Регионално

Предраг Петровиќ: Уживам во сите професионални ангажмани

22 Nov 2023

Иако на прв поглед изгледа комплексно, хибридниот деловен ангажман ми овозможува дисциплина и фокус на суштинските задачи и ја зголемува продуктивноста.

Предраг Петровиќ

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Во моменталниот деловен ангажман на нашиот соговорник Предраг Петровиќ се вклучени следниве работни задолженија: член на надзорниот одбор во „Кепром“/„Акса“, директор за маркетинг и бизнис-развој во „ДП лукс груп“ и прокурист во парфимериите „Плаза“. Во интервјуто тој ни ја раскажа неговата професионална приказна и поразговаравме за тоа како успева да одговори на сите работни обврски.

Биографски податоци

Година и место на раѓање: 1973 година, Ниш, Србија.

Образование: Дипломиран инженер по електротехника, насока ИТ на ЕТФ во Ниш, Србија.

Кариера:

  • Директор за интерна ревизија во „Метро кеш & кери“, Србија (од 2005 до 2008 година);
  • Регионален директор на книжарниците „Мамут“, Србија (од 2008 до 2010 година);
  • Маркетинг-менаџер и менаџер на дел од категориите во „дм дрогерие маркт“ – Србија и Македонија (од 2010 до 2013 година);
  • Член на управата и прокурист, директор за набавка, маркетинг и логистика во „дм дрогерие маркт“ – Србија и Македонија (од 2013 до 2021 година).

Моментални функции:

  • Член на надзорниот одбор во „Кепром“/„Акса“, Србија (од 2021 година);
  • Директор за маркетинг и бизнис-развој во „ДП лукс груп“, Србија (од 2021 година);
  • Прокурист во „Плаза“, БиХ (од 2021 година);
  • Редовен колумнист во бизнис-магазинот BIZLife (од 2022 година).

Хоби: Патувања, книги, филм, уметност, гастро-хедонизам.

Искуства и предизвици низ годините

Предраг поминал во Народниот театар во Ниш осум години од детството играјќи детски улоги во театарски претстави. Сонот му бил да стане познат актер и со уживање ја поминувал секоја втора вечер во театар. Иако животниот пат го одвел во друг правец, сепак, ова искуство му помогнало уште од мали нозе да го надмине стравот од јавен настап.

Неговата кариера почнува во „Метро кеш & кери“, компанија која е присутна на српскиот пазар од 2005 година и која, како што вели, предизвикала голем интерес кај купувачите, но и како посакуван работодавец.

Мојот влез во компанијата беше во секторот човечки ресурси, но за многу брзо станав првиот вработен во новоотворениот сектор за интерна ревизија за Србија. Тоа беше период кога стекнав одлични бизнис-знаења и рутини, и прва компанија каде што имав можност врз основа на добро воспоставени корпоративни стандарди да ги проценам и предвидам предизвиците и со колегите да го приспособиме системот за максимално да го искористиме потенцијалот на локалниот пазар. Најважните лекции од оваа компанија беа аналитичноста и систематичноста, се сеќава Предраг.

Неговото следно работно искуство е како регионален директор на книжарниците „Мамут“, кои во тоа време се единствениот регионален синџир на модерни книжарници, присутни во Србија, Црна Гора, БиХ и во Македонија. Според Предраг, „Мамут“ бил пример за одлична визија која, за жал, не била проследена со соодветен одржлив развој и агилна реакција на пазарните промени. Сепак, во овој период тој стекнува некои извонредни бизнис-искуства кои му помогнале во подоцнежните деловни ангажмани.

Преку работата во различни индустрии имам можност истовремено да го следам пазарот на стоки за широка потрошувачка и пазарот на премиум производи, што ми дава нова, поширока димензија за анализа на трендовите.

Во 2010 година станува дел од тимот на „дм дрогерие маркт“... Во компанијата влегува како менаџер за категориите домаќинство, домашни миленици и органска и здрава храна. Одличното познавање на германскиот јазик, кој е службен во компанијата, ми беше препорака за учество на различни меѓународни проекти и ми овозможи динамичен развој, преку преземање на функцијата маркетинг-менаџер до влез во Управниот одбор, како и водење на три сектори во Србија и во Македонија. Најголемото искуство беше управувањето со тим од 300 вработени и 20 менаџери од 3 сектори во 2 земји, водење асортиман од околу 15.000 производи, креирање и спроведување соодветни маркетинг-стратегии за настап на локалните пазари, како и изведба на оптимални логистички текови.

Во тој период Предраг е одговорен и за македонскиот пазар. Тој се сеќава на влезот на „дм дрогерие маркт“ во 2012 година во Македонија, кој бил предизвикувачки од аспект на препознавање на очекувањата на македонските купувачи од еден од најголемите трговски синџири во Европа, како и поставување локална стратегија во рамките на глобалниот стандард на компанијата. Кредото на компанијата е стремежот секогаш да биде „што е можно поблиску до купувачите“, да ги препознава динамичните промени на нивните потреби и да реагира на нив на глобално ниво, но и на секој поединечен пазар. На тој начин пристапивме кон креирање на асортиманот, со одличен избор на производи од приватните трговски марки, нови брендови за нега и убавина од Европа и од светот, како и од најдобрите македонски и регионални производи.

За него, највредното нешто во текот на 10-годишното искуство во Македонија се луѓето: одличен тим подготвен да се развива во согласност со развојот на компанијата, да презема одговорност, да прифаќа предизвици и да ги претвора во можности. „Далечинското“ управување со тим од друга земја беше еден од најголемите предизвици, што беше компензиран со периодични посети на Македонија, но овозможи рационално управување со трошоците за работење и постигнување профитабилност и динамичен, но одржлив развој на бизнисот.

Динамичен ритам

Денес Предраг има активен работен ангажман во неколку различни индустрии – член на надзорниот одбор во „Кепром“/„Акса“ (од 2021 година); директор за маркетинг и бизнис-развој во „ДП лукс груп“ (од 2021 година); прокурист во парфимериите „Плаза“ (од 2021 година) и редовен колумнист во бизнис-магазинот BIZLife (од 2022 година).

Ова хибридно искуство ми овозможува преку работата во различни индустрии истовремено да го следам пазарот на стоки за широка потрошувачка и пазарот на премиум производи, што ми дава нова, поширока димензија за анализа на трендовите. Занимавањето со разнородни компании со различни погледи и одговорности ми дава можност за паралелен професионален придонес, како и за понатамошен агилен професионален развој. Иако на прв поглед изгледа комплексно, хибридниот деловен ангажман ми овозможува дисциплина и фокус на суштинските задачи и ја зголемува продуктивноста. Освен тоа, хибридното работно искуство до одреден степен и ментално ме подмладува.

Неговото животно и деловно кредо е: Колку е поголем кругот на знаењето, толку е поголем кругот на незнаењето, што го прави љубопитен оптимист и го поттикнува на динамичен животен и деловен ритам, но истовремено го освестува да биде скромен и подготвен да ги разбере другите и светот околу него за да продолжи да истражува и да се развива преку проширување на деловните и животните знаења.

Како што вели, се труди постојано да има квалитетно „вмрежување“, што го упатува кон нови деловни и животни погледи: Следам одредени портали, содржини на „Линкдин“ и со задоволство слушам говорници што можат да ме инспирираат да размислувам за нови теми, кои не ми биле примарен фокус. Последните говорници што имав можност да ги слушнам во Белград ми открија нови теми како „дипломатски бунтовник“ или „деловна амбидекстрија“, со кои сакам да се занимавам во иднина.

За професионализмот, животот и за успехот

Во овој момент Предраг ужива во сите професионални ангажмани и во можноста да придонесе за развој на различни видови бизниси. Кога би имал можност да се обрати на себеси на почетокот од кариерата, би си го кажал следново: Биди храбар, вредно следи ги животните страсти и соништа, уживај во животот за работата да биде хармонична, а не единствениот дел од твојот живот. Тој признава дека на 50 години и со повеќе од 20 години професионално искуство не ги остварил сите негови соништа, но второто полувреме од животот е отворено за тоа.

Кога би можел да се врати назад во времето и да промени некоја професионална одлука, тоа би била одлуката за прифаќање дополнителни одговорности во една од компаниите во кои бил ангажиран, што резултирало со намалување на времето за работа со неговите тимови. Од денешен аспект, гледајќи наназад, имам подобар увид и знаење, но и понатаму верувам дека тие моменти се важни за личен раст и развој. Важно е да извлечеме поуки од сопствените искуства за да бидеме подобри во иднина.

За еден од најголемите успеси во кариерата го смета обезбедувањето континуиран двоцифрен пораст во малопродажното работење на средните и големи компании во Адриа Регионот. Сепак, клучот за мојот успех не е само во конкретното достигнување, туку во неколку важни фактори. Најпрвин, истрајноста и посветеноста се од суштинско значење. Секојдневно се трудев да работам напорно за да ги постигнам целите. Важна е и соработката со колегите и тимската работа. Никогаш не заборавам дека сум дел од поголем тим и работиме заедно за да ги постигнеме целите. Исто така, континуираното учење и усовршувањето на вештините се пресудни за одржување на конкурентноста и порастот во динамично деловно опкружување. Преку сите тие фактори, Предраг верува дека ги постигнал најголемите професионални успеси, притоа задржувајќи ја својата автентичност.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...