
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Додека европските земји сè повеќе инвестираат во електрификација на товарниот транспорт, Македонија сè уште се соочува со недоволно развиена инфраструктура, нерегулирани цени на полначите и неизвесност за инвеститорите. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, предупредува дека земјата, според неговата проценка, доцни две децении во развојот на електромобилноста. Истовремено, високите цени на дизелот создаваат дополнителен притисок врз транспортните компании, дистрибутерите и трговскиот сектор.
Во интервју за InStore, Ристов зборува за причините за поскапувањето на горивата, снабдувањето со дизел, можностите за преминување кон електрични возила и потребата од јасна државна стратегија за развој на електромобилноста.
InStore: Цената на дизелот достигна исклучително високи нивоа и го надмина бензинот. Што го предизвикува овој раст и колку е неизвесен периодот што следува за компаниите што зависат од транспортот?
Ацо Ристов: Цените на нафтените деривати ги регулираме според строго дефинирана постапка, а формулата е јавно достапна. Она што се случи на светскиот пазар е историски голем скок на цените на дериватите. Од февруари и март наваму цените практично се удвоија. Во моментов проблемот не е толку во достапноста на суровата нафта, колку во нејзината преработка. Поради воените дејства и оштетувањето на рафинериските капацитети, преработката значително поскапе. Рафинериите ја користат оваа состојба на пазарот. Дизелот е особено погоден бидејќи има голема побарувачка и за транспортот и за воените потреби. Токму затоа неговата цена го надмина бензинот. Никој во овој момент не може со сигурност да предвиди кога пазарот ќе се стабилизира.
InStore: Македонија е увозно зависна од нафтени деривати, но сепак успева да задржи пониски цени во споредба со регионот. Кои се клучните фактори што го овозможуваат тоа?
Ацо Ристов: Еден од најважните фактори е повторното ставање во функција на продуктоводот Солун – Скопје, преку кој во моментов се транспортира дизел. Тоа е многу важен елемент во синџирот на снабдување. Доколку продуктоводот не функционираше, истите количества деривати ќе мораше да се транспортираат со цистерни. Тоа значи дополнителни транспортни трошоци, поголема потрошувачка на гориво и дополнителен притисок врз крајната цена. Вторите два значајни инструмента се акцизата и данокот на додадена вредност. Со намалувањето на акцизата за дизелот за четири денари и намалувањето на ДДВ од 18 на 10 проценти се амортизира дел од ценовниот удар. Без овие мерки, според нашите пресметки, цената на дизелот би била значително повисока. Дополнително, ги регулираме и трошоците и маржите на компаниите што се занимаваат со увоз и продажба на нафтени деривати.
InStore: Дали пониските цени на горивата влијаат врз потрошувачката во Македонија и какви се ефектите од зголемениот транзитен транспорт?
Ацо Ристов: Имаме значително зголемување на потрошувачката, особено на дизелот, но и на бензините. Сепак, не можеме целосно да ја раздвоиме домашната потрошувачка од онаа што ја остваруваат странските возачи и транзитниот сообраќај. Голем дел од зголемувањето доаѓа токму од пограничната и транзитната потрошувачка. Возачите што поминуваат низ Македонија планираат тука да наполнат гориво бидејќи цените се пониски отколку во соседните земји. Ова има и позитивен фискален ефект. Од секој продаден литар нафтен дериват, според нашите пресметки, меѓу 25 и 35 денари завршуваат во државниот буџет преку различните давачки. Домашната потрошувачка вообичаено расте за околу два до три проценти годишно, што е поврзано и со економската активност. Кога имате индустриски раст, природно е да има и зголемена потреба за транспорт и превоз.
InStore: Велите дека Македонија доцни 20 години со електромобилноста. Во Европа веќе се развива и електричниот товарен транспорт. Колку сме далеку од тие трендови?
Ацо Ристов: Според мојата слободна проценка, ние со електромобилноста доцниме 20 години. Ако излезете од Македонија и отидете во западноевропските земји, ќе видите дека електромобилноста веќе достигнува учество од 20, 30 или 40 проценти, а во Скандинавија и над 50 проценти. Тие земји веќе не размислуваат само за електрификација на патничкиот сообраќај. Сега се насочуваат кон товарниот транспорт. Во Европа се развива производството на електрични камиони за транспорт на стока. Кај нас, пак, сè уште се поставува прашањето дали прво треба да изградиме инфраструктура за полнење или да набавиме електрични возила. Тоа се два процеса што мора да се развиваат паралелно. Не можеме да чекаме прво да се случи едното, па да почнеме со другото.
InStore: Каква е состојбата со инфраструктурата за полнење електрични возила во Македонија? Изјавивте дека практично сè што е изградено досега е дивоградба. Што значи тоа за идните инвестиции?
Ацо Ристов: Сè што досега е направено во Македонија во инфраструктурата за полнење електрични возила, практично е дивоградба. Буквално дивоградба, во смисла на тоа што сè уште немаме целосно уредена регулаторна рамка. Министерството за транспорт подготвува стратегија за електромобилност, додека Министерството за енергетика работи на правилници за приклучување на станиците за полнење. Дел од тие документи беа доставени до нас на разгледување и дадовме забелешки за нивно доработување. Во моментов имаме и проблем со цените на полнењето. Тие не се соодветно регулирани и практично секој оператор може самостојно да формира цена. До мене стигнаа информации дека на одредени полначи електричната енергија се продава по цена од 700 евра за мегават-час. Тоа е неприфатливо. Замислете возач што транзитира по Коридорот 10 и мора да застане да го наполни возилото. Не смееме да дозволиме да биде доведен во ситуација да плаќа толку високи цени.
Затоа мора да се воспостави регулиран систем со јасно определени оператори, права и обврски. Се подготвуваат постапки за избор на оператори, а за постојните полначи ќе треба да се најде начин да се усогласат со новите правила. Инвеститорите мора однапред да знаат под кои услови можат да работат. Никој не сака да инвестира на пазар на кој правилата не се дефинирани.
InStore: Што треба да направи државата за да се забрза преминувањето од дизел кон електричен транспорт? Дали се неопходни субвенции и конкретни цели?
Ацо Ристов: Прво мора да поставиме јасна цел и рок во кој сакаме да ја постигнеме. На пример, можеме да определиме дека во следните пет или седум години треба да замениме 30 проценти од потрошувачката на горива со електрична енергија во транспортот. Тоа треба да биде основата на стратегијата. Потоа мора да се направи пресметка колку електрични возила се потребни, колкави инвестиции се неопходни и какви стимулации треба да се обезбедат. Дали ќе има субвенции, дали ќе се намалат царините, дали ќе се олесни увозот на електрични возила од Азија – тоа се одлуки што треба да ги донесе Владата.
Прашањето е дали сакаме за пет или десет години да фатиме чекор со времето и да ја намалиме зависноста од ценовните шокови на нафтениот пазар. Ние имаме можност дел од електричната енергија сами да ја произведуваме. Зошто таа енергија да не ја користиме за движењето на возилата, наместо постојано да зависиме од увозни нафтени деривати? Доколку на инвеститорите им дадеме јасна перспектива дека ќе се развива мрежата за полнење и дека ќе расте бројот на електрични возила, тие ќе инвестираат.
InStore: Дали електроенергетската мрежа во Македонија може да издржи поголем број брзи полначи, особено на автопатиштата, бензинските станици и логистичките локации?
Ацо Ристов: Тоа не би требало да биде непремостлив предизвик, но секако ќе бара сериозно планирање. Ако зборуваме за група од три или четири брзи полначи што ќе функционираат истовремено, можеби ќе биде потребна инсталирана моќност од околу еден мегават на одредена локација. Пред да се доделуваат локациите, дистрибутивниот оператор треба да потврди дали таму може да се обезбеди соодветен приклучок. Мора да се има предвид дека во последните години значително ги оптоваривме преносниот и дистрибутивниот систем. Во одредени делови ќе бидат потребни нови трансформатори, зајакнување на локалните водови и дополнителни инвестиции. Не може да се дозволи да се градат нови капацитети без да се знае дали електроенергетската мрежа може да ги поднесе. Затоа е важно инвеститорот уште на почетокот да добие информација колку ќе чини приклучувањето, дали се потребни дополнителни инфраструктурни зафати и дали инвестицијата е економски оправдана.
InStore: Како ја гледате иднината на електромобилноста во Македонија? Може ли развојот на обновливите извори на енергија да стане поттик и за транспортниот и за трговскиот сектор?
Ацо Ристов: Апсолутно. Ние веќе имаме значителен развој на фотоволтаичните централи, а во наредниот период очекуваме дополнителни инвестиции во производство и складирање електрична енергија. Нема логика да имаме периоди во кои произведуваме вишоци евтина електрична енергија, а истовремено да останеме толку зависни од увозот на нафта за транспортот. Една од работите на кои работиме е воведувањето паметни броила. Тие ќе овозможат потрошувачите да имаат многу подобар увид во потрошувачката и цената на електричната енергија, како и да го планираат користењето на енергијата во текот на денот. Со развојот на овие технологии, електричните возила можат да станат дел од еден поширок енергетски систем, во кој ќе се комбинираат производство од обновливи извори, складирање и паметно управување со потрошувачката. Видете што се случи со фотоволтаиците. За само неколку години се инвестираа стотици милиони евра. Кога на приватниот сектор ќе му дадете јасни правила и можност за инвестирање, развојот може да биде многу брз. Истото може да се случи и со електромобилноста. Но мора што поскоро да ја донесеме потребната регулатива, да отвориме јавна дебата и да поставиме конкретни цели. Немаме повеќе време за губење.