Работење

Антонио Зрилиќ: Cash-flow king

21 јун 2020

Мртвата залиха претставува готовина која веројатно ви е потребна за други активности. Затоа, време е да почнете со нејзиното ослободување, веднаш!

Автор: Антонио Зрилиќ, „Логико“

Веќе во неколку продолженија на серијалот за оптимизација на залихите пишував за начините за претворање на залихите во готовина. Еден клиент со кој работев пред десет години во еден момент имаше повеќе од 40% мртви залихи. Совети за решавање на мртвите залихи и нивно претворање во готовина никогаш не се доста, па еве неколку во таа смисла:

8. Продажбата на мртвите залихи не е како обично распродажба

Кај еден клиент дефиниравме дека мртва залиха е стоката што не се продавала повеќе од 24 месеци. Мртвата залиха е поинаква од стоката за распродажба; стоката што се вбројува во мртви залихи главно е постара и намалена е побарувачката за неа. Ако забележите дека на некој слој од мртвите залихи купувачите не реагираат, повлечете ги и донесете нешто друго напред, а подоцна вратете го тој слој во првиот ред, но овој пат со поголем попуст. Ако се обидете да ја продадете само со дополнително намалување на цените, како што можевте да направите со стоката на распродажба, тогаш само ќе го засилите чувството кај купувачите дека таа стока не е посакувана, дури ни за таа пониска цена.

9. Изработете мерчендајзинг-план и продажна стратегија за минимизирање на влијанието на мртвите резерви врз редовните деловни активности

Последната работа што ја сакате е вашата продавница да изгледа како да се затвора. Тоа е причината зошто овој бавен, континуиран пристап најдобро одговара и најважната работа е вашата мртва залиха никогаш повеќе да не зазема голем дел од вашата вкупна понуда. Немојте да го правите тоа што го имам видено во некои фирми, купувачите едвај да можат да влезат во продавницата поради мртвите залихи што стојат на влезот. За поголемите предмети, како што е мебелот, можете да ги изложите овие залихи во соба која е јасно издвоена и означена. Битно е да не заборавите дека некурентните залихи  не треба да заземаат поголем дел од вашата продавница и да не пречат во вашиот мерчендајзинг-план и продажна стратегија. Така, на пример, еден дистрибутер на премиум брендовите во својот малопродажен објект кој служи како show-room, покрај премиум брендовите ставил „катче“ за распродажба на мртвите залихи. Да не дојде до забуни, ова не е добар пример!

10. Ставете цена што ќе биде двигател

Мртвите залихи се мртви единствено затоа што не се движат. Малку корист ќе имате од вложените време и труд за таквите залихи да ги сегментирате, означите и изложите ако не им ставите соодветна цена која ќе ги придвижи. Заборавете на тоа колку сте платиле за таа стока и на книговодствената вредност што стои во вашите книги. Тоа веќе не е битно! Дозволете ова да го повторам уште еднаш: Заборавете на тоа колку сте платиле за таа стока, бидејќи тоа веќе не е релевантно! Тоа било тогаш, а сега е нешто сосема друго! Тоа што е релевантно сега е цената што купувачите се подготвени да ја платат за неа, и тоа сега! Тоа што сега е релевантно е цената што купувачите се подготвени да ја платат! Знам што ќе кажете... Вашиот книговодител ќе излезе од кожа, а ниту управата скока од радост со оглед на тоа што цената е веројатно далеку под цената што вие сте ја платиле за набавка. Меѓутоа, како и сè друго во малопродажбата, ако за нешто не сте сигурни и сте во дилема што да направите, прашајте ги своите купувачи (метафорички кажано). Вашите купувачи многу брзо ќе ви кажат дали сте ја ставиле вистинската цена или не, а во цената што стои во деловните книги можете да го уверите единствено вашиот книговодител.

11. Продажба на пошироката јавност

Ако постојните купувачи не се заинтересирани за мртвите залихи, обидете се да допрете до јавноста преку продажба во дворот (yard sale) или отворен тип продажба (open house). Ставете шатор во дворот пред продавницата или магацинот, направете скара и неколку звучници и имате народна веселба која ќе ви донесе корист. Компаниите што имаат големи отворени простори пред магацините имаат можност да привлечат дополнителни купувачи со постојано изложување и продажба на мртвите залихи. Дури и ако производите не се продадат веднаш, барем мртвите залихи не заземаат поголем простор потребен за производите што создаваат приход.

Ако не можете да ја одржите продажбата на самото место, можете производите од мртвата залиха да ги понудите на интернет. Онлајн-аукциите се едноставен и ефикасен начин за генерирање приходи од мртвите залихи.

12. Само затоа што е мртов на еден пазар, не значи дека е мртов и на друг

Како и кај другите работи, така и кога се во прашање мртвите залихи, тоа што за еден човек е отпад, за друг е богатство.

Можете да креирате каталог за своите мртвите залихи и да им го испратите по е-пошта на други дистрибутери надвор од вашата географска област. Понудата на бесплатен превоз за продажба на овие производи често дава добри резултати. Еден клиент едноставно на својата интернет-продавница стави попуст на некурентните и мртви залихи и веќе неколку месеци има позитивни резултати.

13. Донации

Кога сето друго нема да успее, секогаш може да ги донирате производите во добротворни цели и тоа да се искористи како даночно олеснување. Кога сте соочени со голем број мртви залихи, битно е да направите јасна и реална процена, што сè е потребно да се направи за да се придвижат. Мртвата залиха претставува готовина која веројатно ви е потребна за други критични деловни активности, како што се исплата на доставувачи, намалување на долгот кон банките, зголемување на асортиманот или залиха на клучни производи и категории. Тогаш, што чекате? Време е да почнете. Некои закони се многу бавни во поглед на ослободување на донациите од данок на додадена вредност, но и тоа, со притисок од медиумите, полека се менува, особено кога станува збор за храната.

Заклучок

Кога сте соочени со куп мртви залихи, битно е да направите јасна и реална процена што е биде потребно да направите за тие да се придвижат. Мртвата залиха претставува готовина која веројатно ви е потребна за други активности. Затоа, време е да почнете со нејзиното ослободување!

Истовремено, со акцијата за решавање на постојните мртви залихи, многу важна активност е да ги пронајдеме причините и да дознаеме зошто е дојдено до нив.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...