Работење

Дизајн-тинкинг и неговата улога во дизајнот на иновации

14 апр 2021

Дизајн-тинкинг е процес што почнува со луѓе за кои е создаден производот и/или услугата и завршува со нови решенија што се приспособени за да ги задоволат нивните потреби.

Автор: Ана Јеличиќ, партнер во академијата DesignThinkers Adriatic, ana@designthinkersacademy.com

Во последниве години технолошките иновации не беа доволни за компаниите да ја задржат постојната или да ја зајакнат својата конкурентска предност на пазарот. Иновациите што досега во голема мера беа водени и поттикнати од технологијата (engineering-driven innovation) сè повеќе се фокусираат на иновации засновани на дизајнот (design-driven innovation). Фокусот се префрли од иновирање на производот (product-centric) кон иновирање на корисничкото искуство при користењето на производот или услугата (customer-centric). Истражувањето фокусирано на маркетингот го потиснува истражувањето на корисничкото искуство (user-experience focused).

Кога станува збор за иновациите што се водени од дизајнот и неговите функционалности, дизајнот ги надминува рамките на графичкиот дизајн, цртежот, UX. Дизајнот како процес и пристап кон работата е повеќе од дизајнирање производи, амбалажи, логоа. Како процес, тој се интегрира во системскиот дизајн, процедурите, протоколите и што е најважно - во дизајнерското искуство на нашите корисници. Дизајнот го трансформира начинот на кој водечките компании ја создаваат својата вредност. Компаниите што се водени од принципите на дизајнирање на сите нивоа (компании водени од дизајнот) и кои ги имаат имплементирано истоимените принципи во своите стратегии, драматично ја подобрија стапката на успех за иновации. Најпрепознатливи меѓу нив се: „Пепсико“, „Проктер & Гембл“, „Епл“, ИБМ, „Најк“. Врз основа на истражувањето спроведено од Институтот за управување со дизајнот, јасно е дека овие компании го надминаа S&P 500 за неверојатни 218% во последните 10 години, врз основа на индексот на вредноста на дизајнот.

За разбирањето на важноста и функционалноста на дизајнот, Стив Џобс рекол: Не е само како изгледа и се чувствува. Дизајнот е како функционира.

Со оглед на најновите трендови, влијанието на дизајнот врз бизнисот и потребата да се интегрира дизајнот на сите нивоа на компании, сè поголем број се свртуваат кон примена на методологијата за дизајн-тинкинг во продажбата, маркетингот, производот и другите сегменти. Овој пристап потекнува од дизајнот, но наиде на широка примена во различни индустрии и разни деловни модели кон крајот на 90-тите и почетокот на 21 век, пред сè, благодарение на основачите на светски познатата креативна агенција ИДЕО. Том Браун, како нејзин извршен директор, разви терминологија, чекори и алатки за секојдневна примена.

Компаниите што се водени од принципите на дизајнирање на сите нивоа (компании водени од дизајнот) и кои ги имаат имплементирано истоимените принципи во своите стратегии, драматично ја подобрија стапката на успех за иновации.

Дизајн-тинкинг во суштина е креативен пристап кон решавање проблеми. Тоа е процес што почнува со луѓе за кои е создаден производот и/или услугата и завршува со нови решенија што се приспособени за да ги задоволат нивните потреби. Насочена првенствено на препознавање на човековите потреби и со цел решавање на нивните проблеми, методологијата дизајн-тинкинг се дефинира како тип методолошки пристап „антропоцентричен“ или „решавање проблеми“.

Дизајн-тинкинг ни овозможува да го дизајнираме искуството на нашите корисници.

Дизајн-тинкинг, исто така, може да се опише како дисциплина што ја применува чувствителноста што ја имаат дизајнерите за да ги задоволат потребите на корисниците, користејќи ги достапните технологии и барањата на деловната стратегија на компанијата што можат да се претворат во корисничка вредност и можности на пазарот.

Процесно, дизајн-тинкинг како методологија има 5 фази:

  1. Фаза на емпатија

Првата фаза на дизајн-тинкинг има цел да ги разбере потребите на корисниците. Фазата на емпатија овозможува проблемот да биде разбран од перспектива на корисникот и дава увид во кој не се задоволуваат потребите на корисникот и зошто тој се однесува на начинот на кој се однесува.

Истражувањата се спроведуваат во фаза на емпатија. Квантитативно истражување кое укажува на постоење одреден проблем служи само како основа, амбиент за квалитативно истражување што е суштината во примената на оваа методологија. Во дизајн-тинкинг, длабински интервјуа, набљудување на корисниците на терен и примена на техника во која ние дејствуваме како нашите корисници и го доживуваме нивното искуство се начините на собирање податоци за однесувањето на корисникот. Целта е да се биде во „чевлите на корисниците“ и да се види перспективата од нивна гледна точка.

  1. Фаза на разбирање и редефинирање на проблемот

Фазата на разбирање и редефинирање на проблемот овозможува синтеза и разбирање на големо количество податоци собрани за време на квалитативно истражување. Во оваа фаза кај испитаниците се бараат обрасци на однесување, кои потоа се групираат и се стекнуваат согледувања. Податоците овозможуваат јасно да се дефинира кога се решава проблемот, кој е крајниот корисник и како изгледа - со други зборови, се создава „личност“ (со фокус на неговото однесување, став, емоции и неисполнети потреби). Предизвик на оваа втора фаза е т.н. лизгав терен во кој многу често претпоставките на групата несвесно стануваат основа за дефинирање на проблемот. Затоа, многу е важно во оваа фаза да се сортираат податоците на вистински начин и да се разликуваат постојните факти за предизвикот од податоците собрани за време на интервјуата и набљудувањата. Колку и да е важно во фазата на емпатија емотивно да се вклучи во развојниот пат на корисникот, во оваа фаза е клучно да се оттргнеме од целокупната ситуација и објективно да ги разгледаме постојните информации.

  1. Фаза на идеи

Фазата на идеи има цел да истражи и да најде идеја за решавање на проблемот што ќе биде во согласност со сите дефинирани потреби на „личноста“. Првата фаза беше насочена кон разбирање на корисникот и неговите потреби, втората фаза беше насочена кон синтеза и разбирање на однесувањето на корисникот, како и на повторно дефинирање на проблемот од перспектива на корисникот. Потоа, фазата на идеи има цел да излезе со нови предлози, односно идеи за решавање на проблемот. Ова е единствената фаза во дизајн-тинкинг каде што квантитетот е над квалитетот. Првиот чекор во оваа фаза е да се создадат што повеќе идеи што можат да претставуваат потенцијални решенија за проблемот на корисникот. Во вториот чекор се избираат идеи кои ќе бидат прототипирани во следната фаза, во согласност со барањата и интересите на компанијата или бизнисот.

  1. Фаза на прототипи

Во оваа фаза се создава прототип, односно производ што е поевтина и помала верзија на крајниот производ, со цел откривање можни проблеми поврзани со предложеното решение. Прототипот дава можност да ја оживееме идејата, да се испроба и да се провери практичноста на сегашниот модел. Покрај тоа, на мал примерок на потенцијални корисници, прототипот може да послужи за истражување на начинот на користење на производот, како и начинот на размислување на оние за кои е наменет.

  1. Фаза на тестирање

Фазата на тестирање е последната фаза, во која производот што е препознаен како најдобро решение се тестира во фазата на прототипирање. Меѓутоа, во повторен процес како што е дизајн-тинкинг резултатите генерирани во фазата на тестирање често се користат за редефинирање на проблемот, идејата или за враќање во првата фаза, фазата на емпатија.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...