Работење

Потребни се поедноставни процедури за вработување странци

28 фев 2024

Ја анализираме моментално применливата регулатива за работа и вработување странци, како и потребите од нејзина измена за подобрување на бизнис-условите.

Автори: Мартин Бошкоски и Ангела Андонова, адвокати во „Лаличиќ и Бошкоски“

Со последните трендови на миграција на македонското население надвор од државата се појави и природен проблем и тешкотии на стопанството за ангажирање нови вработени, особено за оние позиции кои не бараат универзитетско образование. Од овие причини во значителна мера се ограничени можностите за експанзија на домашните бизниси и целосно се оправдани нивните барања за обезбедување нов кадар од странство, односно вработување странски работници.

Меѓутоа, регулирањето престој по однос на вработување на странец во државата се заснова на регулатива која е адекватна на некое друго време, кога било многу побитно да се заштити македонскиот работник од конкуренцијата од странство наместо да се спаси македонскиот бизнис од проблемот со недостиг на работна сила.

Доколку еден бизнис во Република Северна Македонија има потреба да вработи странски работник, потребно е да се соочи со повеќе бирократски проблеми кои се однесуваат на стручните квалификации на лицето што треба да биде вработено, безбедносните квалификации на странецот, како и на националните квоти за вработување и потребата на пазарот на трудот.

Во продолжението на овој текст ќе ја анализираме моментално применливата регулатива за работа и вработување странци, како и потребите за нејзина измена за подобрување на условите за водење бизнис во државата.

Применлива регулатива и надлежни институции во државата

Во однос на прашањето за вработување странец, постапката, потребната документација, роковите за издавање се уредени со комплексна регулатива која очекува соработка меѓу Одделот за странци во Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за вработување.

Во основа, Одделот за странци при МВР е централна точка и носител на обврските во постапката и комуницира со Агенцијата за вработување, која е должна да даде позитивно или негативно мислење.

Така, МВР ја води постапката и е должно да се осигури дека странецот не е ризик за безбедноста на државата, а Агенцијата за вработување ја утврдува релацијата на работодавецот и работникот, неговото образование и се грижи за заштита на домашниот пазар на труд.

Видови дозволи за престој и услови за нивно добивање

Привремен престој заради работа може да се одобри за стандардно вработување на странец, за сезонско вработување на странец и за упатени работници. Услов за добивање на сите наведени видови дозволи за престој е странецот да биде лице кое не е кривично осудувано во државата чиј државјанин е и државата каде што престојува, како и за него да има обезбедено престојувалиште во РСМ.

Меѓутоа, во однос на делот за кој е надлежна Агенцијата за вработување, секоја од наведените видови дозволи за престој има своја специфика. Така, кога зборуваме за првата категорија – привремен престој заради вработување, Агенцијата очекува странецот да биде лице кое има соодветно образование за работната позиција и договорот за вработување кој е склучен со работодавецот. Работодавецот е должен да ја образложи потребата за вработување, како и причините зошто смета дека не е во можност да вработи македонски државјанин пред да вработи странец.

Привремениот престој заради сезонско вработување во основа има слична постапка како и привремениот престој заради вработување, меѓутоа, овој престој се издава со важност до шест месеци, а за сезонско вработување во градежништвото до девет месеци, само еднаш во календарската година. Образованието на странецот е, исто така, услов и за оваа постапка, па законот пропишува дека за добивање ваква дозвола е неопходно да се достави доказ за соодветно образование или оспособеност, доколку странецот работи во професија регулирана во согласност со закон.

На крај, привремениот престој за упатени работници е сосем поразлична постапка во однос на документацијата и условите за одобрување што ги има Агенцијата при издавањето мислење. За оваа постапка Агенцијата, врз основа на соодветни документи, треба да утврди поврзаност меѓу странскиот работодавец и македонската фирма во која странецот треба да биде упатен. Треба да се има предвид дека овие странци треба да се вработени кај странскиот работодавец најмалку една година и тие можат да бидат упатени за период не подолг од две години.

Доказот за соодветно образование како најсериозен проблем во практика

Како во постапката за привремен престој по однос на стандардно вработување, така и во постапката за добивање престој по однос на сезонска работа, при аплицирање е потребно да се достави доказ за соодветно образование во соодветната област или оспособеност на странецот.

МВР ја води постапката и е должно да се осигури дека странецот не е ризик за безбедноста на државата, а Агенцијата за вработување ја утврдува релацијата на работодавецот и работникот, неговото образование и се грижи за заштита на домашниот пазар на труд.

Меѓутоа, и Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за вработување ова прашање го третираат бирократски и со тоа се оневозможува вработување на странец кој нема високо образование. Односно, вистински е тешко да се достави соодветно образование за нископрофилни професии како работници во производство, работници во угостителство и слично.

Оние бизниси што имаат потреба од вработување странец за работни позиции за кои не е потребно високо образование, особено кога се работи за долгорочно вработување, се соочуваат со одбивање на нивната апликација, односно негативно мислење од Агенцијата за вработување. Во некои ситуации постои дури и апсурдно одбивање затоа што Агенцијата неосновано се впушта во правото на работодавецот сам да одлучува дали образованието и искуството на определено лице се соодветни за работната позиција и работните задачи што треба да ги извршува.

Дополнително на ова, согласно моменталната регулатива, Агенцијата за вработување издава мислење врз основа на искористеноста на квотата и моменталните потреби на пазарот на труд во Република Северна Македонија. Така, речиси е невозможно да се вработи странец за позиција во која има активни баратели за работа, иако таквите активни баратели на работа не се заинтересирани да работат кај работодавецот кој има потреба од работник или, пак, се недоволно стручни за да ги извршуваат работите.

Заклучок

Во постапката за добивање престој главна улога имаат Одделот за странци при МВР и Агенцијата за вработување. Меѓутоа, регулативата врз чија основа дејствуваат овие две државни институции не ја отсликува потребата на стопанството за кое оваа регулатива треба да служи. Односно, постапката за добивање дозвола за престој е премногу бирократска, бавна и заштитнички поставена кон македонските државјани, иако тие сè почесто ја напуштаат државата и немаат интерес за отворените работни места тука.

За да може побрзо, поедноставно и полесно да се пополнат работните места за бизнисите кои имаат потреба од тоа, особено кога се работи за вработување на позиции без високо образование, потребно е да се промени регулативата така што нема да се очекува и да се бара документација за такви работни позиции. Исто така, Агенцијата за вработување мора да прифати дека доколку еден бизнис вработува странци за определена работна позиција, тоа е доволен показател дека во државата нема активни баратели за работа заинтересирани за отворената работна позиција.

 

За компанијата 

„Лаличиќ и Бошкоски“ е реномирано адвокатско друштво, посветено на обезбедување правни услуги од сите области на правото. Нашиот посветен тим од адвокати е специјализиран за работење во областа на граѓанското, кривичното, деловното право, како и правото на интелектуална сопственост. Задоволството на клиентите е наш приоритет, обезбедувајќи персонализирани, ефикасни и сигурни законски решенија. Високиот степен на посветеност, правна експертиза и креативното размислување се основните постулати на нашето работење. Нашето друштво е гордо на својот модерен работен пристап кој на клиентот му нуди сеопфатна услуга за потребната правна помош.

Адреса: ул. Македонија бр. 26/1-5, 1000 Скопје

Телефон: 02/ 60-90-218

Е-адреса: contact@lblaw.com.mk

Веб-страница www.lblaw.com.mk

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...