Семејната компанија „Соко Горица“ – Скопје, која произведува овошни пијалаци, доби финансиска поддршка за развој на нови технологии.
Како што информираат од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот (АСИПИ), финансиската поддршка е за пет години по основа на две мерки – пораст на капиталните инвестиции и приходи и поддршка за зголемување на конкурентноста на пазарот.
Во последните три години „Соко Горица“ инвестира над 1 милион евра и во континуитет го зголемува производството. За тоа е финансиски поддржана од државата со околу 150.000 евра.
Директорот на АСИПИ, Дејан Павлески, вчера ја посети компанијата и се сретна со раководството на компанијата. Целта на посетата беше да се оствари континуитет на соработката меѓу агенцијата и „Соко Горица“ и можности за зголемување на производството.
Компанијата „Соко Горица“ постои од 1994 година и се занимава со производство на овошни пијалаци во дојпак амбалажа, меѓу кои најпознати се сокчињата Amigo и VitaGo. Има производствен капацитет од 10.000 парчиња на час. Компанијата е извозно ориентирана и повеќе од 95 отсто од производите се пласираат на пазарите во повеќе од 30 земји. Во „Соко Горица“ вработени се 60 работници, а компанијата поседува сертификат за квалитет ISO 22000 и е во фаза на имплементација на IFS.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.