Направете го потрошувачот среќен
Компаниите сакаат задоволни потрошувачи, кои по вкусувањето на нивниот производ, ќе се вратат и повторно ќе го купат. Но, реалноста дава многу примери што покажуваат дека патот до исполнување на оваа цел е многу долг и макотрпен.
На деветтата интерактивна Talk IN Business конференција, наменета за месо и за месни производи, што се одржа на 14 октомври, учесниците се согласија дека оваа категорија е карактеристична за работење поради ограничениот простор во маркетите и во продавниците, а особено тешко е да се истакнат брендовите во одделот за продажба рефус. Сето тоа го отежнува патот до задоволни потрошувачи. Сепак, компаниите продолжуваат да се борат и следејќи ги новите демографски трендови и навиките на потрошувачите, нудат нови производи во помали, единечни пакувања што повеќе им одговараат на новите, модерни семејства. Целосното следење на глобалните трендови е во рамките на економската моќ на потрошувачите и во согласност со големината на пазарот.
Учесници од компаниите: „Атлантик група", „Везе Шари", „Денар дисконт", „Златиборац", „Кола", „Колид С тим", „Мис глобус", „Нелт СТ", „Пекабеско", „Перутнина Птуј", „Подравка", „Рамстор", „Рептил" и РСМ имаа можност да ја проследат презентацијата на Дарко Булдиоски, од академијата за интернет-маркетинг на „Clear View", кој поттикна различни размислувања за тоа дали социјалните медиуми се уште еден канал за промоција или можност за нови искуства. Социјалните медиуми се само модерна алатка за да го направите најосновното во бизнисот – клиентот да биде среќен. Понудете искуство, а не ветување, истакна тој.
Учесниците имаа можност да дознаат повеќе податоци од истражувачките агенции „Фокус маркетфоршунг" и „ГфК – Македонија", што секако ќе им бидат корисни во нивното работење.
Според податоците на „Фокус маркетфоршунг", кои ги презентираше Весна Благојевиќ од Србија, месото и месните преработки во флаерите имаат удел од 11,1 отсто во целокупниот прехранбен сектор, што претставува најнизок процент во однос на другите земји во регионот. Тоа секако е поттик за компаниите за поголемо искористување на флаерот како начин да се стигне до потрошувачот.
Илин Андреев од „ГфК – Македонија" истакна дека испитаниците како најважни критериуми за купување на месо и на месни производи, ги издвоиле: квалитетот, достапноста и цената. Воедно, на македонскиот пазар, потрошувачите најмногу купуваат салами во црево (81 отсто), паштети (69 отсто) и трајни салами (68 отсто).
Конференцијата Talk IN Business ја организира македонската редакција на InStore во соработка со Амбасадата на Хрватска во Македонија, „Фокус маркетфоршунг" и со „ГфК – Македонија".
Во водичот низ категоријата месо и месни производи, ќе прочитате за заклучоците од оваа конференција, мислењата на учесниците и многу повеќе...
Се вчитува следна вест...