Човечки ресурси

Лов на ѕвезди: О Боже, што направивме?

11 ное 2021

Очекувањата беа - wow! Да, баш тоа го очекувавте од него. Да дојде и сè да биде - wow! Па, и беше, само во негативна смисла. Wow, каква катастрофа. Незапаметена...

 Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, основач и извршна директорка на „Консултор“, www.consultor.ba

Постојат моменти во нашите животи кога ненадејно стануваме многу религиозни.

Обично тогаш е прашање на живот или смрт, како неочекуваниот резултат од боењето на косата, како вклучувањето црвено светло на семафорот или како целосна катастрофа кај одлично изведениот sourcing од нашата нова ѕвезда.

Сè направивте како треба. Школски. Професионално. Го најдовте во толпата. Го издвоивте од толпата. Се боревте со толпата. Пак успеавте да го издвоите. Го следевте на социјалните мрежи и во професионалните подвизи. За него одевте на кино и на „банџи џампинг“ (од што уште имате тешки ноќни мори). Зборувавте добро за него.

И на крај, по низа подеми и падови, успеавте да го доведете во нашата компанија. Ваш е и ничиј друг!

Вистинските ѕвезди живеат за предизвици, се хранат со сопствените и со тимските победи и молневито одат напред. Парите се попатно средство што го користат за други работи во нивниот живот.

Го дочекавте како ѕвезда, бидејќи тој и е тоа. Па, го ловевте со дозволени и полудозволени мамки! Тоа е резервирано само за ѕвездите. А тој и е тоа – гордо тврдите.

Индукцијата течеше совршено, сите го запознаа – сите ги запозна. Доби прекрасна канцеларија, најдобар компјутер и најдобар подарок за добредојде (се потрудивме, одбравме сè што тој сака), подарок што досега никому не сме му го подариле, но ете, тој е идеален, од него да почнеме со ваков убав адет. За автомобилот и да не зборуваме. Коњски сили, сјајни фарови, сензори на сите страни – машина каква што ѕвездата заслужува. Да, знам дека убаво подголтнавте.

Му дадовте доволно време да може да ги фати сите конци, да може да тргне позитивно, храбро и јако. Да може да оди таму каде што човечка нога не стапнала. Во барата да се бори со преостанатите крокодили. А, мала бара – полна крокодили. Но, вашиот е најголем и најубав и најпаметен.

И чекате. Му треба уште малку време, и уште чекате. А тој не мрда. Не трча, не лета, Ништо. Ниту со опашот да замавне. Ништо.

Работи тој, но сосема просечно. Така може да работи кој било. Особено некој што би можел полесно да се најде и да се донесе. И поевтин. ООО, многу поевтин.

Родителите нè учеа дека парите ги расипуваат децата. Подоцна сами научивме дека истото негативно влијание парите го имаат и врз возрасните.

Една од можните причини за тоа зошто вашата ѕвезда не блеска е баш тоа – самиот си замислил дека е ѕвезда.

А, како и не би. Толку се трудевте, колкави парични бенефиции му дадовте. Плата и бонуси, од кои на секој би му се поместила земјата под нозете. Секако дека вам ви се измести најмногу. Како и не би, не се знае што повеќе боли – џебот или душата.

Вие направивте сопствен Франкенштајн од него, кој уште е и добро платен. Многу добро платен. Ок, нема веќе да ве потсетувам на болно големиот финансиски издаток.

Другпат попаметно, внимателно со финансиските понуди. Парите се последното нешто што таквите кандидати ги интересира. Парите се последното што им го нудите – она, како шлаг на крајот на совршен колач.

Вистинските ѕвезди живеат за предизвици, се хранат со личните и со тимските победи и одат напред со брзина на стрела. Парите им се попатно средство што го користат за другите потреби во нивниот живот.

Ако, аматерски или во паника (да не ви избега), прво сте замавнале со паричникот – многу е извесно дека продолжението на битката поминало во пазарење за подобра понуда. Уште пазарењето требало да ви биде знак за тревога. Уште тогаш требало да сфатите дека кандидатот не е тоа што сте мислеле и едноставно да се откажете. Знам, паника. Работата стои, а тој тоа го знае. Добро, на крај утврдивте дека не знае.

Вие направивте сопствен Франкенштајн од него, кој уште е и добро платен. Многу добро платен. Ок, нема веќе да ве потсетувам на болно големиот финансиски издаток.

Сте немале алтернативни решенија. Целиот фокус бил само на него, оти и совршен – така тогаш сте мислеле. Сте немале резервни играчи, подготвени на неговото прво „не“ да скокнат во игра. Сте немале други компатибилни. Јасно, во тој момент тој бил единствениот посакуван и компатибилен.

Особено кога ги пополнувате топ-позициите – задолжително треба да имате минимум три ѕвезди, тројца кандидати кои се предмет на вашите желби, тројца славни на кои ќе го насочите вашето време, труд и енергија. На крајот на трката, победник е само еден. Другите двајца или се откажаа или вие се откажавте. Барем знаете дека сте го добиле вистинскиот човек.

Не сте виделе подалеку од „пакувањето“. Неговото сјајно, убаво пакување со најпрекрасната вратоврска на светот И уште посипан со ѕвездена прашина. А, околу него еднорози весело одат.

Сјајната хартија ве заслепи, па не ни пробавте да видите што има под неа. Бидејќи, толку силно сјаеше.

Драги мои, постојат лоши кандидати кои многу се трудат да се претстават што подобро. И сјајно да се спакуваат. А вие, наивни и чесни, само понекогаш „паѓате“ на пакувањето, надевајќи се дека и тоа во него е исто толку сјајно. Велам, понекогаш, бидејќи повеќе од тоа би било погубно за вашиот бизнис. Значи, следниот пат – ставете очила за сонце. За сјајот да не ве заслепи, нели.

Очекувањата беа - wow! Да, баш тоа го очекувавте од него. Да дојде и сè да биде - wow! Па, и беше, само во негативна смисла. Wow, каква катастрофа. Незапаметена од... никогаш.

Да, може да е и до вас, не до него. Можеби сте го очекувале невозможното.

Да, знам, ништо не е невозможно – освен невозможното. Сите луѓе, па дури и тие најдобрите, имаат свои граници.

Секој од нас, порано или подоцна, наидува на ѕид што едноставно не може да го совлада. Можеби тој прерано наишол на својот ѕид, а можеби неговиот ѕид е бескраен и нема шанси да го освои. Пред следниот „лов“ – направете состанок со реалноста.

Има уште многу работи што можеа да тргнат на лошо. Сепак, ова се најчести грешки. Овие и најмногу болат. И се најскапи.

Сега знаете како да ги заобиколите и од старт да ја минимизирате штетата. Дури и кога тргнувате со добри намери.

И слободно дозволете си да погрешите, така и најдобро ќе научите. Знам дека чини, но секоја школа чини.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...