Свет

Луксембург: „Амазон“ изгуби судски спор вреден 746 милиони евра

24 Mar 2025

Компанијата „Амазон“ изгуби судски спор во кој  беше казнета со  746 милиони евра. Спорот го поведе регулаторот за приватност на Луксембург пред четири години, а во жалбената постапка судот застана на страна на регулаторот.

Националната комисија за заштита на податоците на Луксембург (ЦНПД) соопшти дека управниот суд на земјата ја одбил жалбата на „Амазон“ на 18 март, пренесува „Ројтерс“. Регулаторот го казни „Амазон“ за обработка на лични податоци што ги прекршува правилата за приватност на Европската унија, познати како Општа регулатива за заштита на податоците (ГДПР). Европа зазеде строг став против ваквите прекршувања, а ГДПР претставува глобален стандард за регулирање на заштитата на приватноста.

Тужбите против „Амазон“ доаѓаат од Франција, каде што 10.000 корисници на интернет, организирани преку група за дигитални права, тврдеа дека иако компанијата наведува кои податоци ги собира и како ги обработува, не бара експлицитна согласност од корисниците да ги обработи тие податоци.

Случајот го презеде луксембуршката регулаторна агенција за заштита на податоци (ЦНПД), бидејќи таму се наоѓа европското седиште на „Амазон“. Казната првично беше наметната во јули 2021 година, а „Амазон“ поднесе жалба во октомври истата година, што доведе до привремена суспензија од страна на ЦНПД. Жалбената постапка започна на почетокот на 2024 година.

Во последната пресуда, управниот суд застана на страната на ЦНПД, утврдувајќи дека „Амазон“ прекршил неколку одредби од ЦГПДР, вклучително и „обврски за транспарентност и информации за поединци засегнати од обработката на нивните лични податоци“ и „повреда на правото на приговор на обработката на личните податоци“. ЦНПД соопшти дека нејзината одлука, која ги вклучува мерките што „Амазон“ мора да ги преземе за да го поправи проблемот, ќе остане суспендирана во периодот на жалба.

„Амазон“ соопшти дека размислува да поднесе жалба на пресудата на судот. Тој, исто така, посочи дека ЦНПД наметна „невидено висока казна заснована на субјективни толкувања на законот, за кои претходно не беа објавени упатства за толкување“.

 

 

Извор: Biznis.rs

Фото: Pexels



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...