Свет

Германија: Економијата полека закрепнува

17 Jun 2024

Експертите од Институтот за економски истражувања (DIW) ја зголемија прогнозата за економски пораст на Германија за оваа година на 0,3 отсто. На крајот на март сепак очекуваа 0,1 отсто.

За 2025 година сега се очекува пораст од 1,3 отсто, како што објави институтот во петокот. DIW очекува годинава економскиот развој постојано да зајакнува, при што приватната потрошувачка останува клучна.

Како што објаснуваат од институтот, пролетта поради постојана неизвесност за сопствената економска состојба, луѓето биле воздржани и ги оставале парите на страна. Сепак, сега граѓаните можат да почувствуваат поголема сигурност на приходите.

Сите показатели за приватната потрошувачка се добри, така што ова може да биде најважниот двигател на порастот, рече Џералдин Дени од DIW.

Покрај еднократните бонуси што многу компании им ги исплатија на вработените, сега долгорочно треба да се почувствуваат и зголемувањата на платите, со што ќе се зајакне сигурноста на приходите и ќе се зголеми желбата за трошење.

DIW очекува подобри можности и за домаќинствата со ниски приходи, додека стапката на инфлација исто така паѓа.

Да потсетиме, годишната стапка на инфлација во Германија во мај скокна на 2,4 отсто, по 2,2 отсто во април. Во мај цените на храната поскапеа за 0,6 отсто, додека цените на услугите скокнаа за значителни 3,9 отсто.

Скокот на заработката од 6,4 отсто во тој период го надмина порастот на цените во продажбата на мало за 3,8 отсто и беше најголем од почетокот на мерењето според сегашниот метод во 2008 година.

И покрај тоа, потрошувачите останаа воздржани во првите три месеци од годинава.

 

Извор: ДПА



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...