
На Меѓународниот ден на детето во Белград беа прогласени „Кампањите со цел“ за 2026 година, а Златниот Гран-при го освои кампањата „Додека смртта не нè раздели“.
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
На свечената церемонија одржана во Marsh Open Space во Белград, традиционално на Меѓународниот ден на детето, беа прогласени „Кампањите со цел“ за 2026 година. Фестивалот и оваа година ги награди кампањите што покажуваат дека комуникацијата може да биде многу повеќе од пренесување пораки: двигател на општествени промени.
Признанијата беа доделени во три категории: Yellow/Social, за кампањи насочени кон благосостојбата на децата, поединецот и заедницата, Green/Eco, за кампањи посветени на заштитата на животната средина и природните ресурси, и Red/Gender, за кампањи што придонесуваат за родова еднаквост и подобрување на положбата на жените.
Најистакнатите кампањи освоија Гран-при признанија, додека најдобро оценетата кампања во целокупната конкуренција го доби Златниот Гран-при, највисокото признание на Фестивалот. Оваа година го освои кампањата „Додека смртта не нè раздели“, посветена на борбата против фемицидот, која агенцијата „Мекен Белград“ ја реализираше за Автономниот женски центар.
Во категоријата Yellow/Social, Гран-при добија кампањите „Силни на дело“ (Институтот за трансфузија на крв на Србија и Регистарот на дарители на матични клетки на хематопоезата на Србија, агенција „Полет комјуникејшнс груп“), „Секој збор се смета“ (СОС Детски села Србија, агенција „Медиа поинт“) и „Љубовта победува“ (Фондацијата Родени од душа, агенција „Лео Белград“).
Во категоријата Green/Eco, Гран-при добија „Каде е Рајка?“ на „Рајфајзен банка“, „Кога плишаните пријатели ги чуваат вистинските“ на „ИКЕА Србија“ (агенција „Олаф и Мекатир“) и „Заедно, на пчелите на дар“ на „Нестле Адриатик С“ (агенција „Саачи и Саачи“).
Во категоријата Red/Gender, Гран-при освоија „Додека смртта не нè раздели“ (Автономниот женски центар, агенција „Мекен Белград“), „Време е за одговори“ за брендот Libresse на „Есити“ (агенција „Овејшн ББДО“) и „Своја. Always сигурна“ за брендот Always на „Проктер и Гембл“ (агенција „Њу моумент њу аидиас компани“).
Покрај добитниците на Гран-при, титулата „Кампања со цел 2026“ ја понесоа уште 28 кампањи – 21 во категоријата Yellow/Social, две во Green/Eco и пет во Red/Gender. Меѓу нив се кампањите на „Гранд кафа“, „А1 Србија“, „Бамби“, Canon, Rosa, „Лидл Србија“, „Хенкел Србија“, „Новартис Србија“, „Нелт Груп“ и UNICEF, „Генерали осигурување“, „дм дрогерие маркт“, „Златиборац“, L’Oréal, „Ерсте банка“ и „Сименс Србија“.
Годинашните наградени кампањи осветлија широк спектар прашања важни за благосостојбата на поединецот и општеството: од здравјето, превенцијата на болести и менталната благосостојба, преку борбата против насилството, заштитата на децата, посвојувањето, образованието, инклузијата и родовата еднаквост, до зачувувањето на биодиверзитетот и заштитата на животната средина.
Многу од нив отворија простор за разговори што недостасуваат, а некои за прв пат ставија одредени општествени прашања во центарот на комуникациските кампањи, нудејќи поширока слика за благосостојбата на секој поединец.
Фестивалот го продолжи својот органски раст, во духот на одржливиот развој, собирајќи компании, институции, организации на граѓанското општество и креативни професионалци околу заедничката идеја дека комуникацијата може да создава вредност за општеството.
„Веќе шеста година Фестивалот Кампањи со цел ги собира оние што веруваат дека комуникацијата има моќ не само да зборува за промените, туку и да ги покренува. Некој отвора врати, некој дава поддршка, некој креира идеја, но дури кога сето тоа ќе се спои, настануваат промени. Наша желба е кампањите со цел да не бидат исклучок, туку правило, и општествената одговорност да не остане само ветување, туку да стане вистинско дејствување. Затоа мојата порака од годинашниот Фестивал е едноставна: Do good to be true“, изјави Тијана Адамов Игњатовиќ, основачка на Фестивалот „Кампањи со цел“.
За признанијата одлучуваше Тимот почесни селектори, независното стручно жири на Фестивалот, со кое претседаваше проф. д-р Милица Костиќ-Станковиќ, редовна професорка на Факултетот за организациски науки на Универзитетот во Белград.
„Чест ми е што како претседателка на жирито имав можност да ги разгледам трудовите што докажуваат дека креативноста најсилно делува кога служи на повисока цел. Членовите на жирито се посветија на задачата со полна одговорност, стручност и посветеност, вреднувајќи ја оригиналноста на идејата, стратешката промисленост, успехот на реализацијата и вистинското општествено влијание на секоја кампања. Наградените кампањи нè потсетуваат дека комуникацијата може да биде повеќе од порака. Таа може да биде двигател на промена, а токму тоа е она што го прави овој Фестивал значаен“, изјави проф. д-р Милица Костиќ-Станковиќ, претседателка на Тимот почесни селектори.
Тимот почесни селектори го сочинуваа и Марија Беслаќ, Жељка Ќириќ Јаковљевиќ, Соња Драгојевиќ, Сузана Ѓорѓевиќ, Томас Колстер, Тијана Копривица, Марко Маршиќевиќ, Марија Митровиќ, Јелена Шаренац, Маја Видаковиќ, Драгана Живојновиќ и д-р Маја Петрашиновиќ Николиќ.
Основан во 2021 година, Фестивалот „Кампањи со цел“ е првиот и единствен фестивал на општествено одговорна комуникација во Србија и регионот, со мисија да ги препознава, промовира и наградува кампањите што ги поврзуваат креативноста, одговорното дејствување и благосостојбата на луѓето и планетата. Иницијатор на Фестивалот е Здружението „Жуте паталоне“.
Златен спонзор на годинашниот Фестивал беше „Гранд кафа“, Жолт спонзор NLB, додека „Кока-Кола Србија“ со брендот Rosa беше спонзор на свечената доделба на признанијата. Yuhor беше гастрономски партнер на свеченоста, со поддршка на медиумските пријатели на Фестивалот.
Фото: Здружение „Жуте паталоне“