кога зборуваме за конкретни иницијативи, особено би сакал да ја истакнам едукацијата на учениците за важноста на здравата исхрана во основните училишта низ државата, како и хуманитарните донации на вишок храна што од септември секоја вечер ги реализираме пред хипермаркетот „Мега макси“ на Вилина вода.

Што би им порачале на Вашите купувачи, добавувачи и колеги и што може да очекуваат од Вас во наредниот период?

 Длабоко верувам во добри односи и дека само заедно можеме да направиме големи работи за нашето општество. Мојот придонес ќе биде во границите што ги дозволува мојата улога, но секогаш воден од искрена намера, позитивен пристап и желба за континуирано усовршување. Јас лично се гордеам со една внатрешна иницијатива која подразбира градење тимски дух преку игри и дружење меѓу колегите, која во наредниот период ќе ја играат повеќе од 12.000 колеги од целиот систем. „Отворени кон добро“ е тимска едукативна игра која е природен редослед на сето она што го правиме за колегите во претходните две години преку програмата „Отворени кон вработените“, но и одлична база на која во иднина ќе ги градиме сите интерни проекти за колегите. Во јуни нѐ очекува третиот по ред Национален фестивал на храна посветен на локалните добавувачи на овошје и зеленчук и широк спектар на свежи и здрави производи.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...