Македонија

Кој може да купува парцели според новиот Закон за продажба на земјоделско земјиште?

11 мај 2021

Нацрт-текстот на законот за продажба на земјоделско земјиште е подготвен и поставен на ЕНЕР. Според него владата ќе стави на продажба 50.000 хектари државно земјоделско земјиште. 

Парцелите ќе се продаваат на јавен оглас, а на лицитацијата почетната цена ќе се движи од 20 до 60 денари, во зависност од класата на земјиштето.

Освен концесионерите, државно земјоделско земјиште ќе може да купат сите правни и физички лица. Ова не важи за странците и за компаниите со над 50 отсто странски капитал. Земјиштето треба да го користат најмалку 10 години и него да го користат согласно бизнис-планот со кој аплицирале. Може и да изградат објект на парцелата, но тој да биде во согласност со дејноста. По тој период земјиштето ќе може да го продава. Ова е дел од содржината на нацрт-текстот на новиот Закон за продажба на земјоделско земјиште кој е поставен на ЕНЕР и за кој може да се даваат мислења.

Приходите од продажбата на земјоделското земјиште, според Законот, се распределуваат во сооднос 49 отсто за државата, 2 отсто за Министерството за покривање на трошоците за спроведување на постапките за продажба согласно овој закон и 49 отсто за општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, во зависност од местоположбата на земјоделското земјиште кое е предмет на продажба. Општините од подрачјето на градот Скопје и градот Скопје, средствата ги распределуваат во сооднос 25 отсто за општината од подрачјето на градот Скопје и 25 отсто за градот Скопје.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...