Работење

Вали Марсзалек: Може ли да се измери општествената вредност?

23 сеп 2021

Денес е сосема јасно дека секој бизнис е важен двигател за сите промени во општеството и како таков е клучен фактор и составен дел од заедницата и од општеството.

Автор: Вали Марсзалек, извршна директорка на мрежата „Глобал компакт“ – Хрватска, vali.marszalek@globalcompactcroatia.hr

Општествено одговорното работење, одговорноста кон заедницата, влијанието врз општеството и околината... се теми за кои сѐ повеќе се размислува, зборува и се расправа во бизнис-заедницата. Компаниите од сите големини и од различни сектори ја препознаваат потребата и чувствуваат одговорност соодветно да одговорат на променливите социо-економски и еколошки притисоци.

Од таа причина, „Агенда 2030“ и нејзините цели за одржливост се наметнаа како апсолутен приоритет за сите економии и држави во светот. Ако сакаме да напредуваме, да се развиваме и да останеме конкурентни на глобално променливиот пазар, мора да водиме сметка за влијанието на бизнисот врз општеството. Повеќе никој не гледа на бизнисот како на одвоен од заедницата. Дури и се напушта пристапот кон околината, општеството и работењето како кон три одвоени елементи, кои само делумно се преклопуваат. Денес е сосема јасно дека секој бизнис е важен двигател за сите промени во општеството и како таков е клучен фактор и составен дел од заедницата и од општеството.

Постои и друга важна причина за зголемениот фокус на општественото влијание на бизнисот, како и сѐ поголемата потреба од негово нагласување во комуникацијата со јавноста. Станува збор за промените што во последните години забрзано се случуваат на инвеститорската сцена.

Кај одговорното инвестирање се води сметка за можните негативни ефекти и се избегнува вложување во производи и услуги што потенцијално може да му нанесат штета на општеството.

Општествено одговорните инвестиции, одржливото вложување и импакт-инвестициите се насоките по кои се движат инвеститорите, настојувајќи да ги максимираат позитивните и да ги минимизираат негативните ефекти од работењето. Во процесот на донесување одлуки од страна на инвеститорите се вклучени важни општествени и еколошки фактори, со кои тие можат да ги проценат ризиците и повратот. Посебно место има импакт-инвестирањето, кое покрај финансиската добивка, има цел да постигне и позитивен ефект врз општеството и врз околината. Позитивното влијание врз луѓето и врз заедницата е апсолутен приоритет при донесувањето на одлуките за вложување.

Важно е да се нагласи дека приоритет за одговорното и одржливото вложување е финансиската добивка, додека во однос на влијанието врз општеството, се внимава да не се направи штета, односно инвестицијата да не генерира негативни ефекти врз заедницата. Од друга страна, инвестирањето со општествен учинок бара и позитивен ефект од компаниите врз општеството и врз заедницата, при што е важно да се докаже, измери и транспарентно да се прикаже општествената вредност што компанијата ја остварува. За разлика од финансиската вредност што ја генерира, општествената вредност не е едноставно да се измери. Сепак, постојат алатки и насоки како тоа може да се направи на одговорен и транспарентен начин.

Теоријата на промени, користејќи ги целите за одржлив развој како патоказ, помага да се донесат правилни бизнис-одлуки, со кои компанијата ќе може да обезбеди инвестиции, развој и пораст со значително позитивно општествено влијание.

Што, всушност, е општествениот учинок, т.е. таа дополнителна вредност, и како може да се докаже? Општествениот учинок е ефектот што бизнисот го има врз луѓето и врз заедницата, кој се случува како резултат на активност или неактивност. Како составен дел од општеството, секоја организација има одредено влијание. Токму претприемачите треба да бидат лидери во остварувањето на позитивниот ефект во општеството. Општествениот учинок (социјалниот импакт) е двигател на нивното работење.

Поаѓајќи од проблемите во заедницата и нудејќи решенија преку своето работење, тие многу побрзо и поефикасно одговараат на новите општествени и пазарни барања, а освен тоа, остваруваат и реална мерлива вредност. Тука доаѓаме до другата важна компонента на општествениот учинок, а тоа е мерливоста. Зошто е таа важна?

Кај одговорното инвестирање се води сметка за можните негативни ефекти и се избегнува вложување во производи и услуги што потенцијално може да му нанесат штета на општеството. Новата генерација инвеститори, т.н. импакт-инвеститори, сакаат да вложат пари со позитивен општествен и финансиски поврат. Додека финансискиот поврат е релативно лесно да се прикаже, компаниите што бараат вакви инвестиции мора да бидат во можност да го измерат и докажат повратот на инвестицијата во општеството, што изгледа прилично комплицирано. Некои импакт-инвеститори ќе бидат заинтересирани за одредени општествени прашања или географски области, додека други ќе можат да обезбедат капитал за различни социјални прашања. За да го привлечат нивното внимание и интерес, односно да ја добијат инвестицијата, општествените претприемачи мора да ја докажат општествената вредност на своите производи.

Постои одлична алатка што може да им помогне во ова, а тоа се целите за одржлив развој (SDG – Sustainable Development Goals), нивните потцели и показатели. Со оглед на широчината и сеопфатноста на целите, потребно е да се користи методологијата на теоријата на промени, земајќи предвид неколку прашања поврзани со луѓето и заедниците на кои општествените перформанси на компанијата им ја носат потребната вредност. Теоријата на промени, користејќи ги целите за одржлив развој како патоказ, помага да се донесат правилни бизнис-одлуки, со кои компанијата ќе може да обезбеди инвестиции, развој и пораст со значително позитивно општествено влијание.

Освен јасната идентификација на тие што треба да ја почувствуваат промената како резултат на активноста на компанијата, потребно е да се разбере и текот на промената и да се препознаат нејзините позитивни и негативни, намерни и ненамерни ефекти.

Со оглед на тоа што овде станува збор за одредени посакувани промени, од проблеми до решенија, потребно е да може да се идентификува дали таа промена се случила или ќе се случи, колкава група луѓе ќе опфати, за каква промена станува збор и колкава е одговорноста на компанијата за нејзино постигнување. Тоа значи да се измери колку, всушност, активноста на компанијата придонела за таа промена.

Активноста може да се однесува, на пример, на подобрување на вработувањето, образованието или стручноста; решавање егзистенцијални прашања поврзани со домување, приходи и финансиска независност; здравје и благосостојба (физички и психички), инклузивност; влијание врз природата и нејзина заштита за доброто на човештвото... Кога зборуваме за луѓето, целните групи што би требало да имаат корист од овие промени се маргинализираните и ранливи групи, долготрајно невработените, сиромашните жители, луѓето со попреченост, жените, младите, повозрасната популација итн.

Освен јасната идентификација на засегнатите страни, т.е. тие што треба да ја почувствуваат промената како резултат на активноста на компанијата, потребно е да се разбере и текот на промената и да се препознаат нејзините позитивни и негативни, намерни и ненамерни ефекти. Компанијата што ќе успее да одговори на сите овие прашања ќе може објективно да го оцени сопствениот успех, да ги ревидира целите, да ги потврди точно поставените бизнис-цели или да го промени и приспособи работењето. Таа компанија ќе биде во можност да почне нешто ново за поголем напредок и поуспешно остварување на целите и на посакуваниот општествен ефект.

За големите организации, секоја промена бара време. Помалите компании, кои имаат способност побрзо да реагираат на променливите барања на пазарот, би можеле да бидат предводници на промените. Сепак, тие честопати се со ограничени ресурси, па затоа е потребно почесто да се следи нивната финансиска одржливост.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...