Македонија

Mакедонски органски лешник на швајцарскиот пазар

01 јун 2020

Првиот тон лешници на „Нелкоски органик“ (Nelkoski Organic) ќе биде испорачан на швајцарскиот синџир „Кооп“ на средината од јуни.

„Нелкоски органик“ е семеен бизнис во с. Драслајца, Струга, кој располага со 10 хектари насад и мал преработувачки погон за калибрација, кршење и пакување лешници. Нелкоски се фокусираат исклучиво на органско производство, со тоа што се први производители на органски лешник, сертифициран според стандардот Bio Swiss и го развиваат брендот производи од органски лешник Zaum.

Мост меѓу „Нелкоски органик“ и „Кооп“ била Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ. Откако квалитетот, вкусот и стандардите на нашето органско производство ги задоволија строгите швајцарски стандарди, се соочивме со дополнителна пречка, бидејќи ги немавме потребните машини за пакување според барањата на „Кооп“. Се обративме до ИМЕ за поддршка, односно коинвестиција за набавка на потребните машини, вели сопственикот Бошко Нелкоски.

По набавката на машина за вакумирање, лешниците се пакуваат во вреќи од 15 килограми, технологија што овозможува производот да ја задржи потребната природна влажност и подолго да остане свеж во пакувањето. Со поддршка на ИМЕ, „Нелкоски органик“ набавиле и машина за пакување на палети, што било едно од барањата на „Кооп“ за безбеден транспорт на лешниците.

Во тек е подготовката на првата пратка, која ќе биде испорачана на „Кооп“ на средината од јуни.

Само во првата сезона, швајцарскиот трговец побара 7 тони македонски органски лешник. Се обидуваме да го зголемиме бројот на локални производители, кои ќе почнат со органско производство. Организираме средби со производителите, им ги презентираме новите машини и ги запознаваме со барањата на „Кооп“. Подолгорочна цел, ни е да соработуваме со 30 кооперанти од Струшкиот Регион, истакнува Нелкоски.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...