Човечки ресурси

Ениса Селмановиќ-Салкиќ: Туѓото е послатко

28 окт 2020

Туѓ колач, туѓа кифла, туѓа жена.... продолжи ја низата. Така и со производите, услугите и што и да е друго, а што може да се плати со пари.

Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, основач и извршна директорка на „Консултор“, www.consultor.ba 

Претпоставувам дека сите тргнуваат од претпоставката дека тој увозен производ е подобар и поквалитетен. Дека таа увозна услуга е подобра и попаметна. А претпоставката е мајка на сите зафрканции.

Да претпоставиме вака. Имаме купувач. Купувачот оди во продавница, треба да купи кекс. Доаѓа до полицата со кекс. Разгледува и разгледува. Дојден е без идеја каков кекс сака, сака само кекс. Му се јаде нешто благо. Се губи во ширината на изборот и веќе и тоа малку му оди на нерви бидејќи тој сака кекс, а ги има милион видови. Нервозен е, му се јаде благо и сега е уште понервозен.

Одлучи да се прибере и да проба со метод на елиминација. Не сака друг освен чоколаден. Така, остануваат само десет вида кекс. Погледот му паѓа на домашен, произведен во БиХ. Долу е негде на дното од полицата, поблиску до нозете отколку до очите. Веднаш над него е увозен кекс. Двата му изгледаат фино. На чекор е до решение за својата агонија.

Се загледа во двата кекса, па си вели: овој домашниот е нешто неугледен, ни амбалажата не му е којзнае што. А види го увозниот, во бои, сјае! Ех! И го зема увозниот. Домашниот остана да плаче на полицата, со надеж дека некој наскоро ќе го „удоми“. Уште еден купувач не му даде шанса. А ако имаше шанса да се покаже колку е вкусен, мек, благ како мед... Но, ете.

Зошто туѓото не е послатко? Од нашето – парите остануваат тука. Од туѓото – парите одат надвор.

Имаме уште еден купувач. Менаџер, директор, сопственик, основач. Што и да е. Си мисли тој, треба малку да се позанимава со своите луѓе. Малку да ги едуцира, мотивира. Мисли да ги унапреди. А што е право, и организацијата треба малку да се „освежи“. И понатаму сите работиме исто како пред 15 години, а ништо не е исто. Туку, само некако ѝ одолеваме на иднината.

И така тој се мисли и се сети дека тој никако не може да го работи тоа (не дека не знае, туку нема време) и си вели сам на себе, ќе најдам некој што знае. И тргна да гледа и да се распрашува. Што повеќе гледа и се распрашува, станува сè позбунет. Дури почна и да се нервира. Не колку тој што купуваше кекс, ама тука се некаде.

Значи, тука е цела агенција, фирми, поединци, кои сè знаат, сè можат, од денар да направат милион, а од водата да направат вино. И тоа сè полека и едноставно, за симболичен надомест, нели.

Одлучи да проба со методот на елиминација. Па, знае тој што сака, а што не сака. Ги сака најдобрите, најпаметните, па колку и да чинат.

И секако, бидејќи колективно патиме од синдромот „подобра е увозната памет“, зема еден „увозен“. А тој, како слика – убав, убав костум, работел и работи само со најдобрите. Логично, и тој е „голем“ и најдобар. Увозен, бидејќи „ништо не знаат овие нашите“.

Се договорија е сè убаво се реализира. Кога сè заврши, нашиот менаџер (и останатите) остана збунет и со многу помалку пари отколку на почетокот. Плус, никако не може да се справи со впечатокот дека никако не се разбраа. Секако, на сите им зборува дека му беше прекрасно, дека доби „скок во ефикасноста“ и дека сè вреди за парите, бидејќи кукавица не признава дека згрешил во процената. И уште дебело платил.

Ниту еден од нашите двајца јунаци не зеде предвид неколку важни фактори при носењето на одлуката. За јунакот што купуваше кекс, тоа се ситни пари и не го обвинувам што не се заморуваше многу. А, и кога ќе фати криза за благо, тогаш човек не е целосно при себе. Но, многу такви што „кризираат“, со здружени сили прават трговски дефицит. А овој, што вложи неколку десетици илјади евра, е тој мораше да земе предвид многу работи. Ако треба, да свика и совет на старци, и парламент, и месна заедница, па сите добро да размислат.

Не носете одлука врз основа на амбалажата, професионалните фотографии или „звучни“ имиња од портфолиото.

Зошто туѓото не е послатко? Од нашето – парите остануваат тука. Од туѓото – парите одат надвор.

Нашето, со тие пари дополнително се развива, вложува во производството, во луѓето. Извезува. Нашето ги троши парите кај нас. Туѓото, со парите, исто така се развива и вложува во производството. Туѓото со наши пари, ги троши тие пари во своите земји. Логично. Нема да доаѓа тука да ги троши, бидејќи тука ги заработи.

Понатаму, од нашите пари кои остануваат кај нас се финансираат образованието, здравството, инфраструктурата, пензиите. Да, и платите на државните службеници. Ретко, ама сепак, од нашите државни службеници понекогаш имаме некоја корист. Од туѓите – немаме. Само ги плаќаме. 

Размислував за тоа да направиме некои поетски споредби зошто да се одбира нашето, а не увозното. Но, нема поента. Сè се врти околу парите, а вака е поедноставно да се сфати.

Затоа, кога следен пат ќе купувате некој производ, размислете каде одат вашите пари. Секако, и што ќе добиете за тие пари. Ништо не ве чини да пробате и некој локален производ. Што е најлошо што може да се случи – да ви се допадне? Супер, само продолжете да купувате.

Следен пат кога ќе купувате некоја услуга, размислете што ќе биде со вашите пари. И со вашите луѓе. И со вашата организација. Размислете дали „увозниот“ ни го познава менталитетот. Дали го разбира. Дали ја разбира работата што ја работите. Какви конкретни решенија дава, дали се применливи. Дајте си време, зборувајте со луѓето. Не носете одлука врз основа на амбалажата, професионалните фотографии или „звучни“ имиња од портфолиото. Купете го тоа што навистина ви треба и што ќе ви го даде решението што ви е потребно. Па на крај, и ако биде увозно, значи дека немало локален производ што го има тоа што го барате. Тоа е во ред. Ако нема – увези. Ако има – размисли.

И сега би требало да поентирам со некој „купи домашно“ слоган, но не сакам. Купувајте така што ќе знаете што купувате и зошто го купувате. Купувајте така што ќе знаете што понатаму ќе биде со вашите пари. Купувајте така што со вашите пари ќе се направи некој сантиметар пат или тобоган во парк. Во локален парк, не во увозен.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...