Македонија

Како ќе се ублажува ценовниот шок?

06 окт 2021

Стопанската комора на Македонија да го сублимира мислењето на компаниите, Регулаторната комисија за енергетика најенергично да ги санкционира сите снабдувачи кои неосновано, непрофесионално и бесправно ги откажуваат веќе склучените договори со компаниите, а Владата да најде начин да им помогне на фирмите во рамки на можностите.

Ова е заклучокот од вчерашната средба на владините претставници со раководството на Стопанската комора по предупредувањата за можен ценовен шок поради енормното покачување на цените на енергенсите на светските берзи.

Како што беше речено, кризата е реалност, ќе потрае подолг период и ќе бара решенија со долгорочен и краткорочен карактер. За таа цел, мора да се изврши мобилизација на сите учесници во овој процес. Тоа е неопходно за егзистирање и развој на македонската економија. Сите чинители имаат голема одговорност да ја менаџираат ситуацијата на највисоко професионално ниво и согласно мислењето на светските авторитети – дека времето на ефтината енергија полека привршува. 

Средбата се одржа во Стопанската комора, под раководство на претседателот Бранко Азески. Учествуваа премиерот Зоран Заев и претседателот на Регулаторна комисија за енергетика Марко Бислимоски.

-Се поздравува одлуката за интервентен увоз на јаглен за нашите електрани со кои ќе се подигне на максимално ниво нашето производство и се повикуваат компаниите да учествуваат на овој јавен повик што ќе овозможи нивна работа подолг период и поевтина електрична енергија и за нив и за домаќинствата, соопшти Стопанската комора.

На средбата стана збор и за други модалитети што ќе бидат предмет на расправа во петок, на средбата на засегнатите компании и надлежните институции, како што се можноста државата преку ЕСМ да обезбеди поголемо количество струја со пониска цена и продолжување на процесот на инвестирање во обновливите извори на енергија.

Вчера се одржа и средба меѓу претставниците на Здружението од прехранбената индустрија и вицепремиерот Фатмир Битиќи.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...