Актуелно

Горан Теменугов: Неподготвени

16 мар 2022

На 24.2.2022 година ни се случи она што никој од нас, овде во Европа не го очекуваше. Војна од поголеми размери на Стариот Континент. Русија ја нападна Украина. За разлика од војните во поранешна Југославија, овој пат во војна се две земји кои се повеќемилионски, со современо оружје и кои имаат сериозно влијание врз светската економија. Тоа, пред сè, е Русија, која е многу важна во секторите енергенти, метали и храна, пред сè кај пченицата, додека Украина е важна во производството на жито, на пченка.

 

Пишува: Горан Теменугов, економски новинар 

Во период кога во 2021 година цел свет, а со тоа и Македонија се бореше со повисоката инфлација поради зголемените цени на енергентите и на храната, секако и поради нарушените синџири за снабдување со одредени производи, оваа војна дополнително ќе ја усложни светската економија која се обидува да закрепне од пандемијата на ковид-19.

Освен големата трагедија што ја носи секоја војна бидејќи страдаат човечки животи, нападот од страна на Русија дополнително ќе им го загрози животот и на живите, но не само во Украина. Инфлацијата и уривањето на светските пазари ќе ги погодат најсиромашните и, секако, она што остана од средната класа.

Богатите немаа, ниту ќе имаат проблеми.

Овде во Македонија, Државниот завод за статистика пресмета дека во јануари 2022 во споредба со истиот месец лани трошоците за живот пораснале за 6,7 насто. Да биде појасно, ако производ лани во јануари чинел 1.000 денари, сега би чинел 1.067 денари. Но, ова е кога ќе се стави на купче. Ако се отвори структурата на инфлацијата, ќе се види дека три ставки, токму оние што се најзначајни за граѓаните, пред сè, за сиромашните, имаат најмногу зголемување на цените. Така, храната и безалкохолните пијалаци за една година се поскапи за 9,2%,  домувањето, вода, електрика, гас и други горива за 7%, додека кај транспортот е најголемото зголемување од 16,7%.

Нападот од страна на Русија дополнително ќе им го загрози животот и на живите, но не само во Украина. Инфлацијата и уривањето на светските пазари ќе ги погодат најсиромашните и, секако, она што остана од средната класа.

Во вакви услови, војната во Украина и санкциите кон Русија што се најавуваа и дел почнаа да се спроведуваат во време на пишувањето на текстов, само ќе ја усложнат целава состојба со цените.

И, што може да се направи. За жал, повторно се добива впечаток дека во Македонија тапаните чукаат по свадбата, а не за време на веселбата. За разлика од нашиот северен сосед Србија, која ги наполни стоковите стратешки резерви непосредно пред ескалација на кризата, ние како да станавме свесни дека ќе имаме проблеми дури откако се случи 24.2.2022 година.

Во наредниов период ќе треба да се пополнуваат настанатите дупки поради продолжената криза со пандемијата и зголемената инфлација. Секоја држава, така и нашава, ќе најде пари за ова. Да, ќе платиме поскапо, но тоа е тоа. Краткорочно финансиско решение ќе се најде, но јавниот долг повторно е над 60 отсто од БДП и изнесува 7,1 милијарди евра, а ќе треба да се задолжуваме и за други работи. И тоа многу.

Проблемот е во тоа што целата македонска економија полека пука по своите рабови. Властите ги кријат вистинските бројки од енергетската криза, пред сè, во секторот електрична енергија. Оперираат со околу 200 милиони евра иако според експертите, оваа бројка е два до пет пати поголема. А ќе се зголемува бидејќи Украина и Русија се сериозни играчи на овој пазар.

Кога една држава е во ваков виор од криза, убаво би било и власта, СДСМ и ДУИ, како и опозицијата ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците да размислат дали единственото нешто околу кое се согласија е осудата на Русија затоа што ја нападна Украина или треба да си седнат и да позборуваат малку и за економијата и за кризата. И да се договорат оти во Македонија во зоната на сиромаштија се 800.000 жители или речиси половината од населението.   

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...