Актуелно

Скапа живејачка, евтина умирачка, ама ако е од увоз

21 дек 2022

 

 

Автор: Горан Теменугов, новинар 

Комуникацијата, дружбата со други луѓе, со чашка-две убаво македонско бело вино, многу пати отворила голем број теми кои за јавноста се релативно непознати. На една службена, но неофицијална новинарска дружба, расправајќи се за актуелната економска состојба, сосема случајно еден мој познајник ја отвори темата дека поевтино е да се увезе ковчег за погреб отколку да се произведе во Македонија. Причината е тоа што оваа погребална опрема има нула царина и е ослободена од данок на додадена вредност, како за увезена така и за домашните производи. Значи од странство, во овој случај од Србија, добиваш производ во кој е вклучена цената на тамошното производство и маржата. Но, проблемот со македонските ковчези е во тоа што за да се произведе, за репроматеријалите се плаќа данок на додадена вредност, во овој случај на штиците и тоа фул давачка, од 18%. Бидејќи финалниот производ е ослободен од ДДВ, фирмите што ја произведуваат оваа опрема немаат право на поврат на данокот. Генерално, затоа е поевтино да се купи странски ковчег отколку домашен.

Ова на прв поглед е мала работа. На толку нерешени проблеми во државава, што економски што политички, ова е само уште една споредна работа. За неа размислуваме кога ќе дојде времето, а не секојдневно.

А додека сме живи, овој однос кон ваков, на прв поглед минорен проблем само ни покажува во каква распадната состојба е нашата администрација, нашата држава. Едноставно, проблемот си постои, како што постојат и многу други. Уште поедноставно, за проблемот знаат и луѓето на кои во опис и попис на работата, а за што редовно земаат плата од државниот буџет, им е да го решат овој проблем. Наједноставно, некој референт би требало да го потегне овој проблем, па ако не може тој да го реши, нека му најде чаре неговиот шеф, а ако не може ниту тој, нека го реши директорот на институцијата. А ако и тој не може, нека го потегне прашањето во ресорното министерство, па таму некој референт да го реши. Ако и тој не може, нека го реши неговиот шеф, а ако и тој не може, ете проблем за решавање за министерот. Доколку и тој не е кадарен или едноставно законите не му дозволуваат, ете можност и владата да реши нешто.   

Дали со ваква партизирана администрација воопшто имаме одржлив политички и економски систем? Одговорите секој нека си ги даде сам за себе, а дотогаш скапо ќе живееме поради инфлацијата...

За да не се измачувате со броење, наведов седум можности како да се реши еден единствен проблем. Ако секој си ја работи работата, веројатно нема да има потреба да се поминат сите седум нивоа. Но, зошто ова не се решава? Навистина, зошто?

Проблемот за нерешавањето се обидов да го разјаснам со еден мој пријател на заедничка дружба, која редовно се претвора во дискусија за функционалноста на правниот, но и на државниот систем во Македонија. Мојот став зошто никој вработен на пониските скалила во институциите не го решава проблемот е дека таму работат партиски вработени лица што не се дојдени што било да сработат, туку само да земаат плата од буџетот.

Но, мојот пријател беше со малку поразличен став од мене. Тој верува дека во државните институции работат професионалци, кои сериозно се потиснати, пред сè, од политички поставените шефови и министри. Вели дека дел од вработените си ја работат работата, учествуваат во изнаоѓање решенија, во давање предлози и решенија, но партиските шефови и, пред сè, некадарни министри нивниот труд го отфрлаат и не се потпираат на нивната експертиза која е акумулирана со години работејќи во дејноста. Едноставно, со еден потег предлозите ги отфрлаат и си носат решенија според своја замисла или нешто што е смислено во партиски штаб. Затоа, со текот на годините, и овие професионалци кренале раце од својата работа и затоа хибернираат и се дел од секојдневното неработење и нерешавање на проблемите.

И да се вратиме на сандаците. Можеби проблемот е мал, но од друга страна е само показател на општиот распад на функционирањето на администрацијата. Затоа слободно можеме овој проблем да го пресликаме на сè што ни се случува во државава и затоа само назадуваме. Затоа, прашање е дали со ваква партизирана администрација и поставување политички послушници, а не професионалци, воопшто имаме одржлив политички и економски систем. Одговорите секој нека си ги даде сам за себе, а дотогаш скапо ќе живееме поради инфлацијата, а ако ни дојде најлошото, сеедно ќе ни биде, како што ѝ е во моментов на администрацијата.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...