Работење

Антонио Зрилиќ: Како подобро да се управува со залихите?

12 Jun 2019

Анализа ABC

Поднаслов: Анализата ABC е метода на класификација на материјалите во групи од кои секоја има различно значење и важност за работење. Според таа важност се одредува и нивниот третман

Автор: Антонио Зрилиќ, „Логико“

Многу експерти најавуваат или уште подобро речено „проречуваат“ скорешна нова рецесија. Не е тешко да се предвиди дека во иднина ќе има нова криза бидејќи капиталистичката економија е несовршена и има свои циклуси. Тоа што е поголем предизвик е да се најдат начини кои ќе помогнат што е можно подобро да се подготвиме за претстојните непријатности.

Едно од главните нешта што многу компании ги повлече на дното за време на кризата што почна во 2008 година беа големите залихи. Меѓутоа, вториот проблем кој ја продлабочи агонијата на компаниите што го преживеаја првиот бран е фактот дека немаа залихи кои можеа да се продаваат... овој чуден синдром секогаш се случува истовремено - имате преголеми залихи кои ви ја апсорбираат готовината, па немате доволно пари да купувате свежи залихи кои се продаваат и на тој начин го кочите приливот и на така потребните готовини. Овој магичен круг е смртоносен и затоа треба да се избегнува така што ќе се управуваат залихите, а да не дозволиме тие да управуваат со нас.

Во неколку примери во продолжение ќе се обидам да одговорам на прашањето како подобро да се управува со залихите? Toa ќе го направиме во неколку чекори, а во овој број ќе го направиме првиот чекор, со кој ќе дознаеме со какви залихи воопшто располагаме, колкав е нивниот број, колку чинат и кој е нивниот потенцијал.

Како да управувате со залихите? Рековме дека прво што треба да дознаете е со какви залихи воопшто располагате. За таа цел ни стојат на располагање алатки како што се Прицеов закон, Паретово правило и поединечно ABC, XYZ анализи и вкрстено ABC/XYZ анализа со кои залихите се класифицираат според важноста (вредноста) и според осцилациите во продажбата.

Поделба на артиклите според категориите

Обично артиклите во секое претпријатие се класифицирани на линеарен начин (еднодимензионално) како што е, на пример, класификација на суровини, полупроизводи, готови производи, резервни делови и трговска стока. Секоја класификација треба да почне од најмалиот артикл што го класифицираме. Класите, односно категориите на производи не би требало да бидат премногу специфични, бидејќи тогаш се губи смислата на групирањето. Така, на пример, кај претпријатие што се занимава со продажба на земјоделски машини, групата резервни делови е подобра за анализа отколку групата резервни делови за косилка МГ2000. Меѓутоа, ако истата компанија се занимава со продажба на резервни делови за таа косилка, тогаш не можеме да ги ставиме во „иста кошница“ резервните делови што чинат 10 евра и машината за чистење лисја што чини 700 евра. Во продолжение ќе видиме дека тоа е мешање „баби и жаби“ и дека на тој начин ни се искривува сликата што би ја добиле по анализата.

Анализа ABC

За податоците и интерпретациите на анализата ABC да бидат конзистентни и смислени, посебно се работи за секоја категорија на артикли што во претходниот чекор е дефинирана.

Анализата ABC е метода на класификација на материјалите во групи од кои секоја има различно значење и важност за работење. Според таа важност се одредува и нивниот третман. Целта на примената на оваа метода е воспоставување делотворен состав за контрола и управување со предметите од рамките на набавеното, продажното и складишното работење низ спроведување различни постапки. На тој начин се постигнува поголема економичност и продуктивност, како и зголемување на успешноста во работењето.

Анализата ABC се заснова на познатото Паретово правило или како што уште се нарекува правило на 80:20. Вилфредо Парето уште пред 100 години заклучил дека 80% од богатството лежи во рацете на 20% од населението.

Подоцна ова правило е проширено на сите подрачја од човечкото дејствување, па така може да кажеме дека 20% од криминалците извршуваат 80% од криминалните дела, 20% од возачите предизвикуваат 80% од сообраќајните незгоди и прекршоци, 20% од вашите купувачи претставуваат 80% од вашите приходи, 20% од вашето време го носат 80% од парите, како и дека 20% од артиклите на вашите залихи сочинуваат 80% од приходите. 30% од производите чинат 15% од приходите, а останатите 50% од производите сочинуваат само 5% од приходите.

Ова правило ни помага да ги поделиме, односно да ги класифицираме артиклите според важноста што ја имаат во вашата компанија. Така, добиваме категории на залихи А, B или C и да им посветиме внимание врз основа на нивната важност. Природно е дека ни се многу поважни артиклите А и дека ним ќе им придаваме поголема важност, односно треба да се троши повеќе време на нивната анализа.

Анализата се спроведува на распределување на артиклите на три групи, A, B и C, со примена на критериуми кои го карактеризираат нивното деловно значење. Во нашиот случај како критериум ќе ја користиме вредноста на продажбата.

Преку анализа во едно конкретно претпријатие дојдовме до податоци кои ни зборуваат дека 80% од прометот прават дури од 13 до 17% од артиклите, зависно од категоријата. Така ги добивме следните резултати за три збира на производи:

А група - 80% од прометот чинат од 12 до 17% од артиклите, што кај нивниот најзначаен збир изнесува 332 артикли.

B група - 15% од прометот чинат од 22 до 27% од артиклите, што кај истата категорија изнесува 516 артикли.

С група - 5% од прометот чинат од 55 до 65% од артиклите, што во таа категорија изнесуваат 1.069 артикли.

Што може да заклучиме од оваа анализа? На прва рака ни зборува дека од речиси 2.000 артикли од една категорија само 332 артикли чинат речиси 80% од прометот, а останатите, речиси 1.600 чинат 20% од прометот.

Ова го предвидовме врз основа на правилото 80:20 и може да кажеме дека ова е речиси школски пример на Паретовото правило. Меѓутоа, не треба да им се робува на бројките бидејќи ова правило е предрагоцено за да се исфрли во случаи кога бројките не се баш 80:20. Во некои случаи податоците дури и во истата компанија варираат од категорија во категорија. Така, на пример, кај една категорија производи во една компанија 37% од артиклите чинат 80% од прометот. Затоа, на почетокот препорачавме анализата ABC да се работи по категории.

Повеќе за тоа како ефикасно да управувате со залихите може да прочитате и во книгата „Оптимизација на залихите во 6 чекори“.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...