Актуелно

Тема на InStore: Интелигентни решенија во FMCG - секторот

01 сеп 2021

Специјално изработени платформи помагаат во транспортот, во логистиката, во продажбата... Напредни компании бараат напредни софтвери. Светот ги користи, како е кај нас?

Пишува: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.mk

Трговците и дистрибутерите постојано трагаат по модули кои ќе им овозможат поефикасна логистика, подобро управување со деловните процеси, поголеми заштеди... Цели тимови за иновации работат на тоа како повеќе да ги вклучат роботите за потешките задачи во магацините, како со паметни решенија да се избегнат метежите на касите во супермаркетите, како високата технологија да биде во служба и на FMCG-секторот во целина.

Софтверски решенија што ги користат големи меѓународни корпорации се одомаќинуваат и кај компаниите во регионот и кај нас. На пример, „Нелт“ - Србија во мај годинава (по една година подготовки) почна да спроведува проект за дигитализација во доставата. Во првата фаза, новиот модел за брза и едноставна размена на податоци со купувачите беше применет само во регионалниот центар на „Нелт“ во Ниш. Во јуни продолжи со имплементација на целата територија на Србија, со намера да се прошири во регионот на Западен Балкан. Сега на принципалите, клиентите и купувачите на „Нелт“ им е овозможено побрзо, потранспарентно и поточно следење на податоците преку порталот “Track And Tracе”, на кој му се пристапува преку глобалната страница www.nelt.com.

Во делот на трговијата, пак, веќе станува практика да се пазарува со паметни колички, да се купува од продавници без каси, да се користат апликации за полесно пазарување или да се плаќа само со дланка. За тоа помогна и глобалниот развој на ИКТ-секторот, чиј бум не беше сопрен ниту во ланската пандемска година. Според податоците на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), во ИКТ-секторот растат и бројот на компании и бројот на вработени, но сепак недостига соодветна работна сила за специфични вештини. Од друга страна, од компаниите велат дека се случува да ги „надраснат“ своите локални ИТ-партнери, па се принудени подобри софтверски решенија да бараат надвор од државата. За искуствата на компаниите што работат кај нас во врска со користењето напредни софтвери, можете да прочитате подолу во рамки на текстот, во одговорите на претставници на две големи компании: Станислав Бојаџиев, генерален менаџер на „Орбико“ за Македонија, Албанија и Косово, и Дино Шкријељ, директор на логистика во „Кола“. Податоци за ИКТ-секторот во Македонија дава Анита Накова, извршна директорка на (МАСИТ). 

Станислав Бојаџиев, генерален менаџер на „Орбико“ за Македонија, Албанија и Косово

Ги користиме најдобрите решенија од гиганти и од локални компании

Кои напредни FMCG-софтвери ги користи Вашата компанија во секојдневното работење?

„Орбико група“, како дистрибутер во повеќе од 20 земји во Европа, користи неколку различни софтверски платформи за тековното работење. Во повеќето земји користиме специјално изработена програма од хрватската компанија „Соно ИТ“, преку која се имплементирани повеќето решенија. Имплементацијата на оваа програма заедно со платформата на „Мајкрософт“, „Динамик НАВ“, ни овозможува да добиеме врвна  поддршка за сите услуги што ги нуди нашата компанија во делот на складирање и дистрибуција на различен асортиман на производи. Имајќи предвид дека работиме со светски познати брендови, потребата од напредно софтверско решение е и повеќе од неопходна. Главна карактеристика на софтверот е лесно поврзување на сите земји од „Орбико група“ со цел побрз и полесен трансфер на информации кои се клучни во денешното време. Платформата ни помага да може прецизно и полесно да ги извршуваме сите процеси неопходни за квалитетната услуга што ја нудиме во моментов, а истовремено да ги задоволиме барањата на принципалите и потрошувачите. „Орбико Македонија“ во моментов користи софтвер од домашен понудувач на услуги за решенија во доменот на нашето работење, кој целосно е адаптиран во исполнување на сите сегменти потребни за задоволување на нашите и потребите на нашите клиенти. Сепак, поврзаноста со другите земји од групација постои и е соодветна на условите што во моментов се бараат.

Колкава е разликата во работењето пред и по користењето напредна софтверска технологија?

Пред имплементацијата на сегашниот софтвер не можевме да ја добиеме поврзаноста што ни беше потребна, како и лесниот и точен проток на информации. Во моментов е олеснето следењето на сите тековни процеси во компанијата, почнувајќи од планирањето на набавките, следење на продажбите, материјалното и финансиското работење, како и навремена и точна дистрибуција на производите. Придобивки има и во магацинското работење, каде што сега може полесно да се следат резервите, да се води евиденцијата на количините и роковите, како и нивното целосно движење сè до самиот купувач преку модерен и софистициран WMS-систем. Во блиска иднина планираме да го модернизираме уште повеќе делот на оптимизација на магацинскиот простор и ракувањето со производите преку имплементација на автоматизирани процеси, вклучување роботски системи за спремање и товарање на нарачките.

„Орбико група“ во дел од земјите веќе започна со пилот-проекти на целосно автоматизирани возила во магацинските простори, кои во иднина би требало да ја намалат потребата од човечката сила. Намалено е влијанието на човечкиот фактор во повеќе сегменти каде што претходно можноста на софтверот и неговите решенија не биле возможни.

Самото користење на софтверот ни ја олеснува секојдневната работа во повеќе сегменти, а со тоа ги намалува и оперативните трошоци, кои се важни за секоја компанија.

Имате ли во план дополнителна модернизација со паметни решенија, во блиска иднина? Во која насока?

„Орбико Македонија“ има цел уште повеќе да се доближи до крајниот потрошувач, како и да го олесни пристапот за своите услуги. Веќе воведовме електронска комуникација со сите клиенти на посебно изработена платформа со која го олеснивме и го подобривме процесот во делот на нарачки и документација. Во блиска иднина планираме целокупната размена на сите документи да биде преку електронска форма, со која ќе се заштеди на време и ресурси. Планираме уште повеќе да се посветиме на онлајн-трговијата како нешто веќе неминовно, нешто кое е веќе секојдневие и процес на кој мора да се вложува сè повеќе. Како што веќе напоменав, „Орбико“ почна со имплементација на автоматизација во магацински процеси, а истовремено се унапредуваат решенија и во другите сектори како, на пример, во човечки ресурси и планирањето на набавките и резервите.

Со помош на Power BI, можеме да кажеме дека значително го подобривме следењето на секој наш вработен во поглед на неговите перформанси, за подобрување на продуктивноста на нашите вработени.

 Колку нашиот регион е блиску (или далеку) од современите западноевропски земји во доменот на користење напредни софтвери за купување/плаќање во продавниците, организацијата на логистиката, управувањето со магацинскиот простор...?

Би кажал дека не заостануваме од развиените земји во поглед на користењето и имплементацијата на софтверските решенија. Напротив, сметам дека денес тука се користат слични решенија кога се во прашање личните потреби и потребите на купувачите. Во нашиот пример ги користиме најдобрите решенија и од гиганти како „Мајкрософт“, па и од локални компании, што значи дека апсолутно и кај нас постојат соработници кои можат да ги задоволат сите потреби за ефикасно работење. Модернизацијата е сеприсутна и технолошкиот напредок во поглед на софтверски решенија веќе се применува кај нас во сите сегменти од работењето. 

(прашањата се одговорени со помош на нашите колеги – Антонио Василевски, ИТ-менаџер и Дејан Грегориќ, менаџер за логистика)

Дино Шкријељ, директор на логистика, „Кола“

Добро развиен софтвер за егзактни, точни и навремени податоци

Кои напредни FMCG-софтвери ги користи „Кола“ во секојдневното работење?

Во секојдневното работење компанијата ги користи следните софтвери: ЕРП – УПИС, Мобилна апликација за порачување, Магацинско работење WMS, Data Sense BI, FLSM Апликација – Сампро. Кратко појаснување за наведените софтверски решенија: сите податоци од дневното работење од сите сектори се слеваат на соодветно место во стабилен и сигурен ЕРП-софтвер УПИС, сопственост на компанијата ИИБ од Белград. Во рамките на тој софтвер се користат и дополнителни апликации, како што е софтвер за магацинско работење (WMS) и апликација за мобилно нарачување.

Дополнително, секторот за продажба користи и апликација развиена од наша страна со помош на компанијата „Сампро“ од Белград, која е поддршка во процесот на продажба и следење на исполнување на зададените цели. Податоците заземаат соодветно место во ЕРП и оттаму црпи информации и BI-софтверот, сопственост на компаниjaта „Дата сенсе“ од Загреб.

Колкава е разликата во работењето пред и по користењето напредна софтверска технологија?

 

Постои една изјава до која што се држиме: „Не можеш да менаџираш нешто што не можеш да го измериш. Не можеш да измериш нешто што не можеш да го опишеш.“ За успешно менаџирање на секоја компанија, потребни се егзактни, точни и навремени податоци, а единствен начин да се добијат е преку добро развиено софтверско решение. Сметаме дека компании што подолг период функционираат на „чувство“ се осудени на неуспех.

По имплементирањето на софтверските решенија се појавија многу важни информации кои беа невидливи претходно и тие беа индикатор за одредена аномалија. Битно е да се нагласи дека какво било софтверско решение има смисла само доколку има сериозен „know how“ зад тоа и доколку постои добро обучен менаџерски тим, кој точно знае кои податоци му се потребни за да се донесат квалитетни одлуки.

Имате ли во план дополнителна модернизација со паметни решенија, во блиска иднина? Во која насока би била модернизацијата?

Глобализацијата носи многу предизвици во делот на логистиката. Продажбата очекува од логистиката идеална услуга, почнувајќи од менаџирање на резерви, па сè до испорака до крајниот купувач. Поради тоа, во логистиката има многу предизвици за кои се потребни софтверски решенија. Во иднина планираме ажурирање на WMS-системот, каде што пописот наместо за 2-3 дена, би се правел за 2 часа.

Колку нашиот регион е блиску (или далеку) од современите западноевропски земји во доменот на користење напредни софтвери за организацијата на дистрибуцијата и логистиката, управувањето со магацинскиот простор и сл.?

Нашето искуство е дека регионот е многу далеку од современите западноевропски земји, меѓутоа, вината за тоа е поделена помеѓу бизнисот и ИТ-компаниите. Факт е дека регионалните ИТ-компании премногу бавно прават надградба на своето првично ИТ-решение и остануваат на својата 1.0 верзија или прават некои незначајни измени во софтверот. Често се случува компаниите да ги надраснат своите локални ИТ-партнери, така што фирмите се принудени да го бараат своето ИТ-решение надвор од државата. Тоа, од друга страна, освен поголеми трошоци, многу често води и до многу лоша ИТ-поддршка. Скапите решенија и лошата ИТ-поддршка се често причина што компаниите се откажуваат од имплементација на одредени софтверски решенија.

Анита Накова, извршнa директоркa, МАСИТ

Рекордна година за ИКТ-секторот

Пандемската година не само што не му наштети на ИKТ-секторот туку напротив, го поттикна неговиот развој, особено со оглед на фактот дека голем дел од фирмите од другите сектори беа принудени да се префрлат на работа од далечина (remote working), а сето тоа беше овозможено од платформи и софтверски решенија кои беа креирани од ИТ-индустријата.

И најновите податоци за 2020 година на МАСИТ го потврдуваат горенаведеното. Тие покажуваат дека бројот на компании во ИКТ-секторот е зголемен за околу 200 нови компании во 2020 година и во моментот имаме вкупно 2,378 компании што работат во тој сектор во Македонија. Бројот на вработени е уште еден показател кој расте, при што ИКТ-индустријата броеше 16.712 вработени во 2020 година, достигнувајќи раст од 8% или околу 1.200 нови вработени во 2020 година во споредба со претходната година. Дополнително, во Македонија 2020 беше рекордна година за ИКТ-секторот, при што тој оствари вкупен приход од речиси 1 милијарда евра (985.269.985 евра), што претставува раст од 12% во споредба со 2019 година. Исто така, извозот на ИКТ-услуги порасна за 10,7% споредено со претходната година и достигна над €241 милион во 2020 (споредено со околу €218 милиони во 2019 и €183 милиони во 2018).

И покрај овој раст, заклучокот е дека растот на ИКТ-секторот е ограничен поради недостигот на соодветна работна сила, при што истражувањата на МАСИТ покажуваат дека дефицитот е особено нагласен во делот на сениор софтверски инженери.

Во извештајот за целокупниот ИКТ-сектор, кој МАСИТ го спроведе во 2019 година, со помош на проектот ИМЕ 2 финансиран од швајцарската амбасада, беа вклучени повеќе релевантни бројки кои укажуваат на генералната состојба во ИКТ-пазарот. Меѓу нив се и податоците од Државниот завод за статистика, каде што се наведува дека во 2019 година имало 685 дипломирани студенти на ИКТ-студии, што резултирало со недостиг од 568 луѓе имајќи го предвид просечниот годишен раст од 1.253 нови работни места. Проектираниот недостиг на работна сила во ИКТ-секторот за периодот 2020-2023 година, пак, е дури 5.142 работници според податоците на МАСИТ. Овде во најголема мера зборуваме за професиите од различните области од STEM (science, technology, engineering and mathematics).

Останува да се спроведат дополнителни анализи за тоа кои сектори инвестирале најмногу во ИКТ-алатки и какви придобивки имале од тие инвестиции. Претпоставката е дека FCMG-секторот е еден од водечките сектори што, поради брзата потреба на прераспределување на ресурсите и мобилизирање нови луѓе, има направено значителен раст во искористување на ИКТ-алатките.

tags:


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...