Регионално

Алексеј Тикхонов: Автоматизацијата е клучна за дистрибуцијата

02 окт 2019

За да останеме релевантни за нашите потрошувачи, мораме постојано да бараме можности за натамошен развој на пазарот

Подготви: Редакцијата на InStore

Алексеј Тикхонов специјализирал логистика на Високата економска школа во Москва. На „Нестле“ во Русија му се придружил пред 20 години и оттогаш работел на различни позиции на полето управување со дистрибутивен синџир во Русија, Швајцарија и во Евроазија. Сега, во Белград е раководител на синџирот за снабдување на „Нестле“ во Адриатик регионот, со проширена одговорност за Романија и за Бугарија по создавањето на југоисточниот пазар во 2018 година.

Кои се најновите трендови за дистрибуција на производите во рамките на FMCG-индустријата?

Живееме во четвртата индустриска револуција и нема сомнеж дека FMCG-индустријата доживува големи промени. Најдобар начин да одговориме на овие предизвици е да ѝ дадеме предност на технологијата во вкупното работење – да ги интегрираме процесот на создавање нови производи, производството, маркетингот, дистрибуцијата и продажбата во единствен деловен модел. Тие што сакаат да бидат конкурентни мора да се брзи и флексибилни за да се приспособат на променливите потреби на купувачот.

Кога станува збор за трендовите во дистрибуцијата, клучна е автоматизацијата – особено кај складирањето и кај транспортот. Автоматизираните магацини, роботите, коботите и камионите без возачи не се веќе научна фантастика, туку сè повеќе се користат во праксата. Освен тоа, важно е напредно користење на информациите и методите на статистичко прогнозирање со помош на аналитички алатки како САС-технологијата, која помага за попрецизно планирање за пократко време. Мора да се спомене и развојот на онлајн-трговијата која, од една страна, им дава можност на производителите да комуницираат директно со потрошувачите, а од друга, бара имплементација на нови модели и начини за организирање на дистрибуцијата за да се приспособи на промените што постојано се случуваат.

Колку е важно воведувањето нови технологии?

Одговорот е многу јасен – за да останеме релевантни за нашите потрошувачи, мораме постојано да бараме можности за натамошен развој на пазарот. Новите технологии во денешно време им се достапни на повеќе компании и тие имаат додадена вредност за намалување на трошоците, скратување на времето потребно да се заврши некоја задача, намалување на резервите и зголемување на обемот на работење. Тие што успешно ги користат ќе имаат компетитивна предност и поголеми шанси за успех.

Автоматизираните магацини, роботите, коботите и камионите без возачи не се веќе научна фантастика, туку сè повеќе се користат во праксата.

Која технологија ја користи „Нестле“ во логистиката и во дистрибуцијата?

Синџирот за набавки на „Нестле“ е на трето место на листата Gartner’s European Supply Chain Top 15 за 2018 година. Меѓу другото, овој резултат го остваривме затоа што постојано бараме начини да ги искористиме можностите на дигиталниот синџир на снабдување – „Нестле“ во Европа веќе има неколку целосно роботизирани дистрибутивни центри. Имаме програма со која можеме да ги испитуваме и стандардизираме процесите на работење на различни пазари, како и да ги консолидираме административните активности, што придонесува за ефикасност на процесите и за намалување на трошоците.

Технологијата ни помага да ја унапредиме соработката со потрошувачите користејќи ја програмата Customer Facing Supply Chain. Таа вклучува соработка на различни нивоа – една од најнапредните практики е дополнување на производите во согласност со потребите на потрошувачот. Таа ни овозможува заеднички поглед на плановите за дополнување на портфолиото, при што преземаме целосна одговорност за достапноста на нашите производи. Тоа ни овозможува и подобра организација на стоките во магацин, подобра видливост, но и поголема достапност на производите.

Vendor managed inventory е иновација во инвентарот и складирањето на стоките. Кои други новини ги имплементира „Нестле“ во последниот период?

Vendor managed inventory е пристап кој е познат веќе некое време. Главни фактори на успех тука се добрата соработка, довербата и транспарентноста меѓу партнерите, со едноставна и флексибилна технологија.

Кај другите иновации, на глобално ниво имаме нов пристап за оптимизација на процесот Е2Е (End to End). Веќе не ја набљудуваме функционалноста на перформансите како клучна, туку се фокусираме на оптимизација на кросфункционалните процеси. На пример, процесот Order to Cash (O2C), кој вклучува активности поврзани со продажба, сметководство/финансии, логистика и кориснички сервис, се гледа како еден од процесите E2E. Еднаш кога ќе почнете да ги гледате работите на таков начин, ќе бидете во можност да ја препознаете секоја шанса за оптимизација и напредок.

Какви Ви се искуствата кога зборуваме за партнерство и координација на синџирите за набавки на пазарот на Југоисточна Европа, на кој работите?

Во „Нестле“ веруваме дека забрзувањето на оперативната соработка меѓу партнерите додава нова вредност на работењето и помага за On Shelf достапност (ОСА) на нашите производи и помага за E2E оптимизација. На пазарот на Југоисточна Европа развивме многубројни пристапи кон пазарните модели и кон потрошувачите, во согласност со различните канали. Фокусирани сме кон воспоставување стратешки врски со оние што се најважни, а истовремено сакаат да соработуваат.

Еден од главните предизвици во логистиката и во снабдувачкиот синџир е побарувачката од сезонска природа. На кој начин можеме да ги балансираме капацитетите во текот на цела година?

Постојат два елемента што мора да се земат предвид: 1) планирање на побарувачката и процес кој дозволува да се земат предвид сите сезонски девијации и 2) систем на набавки кој овозможува намалување на големините на серијата, зголемена фреквенција на производство и реагирање на сигнал за побарувачка во најкратко можно време. Тоа не е едноставно да се постигне и бара многу труд за која било оперативна организација. Тоа е пат кон постојано подобрување, кој може да се забрза само со поставување приоритети и мерења релевантни за работењето.

Како да се зголеми ефикасноста во синџирот на снабдување?

Тука ефикасноста можеме да ја гледаме на различни начини. Според мене, најефикасен синџир на снабдување е Supply Chain 7R mix. Тој подразбира да се осигури вистинскиот производ, на вистинско место, по вистинска цена, за вистински потрошувач, во вистинско време и во вистински количини. Што е тоа „вистинско“ - секоја организација тоа сама треба да си го одлучи, во зависност од природата на работата, деловните цели и опкружувањето во кое работи.

 Фокусирани сме кон воспоставување стратешки врски со оние што се најважни, а истовремено сакаат да соработуваат.

tags:


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...