Германскиот трговски синџир „Лидл“ планира да отвори свои продавници и во Македонија, дознава InStore од свои извори.
Засега нема информација кога точно тоа би се случило, но нашите извори кажуваат дека подготовките на „Лидл“ веќе се влезени во сериозна фаза.
Во трговскиот сектор кај нас веќе и јавно се зборува за влезот на „Лидл“ на македонскиот пазар. Но, од седиштето на компанијата во Германија ниту ја потврдија, ниту децидно ја демантираа информацијата.
Ви благодариме за интересот за нашата компанија. Во моментов сме концентрирани на нашата експанзија во Латвија и во Естонија, одговорија од „Лидл“ на прашањето на InStore за тоа кога планираат да дојдат на македонскиот пазар.
Според нашите извори, „Лидл“ ќе стартува со една продавница. Станува збор за објект кој нема да го земе под закуп, туку ќе го гради.
„Лидл“ од 2018 година почна да работи во Србија, при што истовремено отвори 16 продавници во 12 градови. Со новите две продавници што ќе ги отвори на 11-ти месецов, „Лидл“ во Србија сега ќе има вкупно 41 објект. Во Хрватска, пак, работи од 2006 година.
Инаку, трговскиот синџир оперира во 30-тина земји во Европа, со околу 11.000 продавници, а присутен е и во САД. „Лидл“ секој ден опслужува по околу 10 милиони купувачи.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.