Регион

Хрватска: Владата ја прошири листата на производи со ограничени цени

03 Feb 2025

Министерот за економија на Република Хрватска, Анте Шушњар на состанокот одржан во Националната и универзитетска библиотека презентираше проширена листа  на производи чии цени ќе бидат ограничени во наредниот период.

Со состанокот претседаваше премиерот Андреј Пленковиќ, заедно со Шушњар и вицепремиерот и министер за финансии Марко Приморац. Присутни беа и други членови на Владата на република Хрватска, хрватската Народна банка, Државниот инспекторат, како и претставници на производителите, дистрибутерите, трговците, потрошувачите, синдикатите и коморските здруженија.

Новата листа на производи со ограничени цени не е само економска и социјална мерка, тоа е директен одговор на пазарната реалност. Ова проширување и избор на производи е резултат на внимателна анализа на пазарот и соработка со трговците на мало, дистрибутерите и производителите, како и со претставниците на пензионерите и синдикатите, сѐ со цел да се обезбеди одржливост и имплементација на мерката, изјави Шушњар.

Шушњар во оваа прилика најави и донесување на нов Закон за посебни мерки за контрола на цените.

За целосно извршување на одлуката, по забрзана постапка ќе се донесе Законот за посебни мерки за контрола на цените, со кој ќе се регулира законската основа за утврдување на највисоките цени, задолжително истакнување на претходната цена покрај сегашната цена, како како и задолжително редовно или периодично доставување на податоци за цената. Со законот ќе се дефинираат и одредби за инспекциски надзор и соодветни административни мерки кои надлежните инспектори можат да ги изречат, а ќе се пропишат и казни во поголеми износи од сегашните за да се осигура дека казните се пропорционални, ефективни и одвраќачки, нагласи министерот.

Според новиот закон, трговците се обврзани да обезбедат најмалку еден вид артикли од секоја пропишана категорија на производи, како и јасно да го истакнат знакот „Ограничена цена“ и список на избрани артикли со ограничени цени на влезот во малопродажните простории или на друго видно место во рамките на продавницата.

 Дополнително, малопродажните објекти поголеми од 400 квадратни метри мора да обезбедат посебна површина во објектот за овие артикли, освен ако не бараат складирање во фрижидер.

Владата на република Хрватска и министерството за економија ќе продолжат да ги следат ефектите од овие мерки, ќе ги прилагодуваат на пазарните услови и ќе соработуваат со сите учесници за да обезбедат долгорочна стабилност и правичност во економијата, соопштуваат од Министерството за економија.

 

 

Извор: InStore.rs

Фото: Pexels



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...