Актуелно

Горан Теменугов: Ветувања

13 окт 2021

Во ова ново предизборие кое ќе заврши на 17 октомври, кога би требало да го дадеме гласот за нашите политички фаворити и за кои ќе сметаме дека ќе ни ја внесат општината не во 21 туку во 22 век, се изнаслушавме буквално сè.

Пишува: Горан Теменугов, новина

Дефинитивно, најтешко е да се пишува во време на избори. Без разлика дали се локални, како сега, парламентарни или претседателски. Пишувањето во предизборие предизвикува чемер и јад кај секој што барем малку држи до својот здрав разум и ментална хигиена. Уште поболно е ако тој што пишува, се занимава како новинар со економија во државата последните 22 години. Природно би било, со текот на времето, очекувањата на човекот да се зголемуваат. Да добиваат нов квалитет бидејќи работите треба да се подобруваат и да се зголемува основата или богатството, редот и поредокот. Ова би било нормално во секоја земја во која има прогрес, во која работите се движат по природен, еволутивен пат.

Но, секогаш кај нас постои ова НО. Во ова ново предизборие кое ќе заврши на 17 октомври, кога би требало да го дадеме гласот за нашите политички фаворити и за кои ќе сметаме дека ќе ни ја внесат општината не во 21 туку во 22 век, се изнаслушавме буквално сè.

Нашите политичари ветуваат бесплатен јавен превоз во Скопје, дека одредени градови ќе имаат дури 24 часа вода за пиење или дека ќе нема веќе илјадници диви депонии. Ова се типични ветувања за една средена европска земја која е на прагот да почне преговори со Европската Унија, но ете, еден сосед нè кочи на нашиот успешен и блескав пат.

Ветувањата на локалните политичари ги засилува и централната власт, која во моментов политички речиси апсолутно ги контролира локалните самоуправи, односно општините и Град Скопје како посебна територијална единица. Владејачките партии на централно ниво, СДСМ, ДУИ, БЕСА и ДПА, владеат во над 70 од 80 општини, плус и во Град Скопје.

За да ги поддржи своите градоначалници, власта во само неколку дена најави многу работи. Најавија дека до Нова година минималната плата ќе биде 18.000 денари или за 2.800 повеќе од сега. Дека пензиите од Нова година ќе се усогласуваат не по еден основ, како сега само со порастот на инфлацијата, туку и со порастот на просечната плата. Се најавија и нови, дополнителни субвенции за земјоделците, а врв на ветувањата е најавата дека јавната администрација во петок ќе работи само четири наместо осум часа.

Промовирањето мерки кои се целосно неиздржани и за кои нема никаква економска оправданост покажува дека во догледно време нема да се зафатиме со вистинско решавање на проблемите во државава.

Секоја од овие најавени мерки може посебно да се анализира и за секоја може да се постави основното прашање, а тоа е која е економската логика во сето ова. Ова прашање може да се постави и за најавите за бесплатен јавен превоз. И одговорот е еден и едноставен, а тоа е логика нема, а нема ни економска оправданост.

Во сево ова има само додворување до одреден број гласачи. Се таргетираат 322.000 пензионери и околу 135.000 лица во јавна администрација, односно најсигурното гласачко тело. Целта е да се мотивираат и да излезат на гласање, а од друга страна, да се демотивира она малку преостанато неутрално гласачко ткиво кое бара и очекува од политичарите јасни концепти и одговори, јасна визија и, секако, детектирање и решавање на вистинските проблеми на граѓаните. Во овој случај на локално ниво.

Промовирањето мерки кои во стручната, но и во партиски неопределената, а ангажирана јавност се дочекуваат како целосно неиздржани, како работењето на администрацијата само четири часа во петок, за што нема никаква економска оправданост, а има и верски мотив, за да може дел од верниците да одат на петочната молитва, покажува дека во догледно време нема да се зафатиме со вистинско решавање на проблемите во државава.

Ветувањата за овие избори, директни и индиректни (само да споменам дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ вети дури 14.835 проекти за сите општини), ќе ги продлабочат во наредниве три до четири години проблемите во економијата. Дека не блескаме и дека е лошо, и пензионерите и администрацијата, но и сите други ќе видиме при следната глобална економска криза која, според мене, веќе е почната и прашање е како ќе се развива и колку ќе биде длабока. Но, за Македонија, во вакви услови, со огромен јавен долг, со нови и нови економски неиздржани мерки, и најмал надворешен потрес ќе биде страшен.

 

 

 

 

 

 
 
 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...