Македонија

Адижес и Прибе гости на конференција што ја организира М6 Едукативен центар

21 сеп 2021

M6 Едукативниот центар започнува со спроведување на нова програма чија цел е поттикнување на општествениот развој и позитивна општествена трансформација во време на промени.

Програмата насловена „М6 Чекор напред“ претставува платформа преку која еминентни лица од областа на политиката и економијата ќе дискутираат и ќе нудат предлог-решенија за актуелните теми и предизвици кои ги засегаат компаниите и граѓаните и кои се однесуваат на различните аспекти со кои може да се поттикне општествениот развој во земјата и регионот.

Во рамки на оваа програма, М6 Едукативниот центар ќе реализира серија настани, конференции и вебинари со низа познати говорници, врвни експерти и искусни функционери, познавачи на состојбите во регионот. На настаните ќе се анализираат актуелните проблеми од различни области, ќе се идентификуваат можни решенија и ќе се бараат одговори на прашањата кои го сопираат развојот и општествениот напредок, вклучувајќи ја и анализата на потребите и проблемите со кои се соочуваат компаниите како еден од чинителите за постигнување побрз економски развој.

Првиот од серијата настани е предвиден за 27 септември 2021 и ќе се одржи во форма на хибридна конференција под наслов „Разговори со лидери – Економски и политички перспективи за развој на Балканот”, на која лидери и докажани експерти ќе дебатираат за перспективите за развој на Балканот по 30 години од стекнување независност на повеќето држави во регионот. Ќе бидат отворени прашањата за постигнатото и за перспективите за развој, за геостратешките предизвици и предности, за влијанието на политиката врз економскиот развој, за можните решенија кон унапредување на квалитетот на живот и за предизвиците во однос на лидерството и човечкиот потенцијал.

Говорници на настанот се: Исак Адижес – светски признат консултант на влади и компании, поранешен професор на универзитетите „Колумбија“ и „Стенфорд“, Рајнхард Прибе – поранешен директор на Европската Комисија, Зијад Бечировиќ – директор на Интернационалниот институт за Блискиот Исток и за Балканот, Горан Штрок – претседател и основач на „Јадрански луксузен развој” и Светозар Јаневски – претседател на „М6 Инвестиции”.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...