Актуелно

Газдите задоволни од владините субвенции: Околу 25.000 работници чекаат повисоки плати

25 ное 2019

Работодавците што ќе им ги зголемат платите на работниците од 600 до 6.000 денари во следните три години на зголемената сума ќе плаќаат само персонален данок од 10 отсто за зголемената сума. Токму периодот од 3 години предизвикува дилеми

Пишува: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.mk

Од 20.000 до 25.000 вработени во приватниот сектор ќе добијат поголема плата во декември. Во Бизнис конфедерацијата на Македонија пресметале дека толку работници би биле опфатени со Законот за субвенционирани придонеси за зголемени плати што ќе почне да се спроведува од декември, почнувајќи од ноемвриската плата.

Станува збор за закон што го предложи Владата - сите работодавци што ќе ги зголемат платите на работниците од 600 до 6.000 денари на зголемената сума ќе плаќаат само персонален данок од 10 отсто.

Предвидено е мерката да важи три години, до 31.10.2022 година. Се однесува на компаниите што допрва ќе ги зголемат платите, како и на оние што дел од платата ја исплаќаат во кеш наместо на трансакциска сметка. Целта на владејачката партија е да поттикне зголемување на платите и на пензиската основица и да ја намали сивата економија со можност непријавените пари од платите во плик да се стават во легалните текови. Субвенционирање на придонеси може да користи обврзникот (работодавец и самовработено лице), кој не е во постапка на стечај или ликвидација, нема достасани обврски по основа на бруто-плата, бил во задолжително социјално осигурување и има зголемување на плата како разлика меѓу пресметаната нето-плата за месецот за кој се побарува субвенционирање на придонеси и основна плата исплатена од обврзникот во референтен период од 3 последователни месеци.

Владата ќе ги покрие придонесите со 6,5 милиони евра од буџетот.

Работодавците сами ја барале мерката

Иако дел од бизнис-заедницата реагираше дека на овој начин ќе се наградат „непослушните“ фирми, останува фактот дека првите луѓе на компаниите преку нивните здруженија сами ја барале мерката и ја оценуваат како позитивна за нивниот бизнис. Предлогот за поддршка, односно ослободување од социјални придонеси за износот на зголемена плата го поднела Бизнис-конфедерација на Македонија на седницата на економско-социјалниот совет, одржана во Владата на 1 мај годинава. На тој состанок бизнисмените побарале и предложиле: работодавците што можат да им ја зголемат платата на работниците до најмногу 6.000 денари да бидат ослободени од „товарот“ на социјалните придонеси, односно Владата да ги ослободи само за покачениот/зголемениот износ од вообичаениот/просечниот износ на плата исплатуван на работникот.  

Предвидено е мерката да важи три години. Се однесува на компаниите што допрва ќе ги зголемат платите, како и на оние што дел од платата ја исплаќаат во кеш.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци, потврдува дека компаниите сакаат да ги искористат придобивките од овој закон. 

Кај фирмите има интерес бидејќи и законот е во нивни интерес. Тој им дозволува тие малку похрабро да настапат со покачување на платите бидејќи придонесите на тој пораст на плати  ќе ги плати државата наместо нив. Ова би го искористил секој работодавец доколку е во можност. Нормално е да ја покачи платата. Тоа што треба да го сфатиме е дека согласно Законот, владата ќе ги субвенционира придонесите за пензиско и здравствено осигурување и  осигурување во случај на невработеност. Персоналниот данок или данокот на личен доход и нето-платата паѓаат на товар на работодавецот. Ќе има различни ситуации: на оние работодавци што ќе успеат преку подобра организација или особено преку набавка на нова опрема да ги подигнат нето-платите, субвенционирањето ќе им биде само одредено олеснување. Но, оние што ќе мислат дека само преку прекувремена работа можат да го направат тоа, од друга страна ќе ги изгубат и оние работници што ги имаат. Пaзарот треба да регулира кој е тој што ќе успее, а кој е тој што нема да успее. Државата не треба да влијае овде на нечие побрзо пропаѓање, пазарот ќе го направи тоа, изјави Димитров.

Уште еден аспект е карактеристичен за оваа мерка, за кој економските аналитичари не се децидни, а тоа се ефектите што со оваа мерка би се постигнало задржување на работната сила во земјава.

Што по три години?

Дали и по три години, кога ќе престане важноста на Законот, компаниите ќе се должни да продолжат да даваат повисоки плати? Дали, во меѓувреме, доколку бизнисот почне да оди надолу, компанијата ќе може да им ја намали платата на вработените? Ова се дел од дилемите што сега ги имаат работодавачите.

По завршување на важењето на законот за субвенционирање на приоднесите за раст на плата, висината на исплатената плата ќе зависат од финансиските можности на работодавачите и истата ќе се утврдува  во меѓусебен договор помеѓу работникот и работодавачот. Ако работодавачот ја намали платата во текот на важењето на законот, нема да добива субвенција за периодот во кој што ја намалил платата на работниците, велат од Министерството за труд и социјална политика (МТСП), кое е надлежно за спроведувањето на законот.

Управата за јавни приходи, пак, ќе проверува која фирма ги исполнува условите за да добие субвенции.

Препораки

Според анализата направена од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“, доколку сите приматели на плата во коверт добијат најмногу 6.000 денари како формална плата на сметка, уделот на приматели до 14.000 денари ќе се намали за една третина. Уделот на приматели на минимална плата-од кои 62 отсто се приматели на плата во коверт, ќе се намали од околу 20 отсто на 8,5 отсто.

Од „Фајнанс тинк“ препорачуваат износот на субвенциите постепено да се намалува, на 50 отсто во втората и 25 отсто во третата година од спроведувањето на мерката. Покрај тоа, дополнителна препорака е и платата на работникот да не може да се намалува по истекот на субвенционирањето, како и ограничување на субвенционирањето само за примателите на плати до 24.000 денари, опфаќајќи 87,5 отсто од примателите на плата во коверт.

Во секој случај, од Институтот нагласуваат дека е потребна и поефективна контрола од Државниот инспекторат за труд и одржување на информативно-едукативни кампањи за полезноста од исплатата на формалната плата.

Ангел Димитров: Ова би го искористил секој работодавец доколку е во можност.

А еве што за тоа велат бизнисмените: 

Љупчо Павловски, генерален директор на АД „Бадел 1862"

Мислам дека оваа мерка на Владата за субвенционирани придонеси за зголемени плати до 100 евра за следните три години ќе побуди интерес кај дел од компаниите, особено кај компаниите што се соочуваат со недостиг на квалификувани работници, или за задржување на веќе постојните работници преку зголемување на платите.

Меѓутоа, мора да се внимава ова зголемување на платите да биде проследено за зголемување на продуктивноста на трудот, во спротивно нашето стопанство ќе биде неконкурентно на светскиот пазар. Само со зголемена продуктивност на трудот оваа мерка на Владата може да даде позитивни резултати, а воедно зголемената плата би придонела за поголема куповна моќ и зголемена побарувачка на производи и услуги, и секако - задржување на младата и квалификувана работна рака во земјата.

Со сигурност не можам да тврдам колку е раширено плаќањето во кеш на работниците, но знам повеќе примери каде што вработените се пријавуваат на половично работно време, а работат полно работно време, каде што дел од платата се исплатува на трансакциските сметки на работниците, а дел во кеш. Искрено се надевам дека со оваа мерка на Владата ќе се намали оваа појава. Во колкав дел, не би можел да претпоставам, затоа што компаниите што исплаќаат дел од платите во кеш, со примена на оваа мерка на некој начин би се разоткриле, а воедно со легална исплата би ги зголемиле трошоците на работење за плати преку плаќање на персоналниот данок и други давачки кои би следеле со легализирање на приходите.

Мое мислење е дека оваа мерка е прифатлива и за нашата компанија, особено за делот на вработени со пониски лични примања, а што не би влијаело драстично врз профитабилноста на компанијата, но секако последниот збор го имаат сопствениците на компанијата од Хрватска. Мерката ќе биде добредојдена и за производни компании кои се соочуваат со недостиг на квалификувана работна сила и можеби и за трговските компании во малопродажба во кои вработените имаат прилично ниски лични примања, а зголемувањето на платите не би влијаело битно врз нивната конкурентност.

Хамим Даути, комерцијален директор во „Даути комерц“ 

Гледајќи ја ситуацијата во последните две години со работната сила во Македонија и пошироко во регионот, очигледно беше дека е потребно да се преземат некакви мерки. Покрај подобрување на општите услови во кои работат работниците, најважно беше да се зголемат платите, што на компании со голем број вработени, пак, директно им влијае врз профитот.

Јас сметам дека овој закон е добредојден за компаниите. Одлуката на Владата за субвенционирање на придонесите можеби требаше да се донесе и порано, но од друга страна, пак, никогаш не е доцна. Субвенционирањето на придонесите, прво и најважно, ќе има позитивен ефект и за компаниите и за работниците - ќе бидат помали трошоците при зголемување на платите во помалите компании. Кај поголемите компании, психолошки ќе ги „поттурне“ побрзо да донесат одлуки за исплаќање повисоки плати.

Негативен ефект од Законот може да биде само ако наивно калкулираме дека по три години не ќе можеме да ги намалиме платите поради целосно плаќање на придонесите.

Ние во „Даути комерц“ водиме бизнис кој своите почетоци ги има уште во 90-тите години од минатиот век, во едно несредено општество од кое последиците ги чувствуваме и ден-денес. За жал, уште има фирми кои преку готовинска исплата на дел од платите на работниците нè доведуваат во една неконкурентна позиција. Но, сите овие мерки што ги презема Владата, заедно со повисоката свест кај работниците кои во последно време бараат целата плата да ја добијат на сметка во банка, придонесува да се менува старата и лоша традиција за исплати во кеш.

Овој закон за нас во „Даути комерц“ е добредојден и ќе ни биде од корист. Во таа насока треба да продолжиме да работиме сите заедно (државата, приватниот сектор и работниците) со цел да го подобриме амбиентот за младите да имаат добра причина да останат тука. Во спротивно, ќе заминат надвор и потоа ќе биде многу тешко да се убедат да се вратат и да работат овде.   

Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија

Ние во Конфедерација на работодавци истражуваме за нивото на исплатени плати во земјата од страна на работодавците во приватниот сектор. Во просек, на околу 70.000   работници им се исплаќа минимална плата, поголемиот дел од примателите на минимална плата се вработени во микро и мали претпријатија кои ја имаат културата на минимално, но доволно исполнување на законските обврски (особено поврзано со исплатата на плати и социјални придонеси). Од друга страна, има претпријатија кои имаат остварено раст до 5% проценти минатата година, но тие се само 950 (од околу 71.000 регистрирани) претпријатија во економијата, исто така има и претпријатија кои би сакале да им ги зголемат платите на работниците, но социјалните придонеси се клучниот товар нив. Сепак, постојат претпријатија кои сериозно сакаат да им ги зголемат платите на работниците, притоа сакаат да бидат легални и да ја избегнат „сивата“ зона на работење, но се и сериозно свесни за состојбата и стандардот на своите вработени и сакаат да ги задржат на работа и да ги задоволат. Поточно, од целиот „микс“ на податоци, состојби и информации поврзани со исплатата на плати сметаме дека околу 20.000 до 25.000 работници ќе бидат опфатени со мерката од Законот за субвенционирани придонеси за зголемени плати и тоа во просечно ниво на покачување помеѓу 1.500 и 3.000 денари.

Плаќањето во кеш на работниците, како и секогаш, е резултат на скептицизмот и недовербата на бизнис-секторот кон државата и јавните институции. Сметаме дека овие субвенции ќе ја намалат таквата практика во минимален размер. На поединци од бизнис-секторот оваа мерка можеби ќе им влијае за зголемување на платите и воведување бизнис-култура на користење на мерките на Владата. Но, оваа мерка не е доволна да ги намали скептицизмот и недовербата кај преостанатиот дел од работодавците што и претходно користеле плаќање во кеш на работниците.

Нема други скриени трошоци за работодавците на краток рок - самото зголемување на платата е единствената основа за зголемен вкалкулиран/планиран трошок. Единствено  по 3 години, како што предвидува Законот, претпријатијата што ја користеле мерката ќе треба да продолжат да ги исплаќаат платите во истиот износ со вкалкулирани социјални придонеси и за зголемениот износ во рамките на мерката. Мора да појасниме дека Законот и самата мерка за субвенционирање на социјалните придонеси се незадолжителни и дека претпријатијата можат да ги искористат доколку можат и сакаат да го направат тоа. Не би сакал читателите да се стекнат со впечаток дека повторно фокусот е вперен кон претпријатијата што исплаќаат плати во плик, напротив, нашиот предлог е насочен кон вработените и стандардот на вработените. Би требало да ни биде јасно дека тие управители, сопственици и раководители што плаќаат минимална плата и остатокот од платата во плик нема да ја променат својата деловна „култура“ и секако ќе продолжат да се однесуваат на истиот начин. Овој предлог, односно Закон, е токму за тие претпријатија кои се грижат за своите вработени, за претпријатија што имаат проблем со нелојалната конкуренција во истата или сродната дејност (мислам на нерегистрирани дејности и работа на „црно“), за претпријатијата кои вложуваат во човечкиот капитал и кои се свесни дека најважната инвестиција е инвестирањето во своите вработени.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...