Актуелно

Трет пакет економски мерки: Викенд без ДДВ и бескаматни кредити за компаниите

18 мај 2020

Владата промовира трет пакет економски мерки на владата, вреден 355 милиони евра, од кои дел се насочени и кон директна помош кон бизнис заедницата, старт-ап и малите и микро компаниите, како и кон земјоделците.

Останатиот дел, пак, се однесуваат на ваучери за граѓаните за купување македонски производи, домашен туризам, за студентите и за младите.

Воведуваме викенд без ДДВ за сите граѓани, преку поевтини цени за граѓаните. Поттикнуваме потрошувачка и раст на приходи во одредени продажни сектори како што се продавници за гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги, најави премиерот Оливер Спасовски.

Бескаматни кредити за фирми преку Развојната банка во вредност од 31 милион евра ќе бидат за поддршка за жените, младите и дигитализацијата во бизнисот. Оваа бескаматна кредитна линија ќе биде достапна за сите микро и мали компании, а истата ќе понуди и 30 проценти грант (неповратни средства) за оние компании кои се водени или основани од жени или вработуваат млади лица, се извозно ориентирани или воведуваат иновација и дигитализација во нивното работење. 

Државата става на располагање финансиски средства од 125 милиони евра на извозно ориентираните компании, за поддршка и преземање на дел од ризикот за комерцијалниот кредит.

За поголем извоз и полесен пристап до суровини за домашните компании предвидена е гаранција за обезбедување на царинскиот долг.

Согласно Законот за финансиска поддршка, презентираше Спасовски, со 25 милиони евра преку програмата за зајакнување на конкурентноста на индустријата ќе им се помогне на компаниите за освојување на нови пазари, зголемување на нивната конкурентност, како и модернизација на процесите.

Од Владата најавија и 1,6 милиони евра за поддршка на иновативни продукти и услуги преку Фондот за иновации и технолошки развој (ФИРТ).

Понатаму, ќе се дава и 50 проценти финансиска поддршка за организирање настани и конференции. Оваа мерка изнесува 245 илјади евра.

Со финансиска помош од 245 илјади евра ќе им помогнеме на компаниите преку субвенционирање на 50 проценти од трошоците за организација на настани, обуки и конференции, до максимален износ од 30 000 денари, рече премиерот.

Со 5 милиони евра преку Развојната банка, ќе се поддржат микро, малите и средни претпријатија кои вршат примарно производство, како и преработувачите и оние кои извезуваат примарни и преработени земјоделски производи. Околу 50 000 земјоделци ќе добијат субвенции од 50 проценти за зелената нафта. Оваа мерка е во вредност од 4,6 милиони евра.

Преработувачите на грозје, пак, ќе се стимулираат за производство на продукти за средства за дезинфекција.

Во лозарството, но и во тутнксиот сектор ќе се овозможи јавно приватно партнерство. На краток рок, очекувањата на Владата се дека инвестициите за модернизирање треба да достигнат 10 милиони евра.

Во сетот мерки за земјоделците има и три милиони евра за финансирање на старт-ап семејни винарии и фарми односно грантови до 10 000 евра за опремување и за маркетинг на производите.

За модернизација на земјоделството ќе се обезбедат и 50 милиони евра кредит од Светска банка.

tags:


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...