Локално

Марио Мирсинов: Квалитетот и пристапните цени ни отвораат нови пазари

26 авг 2020

Имаме повеќе од 50 производи што чекаат да бидат извадени како готов производ, сè уште се во фаза на развивање и тестирање

Разговараше: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.mk

Кога почна со работа во 1991 година, велешката прехранбена компанија „Мирана“ произведуваше само неколку продукти. Сега, две децении подоцна, во асортиманот има повеќе од 70 производи: кечап, мајонез, сенф, оцет, благи сосови... Во меѓувреме се прошири и бизнисот - пред три години „Мирана“ ја презеде компанијата „Аронија здрава храна“, со што во своето портфолио го додаде и
брендот за здрава и органска храна „Био Космос“. Марио Мирсинов, извршен директор на „Мирана“ и на „Био Космос“, во интервјуто за InStore зборува за развојот на компаниите, за моменталната состојба на пазарот, за последиците од пандемијата, како и за идните планови.

„Мирана“ на своите почетоци беше мала приватна компанија, но успеа да се задржи на пазарот веќе 21 година. Како накратко би ни ја раскажале нејзината приказна од основањето до денес?

Уште од почетокот „Мирана“ ги следи своите принципи, визија и мисија и тоа е клучниот фактор што се задржа на пазарот. „Мирана“ произведува производи со висок квалитет, но по пристапни цени, затоа секогаш побарувачката ќе биде голема и ќе се отвораат нови пазари за нашите производи. Како и досега, така и понатаму ќе продолжиме со иновации, професионално сервисирање на постојните клиенти, воведување нови сродни производи за овие клиенти, но и нови производи што ќе опфатат нов таргет. Секако дека имало грешки во работењето во последниве 20 години кои скапо нè чинеле, но тоа е дел од предизвиците во бизнисот. „Мирана“ е стабилна компанија, знаеме каде треба да води патот и тоа е најважно. Бизнис-планот кај нас е на подолг рок, никогаш не носиме краткорочни одлуки макар и тие одлуки да не се добри за компанијата на краток рок.

Попатно, друштвото на „Мирана“ се зголеми, особено последниве години. Со колку компании раководите сега и колку брендови се под нивна „капа“?

Моментално под наше раководство има пет сериозни компании. Тоа се „Мирана“, „Био Космос“ (компанија за здрава и органска храна), хотел „Гардениа“ во Велес, „Мирола“ (дистрибутивна фирма која го има ексклузивитетот за Велес, Свети Николе и околните села за „Прилепска пиварница“ и сите нејзини брендови) и тука е „Маркт“ со два хибридни локали како маркет и ресторан за здрава и протеинска храна.

 Конкуренцијата нè тера да се развиваме, да измислуваме нови производи и да се диференцираме.

Какви резултати остваруваат „Аронија здрава храна“ и „Био Космос“ откако ги презедовте од поранешните сопственици? Што се смени во нивното работење?

Искрено, состојбата во „Био Космос“ не беше најдобра. Откако ја презедовме компанијата, направивме комплетно преуредување, од изградба на нови погони, нови вработени, нов систем на работа со нови процедури... Денес „Био Космос“ може да биде пример за други фирми, можеби не во остварен профит, но доволно е „скоцкана“ како фирма за потенцијален раст, бидејќи ако компанијата не е средена однатре, кога-тогаш ќе испливаат проблемите на површина и сè што се работело во минатото може брзо да пропадне. „Био Космос“ сега има јасна визија со остварливи цели. Со задоволство можам да кажам дека во последните шест месеци имаме огромен пораст од 30 отсто во продажбата со тенденција тој да се дуплира. Се отворија нови преговори со странски компании кои треба да се реализираат набрзо и тоа ни дава сила за дополнително вложување труд и финансии.

Колку од производството е наменето за надворешни пазари? Кои се производите што ја „влечат“ продажбата напред?

Сите производи што ги извадивме во последниот период се наменети за странски пазари, иако сè уште е голем процентот на домашната продажба. Ние како менаџерски тим никогаш не се фокусираме само на еден пазар, напротив, производите се застапени кај нас, но се доволно добри и за конкурентските пазари што допрва ќе ги освојуваме. За да може една компанија да се презентира на странски пазар, мора да има средено портфолио (не може со секаков производ и со секаква амбалажа да се понуди во странство), но сепак постојат многу големи компании содоволно ниски цени и слични производи кои прават сериозна конкуренција. Производи што ја влечат продажбата се токму тие во кои имаме конкуренција - тоа значи дека „Био Космос“ е доволно добар бренд со добра предност пред конкуренцијата во овој момент. Кај производите каде што немаме конкуренција, допрва треба да работиме на маркетиншкиот дел и да ги презентираме пред потрошувачите. Станува збор за иновативни производи кои досега не биле достапни кај нас.

Кој беше предизвикот за отворањето на „Маркт“? Каков е концептот на продавниците и која е структурата на купувачите?

„Маркт“ е нешто што беше потребно во Скопје, а се надевам во иднина ќе го има и во други градови. „Маркт“ е хибриден локал што спојува продажно место за продукти од доменот на органска, здрава и протеинска храна, специјална храна како безглутенската и суплементи кои се потребни за тој начин на живот. Ресторанскиот дел опфаќа храна подготвена така што не се користат шеќер, нездрави состојки или нездраво готвење, како пржењето и слично. Во кратки црти, „Маркт“ е ресторан за здрава и органска храна. Моментално има два локали кои се лоцирани во центарот на Скопје. Таргет-група немаме бидејќи сите треба да се хранат на тој начин, но најчести се клиентите од бизнис-секторот и младата популација што следи трендови за здрав начин на живот.

Имате жестока конкуренција во речиси сите сегменти од работењето. Како се борите со неа?

Ние сме среќни што имаме конкуренција бидејќи тоа е здраво за една дејност. Сите се бориме за пазар и за опстанок, што исто така е добро за клиентите. Бараме начини да направиме достапни производи за сите, доколку нема конкуренција, тоа не би било можно. Сите готови производи и состојки што ги користиме во производство се со проверено потекло и од стабилни добавувачи. Ова се однесува и за „Мирана“ и за „Био Космос“. Сепак, не смееме да ја запоставиме конкуренцијата и затоа се трудиме да имаме финансиска дисциплина, внимаваме на сè што може да ни наштети во иднина и грешките да се сведат на минимум.

Дали се потпирате на резултатите од истражувања на пазарот или, пак, повеќе ѝ верувате на својата интуиција?

Јас како претприемач секогаш ги земам со резерва истражувањата бидејќи ако сум убеден дека нешто може да се постигне, тогаш не ми се релевантни тие податоци. На пример, ако сме направиле истражување дали треба да продаваме комбуха како комерцијално пакување за на полица, ќе се покажеше дека не треба, дека комбуха пијат само повозрасни лица и малкумина што си ја прават сами дома. Јас бев убеден, а и продажбата тоа го потврди, дека комбухата зема замав кај купувачите, ќе стане стандардна напивка како ладниот чај, на пример. Истото би се случило и со истражување за свесноста за брендот на некои производи. Бидејќи доаѓам и од маркетинг-секторот, знам дека речиси сите истражувања за свесност на брендот се прават со погрешна целна група.

Колку пандемијата ги смени условите за работа на пазарот и, воопшто, во преработувачката индустрија во Македонија? Како кризата се одрази врз Вашето работење?

Со пандемијата многу работи се разјаснија – што е важно, на што треба да се внимава во иднина...Ние сменивме многу процедури во работата. „Мирана“ има различни таргет-групи, една од нив е ХОРЕКА-секторот кој беше целосно затворен и ние претрпевме доста загуби. Продажбата беше намалена повеќе од 30%, исто така и наплатата од тој сектор. Се зголеми потрошувачката во големите маркети, но тоа беше краток период кој не го надомести падот во продажбата. Ние отсекогаш сме ги почитувале протоколите за безбедност во производство и стерилна дисциплина, па од таа страна не е сменето ништо освен што имаме засилени внатрешни контроли за почитување на тие протоколи. Кај „Био Космос“ имавме раст во продажба повеќе од 30% во последните 7 месеци, што значи и пред пандемијата и додека таа трае. Тоа е одраз на подобрено работење во последните 2-3 години откако ја презедовме фирмата.

Дали можеби би ги изненадиле потрошувачите со новитети до крајот на годинава?

„Био Космос“ и „Мирана“ моментално имаат повеќе од 50 производи што чекаат да бидат извадени како готов производ, сè уште се во фаза на развивање и тестирање. Особено „Био Космос“ донесе многу новитети во Македонија, а потрошувачите го знаат и го ценат тоа, така е изграден и брендот. Не само новитети, туку и постојните производи секогаш треба да се подобруваат и да станат подостапни за сите бидејќи сè уште има разлика во цените на органска и неорганска варијанта на истиот производ. Ние се стремиме таа разлика да е што помала за луѓето да се свртат кон органската варијанта како многу поздрава. Потрошувачите може да очекуваат
нови производи, старите во нови пакувања, а исто така со постигнување на економија на обем да се намалат цените на самите производи.

Кај „Био Космос“ имавме раст во продажба повеќе од 30% во последните 7 месеци, што значи и пред пандемијата и додека таа трае.

Со оглед на тоа дека работите и во сегментот на здрава храна, што е светски тренд во подем, која е Вашата оцена - колку македонскиот потрошувач ги следи трендовите и дали може да си ги дозволи во секојдневниот живот, според куповната моќ?

Во денешно време многу е лесно да се следат светските трендови кои стигнуваат кај нас преку социјалните мрежи, особено „Инстаграм“. Многу ме радува што луѓето сè повеќе се ориентираат кон спорт и спортски активности, внимаваат на состојките од кои е направен производот и почнуваат да ја разбираат нутритивната табела испечатена на производот. Тоа покажува дека таа
индустрија е во подем и нема назад. Македонскиот потрошувач не се разликува премногу од потрошувач во развиените земји бидејќи и таму оваа гранка сè уште е во подем, секој ден има нови информации што е здраво, а што не, само треба да се следат специјализираните веб-страници и форуми што се наменети за тоа. Можеби македонскиот потрошувач се разликува во куповната
моќ, но ние тоа не можеме многу да го промениме. Ние секако се стремиме да ги направиме подостапни производите, но тоа не оди преку ноќ. Мислам дека со текот на времето ќе се стабилизира пазарот, ќе се едуцираат доволно потрошувачите. Важно е луѓето да разберат деказдрава храна не се само семки, жито и невкусна храна. Тоа е секоја храна што не содржи штетни состојки, како вештачки шеќер, конзерванси, вештачки бои, заситени масти, ГМО и слично.

Што по пандемијата? Во која насока во иднина би го развивале бизнисот?

Пандемијата нема многу да ја промени насоката по која се движиме во двете фирми. Визијата и мисијата на „Мирана“ и „Био Космос“ остануваат исти, може само каналите за продажба да се променат незначително. Мала промена во работата ќе има во хотелскиот и угостителскиот сектор, реконструкција на работа во „Гардениа“ веќе направивме и истото го правиме во „Маркт“. Таму се
доста променети условите и ние мораме да ја адаптираме фирмата спрема условите. Се надеваме само дека нема премногу да се одолжи ситуацијата со пандемијата, па да можеме полесно да планираме.


 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



Симе Станчески и Горан Цуцулески: Традиционални производи и за новите генерации

15 апр 2020

Слободан Кутревски: Поголем пласман на домашните производи - ветер во грб за сите нас

15 апр 2020

Петар Лазаров: Време е за вложување во трејд-маркетинг

15 апр 2020

Вера Димовска, психолог: На раководителите најмногу им треба психолошка поддршка

15 апр 2020

Сузана Јанкуловска Бицевска: Дигиталниот маркетинг добива се поголемо значење

15 апр 2020

Аљајдин Хавзиу, Трудов инспекторат: Сите фирми постапија по решенијата на инспекторите

15 апр 2020
Вчитува уште новости...