Македонија

Ќе се градат два нови откупно-дистрибутивни центри во Струмица и Ресен

25 Dec 2023

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, присуствуваше на потпишувањето на договорот за избор на консултантска компанија за почнување постапка за изградба на откупно-дистрибутивни центри во Струмица и Ресен.

Со денешното потпишување на договорот за подготовка во реализација на центрите, со поддршка на Светска банка, овозможуваме македонското земјоделство да се трансформира во поконкурентно, поквалитетно и современо.Новите откупно-дистрибутивни центри во Струмица и Ресен заедно со новата логистичко-дистрибутивна платформа во Скопје ќе бидат клучни во обезбедувањето на стандардизирано производство и воспоставување на национален систем за дистрибуција на храна. Инвестираме во сите сектори, отворивме низа можности за земјоделците, ги стимулираме новите бизниси.Само со заедничка работа можеме да ја однесеме земјата онаму каде што припаѓа, а тоа е во Европската Унија, истакна премиерот Ковачевски.

Новиот откупно-дистрибутивен центар во Ресен предвидено е да се простира на површина од речиси 10.000 м2 и да процесира од 5.000 до 8.000 тони овошје, додека откупно-дистрибутивниот центар во Струмица ќе претставува клучен објект во регионот на интензивно производство на зеленчук за кој е потребно складирање и ладење, сортирање, пакување или подготовка за преработка.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, истакна дека договорот во износ од речиси половина милион евра, кој денес ресорното министерство го потпишува со избраното консултантско партнерство, составено од „Глобалтек Десаролос“, „Коленко ДООЕЛ“, „Њу вижен ДОО“ и Бирото за урбанизам Битола ДООЕЛ, е поделен во три фази.

Овие откупно-дистрибутивни центри ќе бидат од суштинско значење за зајакнување на конкурентноста, пристап до меѓународни пазари и остварување повисоки награди, што би донело директни економски придобивки за регионот, истакна Николовски.

 Координаторката на проектот за модернизација на земјоделството од Светската банка, Ивана Наумовска, посочи дека очекуваат да се испорачаат предвидените активности. Наумовска истакна дека проектот за модернизација на земјоделството,се имплементира во рамките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во вкупен износ од 50 милиони евра, од кои 46 се заем од Светската банка и 4 милиони се од ЕУ – ИПА-грант, што се само за поткомпонентата 2.3 – воспоставување систем за управување со нус-производи од животинско потекло.

Извор: Nezavisen.mk

Фото: Facebook

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...