Македонија

Полска компанија е новиот сопственик на „Групер“

10 мај 2021

Компанијата „Пејтен“, кој е дел од полската групација „Асеко СЕЕ“, е новиот сопственик на македонската платформа за е-трговија, Grouper.mk, чиј коосновач е и поранешната министерка за финансии Нина Ангеловска.

„Пејтен“ e провајдер на целосни софтверски решенија за платежна индустрија за (не)финансиските институции, кои поддржуваат (не)картични трансакции.

Како што се наведува во соопштението, Grouper.mk низ годините стана водечка платформа за е-трговија и даде голем придонес кон трансформацијата на е-трговијата во земјава, овозможувајќи им на 3.500 трговци да влезат во светот на е-трговијата и да почнат со онлајн-продажба, истовремено поттикнувајќи 270.000 корисници да го прифатат онлајн-купувањето. 

„Пејтен“ се стекна со 100-процентна сопственост на акциите на „Групер“, како дел од стратегијата за проширување на портфолиото на компанијата со решенија за е-трговија. Со „Групер“ ја збогатуваме понудата за сите трговци и ги унапредуваме решенијата за е-трговија. Уверена сум дека заедно со младиот и динамичен тим на „Групер“, кој има одлични познавања во областите на е-трговијата и маркетингот, и со поддршката од неколку меѓународни експерти од нашата компанија, ќе создадеме уште поиновативни решенија за е-трговија, изјави Катарина Арнолд Рокита, раководител на тимот за развој на е-трговија во „Пејтен“. 

„Групер“ е основана во 2011 година. Содржи понуди за попусти за различни услуги, патувања, а купопродажната платформа (Grouper Shopping Mall), воведена по почетокот на пандемијата на Ковид-19, платформа, веќе брои повеќе од 100 е-продавници.

Го создадовме „Групер“ пред 10 години со многу енергија, посветеност и ентузијазам за да го трансформираме пазарот со е-трговија. Компанијата растеше и постигна многу, но има уште многу простор за пораст и натамошен напредок, кој веруваме дека полесно ќе се оствари како дел од меѓународна групација. Оваа аквизиција е признание на нашата напорна работа, посветеност и на досегашните успеси, изјавија коосновачите на „Групер“.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...