Македонија

„Алкалоид“ донираше над 4 милиони денари за Детска клиника

21 сеп 2021

Првиот филм за „Алкалоид“ од 1950 година, најстарото кутиче и оригиналното одобрение за производство на лекот Cafetin, првите пакувања Becutan, најстарите индустриски машини и голем број други компаниски експонати се поставени во изложбената поставка во Музејот на Град Скопје по повод 85-годишниот јубилеј на „Алкалоид“. По повод јубилејот, компанијата предаде и донација на Клиниката за детски болести. 

Јубилеите вообичаено ги одбележувавме во поширок состав, бидејќи „Алкалоид“ е компанија за сите. Приликите за овој јубилеј ни наложија друг формат, па се одлучивме нашето минато и нашата сегашност да ги отвориме за сите. Цела година собиравме драги спомени и на простор од околу 300 м2 ги спакувавме најзначајните моменти од нашата и ваша историја, рече генералниот директор на компанијата, Живко Мукаетов.

„Алкалоид“ годинава го започна јубилејот со промовирање на хуманитарниот видеоспот од антологиската „Чукни во дрво“ на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, во изведба на дечињата од Проектот „Дајте музика“, при што за секој преглед на дигиталните канали, од 10 јуни до 20 септември, компанијата најави дека ќе ѝ донира по еден денар на Универзитетската клиника за детски болести. Со овој видеоспот дечињата пренесоа пораки на благодарност, оптимизам и емпатија до најзасегнатите општествени категории на граѓани со пандемијата. За сета позитивна енергија и добри мисли, споделени со прегледите на ова видео, одлучивме да донираме наместо еден, по два денари од преглед или износ од 4.099.448 денари на Клиниката за детски болести во Скопје, рече Мукаетов.

.„Алкалоид“ промотивно прикажа уште едно свое јубилејно видео, за кое се користени стари, автентични филмски кадри за фабриката од 1950 и 1962 година, споени со модерни процеси, кои денес се изведуваат во производствените погони на компанијата. Паралелата меѓу минатото и сегашноста е заокружена со графика специјално изготвена за алкалоидовиот јубилеј, чиј автор е уметникот Михаил Корубин. Во потрага по безвременски мотив, перцепцијата на Корубин се заштитата и моќта, кои се претставени преку човечките раце, и сонцето, кое ја симболизира животната сила, каде што е сместено логото на „Алкалоид“.

Ретроспективната изложба ќе биде отворена од денеска до 12 октомври. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...