Локално

Аљајдин Хавзиу, Трудов инспекторат: Сите фирми постапија по решенијата на инспекторите

24 апр 2020

Со препораките на Владата до компаниите поврзани со корона пандемијата, работодавачите добија нови насоки како да ја организираат работата, а работниците - дополнителни права во насока на поголема лична заштита и грижа за семејствата. За тоа колку компаниите ги прифаќаат и почитуваат правата на своите вработени, и колку работниците се борат за истите, InStore разговараше со Аљајдин Хавзиу, директор на Државниот инспекторат за труд. 

Колку претставки се поднесени против работодавачи до Државниот инспекторат за труд од кога почнаа да се спроведуваат владините препораки за Ковид-19? На какви кршења на правата најчесто се жалат работниците?  

-Од почетокот на кризата, од 11 март 2020 година (обработени податоци) до Државниот инспекторат за труд се пристигнати вкупно 736 претставки, и тоа преку интернет страницата, телефонски јавувања во кол-центарот и специјалниот е-маил отворен само за кризата, poplaki@mtsp.gov.mk. Од претставките, 209 се однесуваат на непочитување на правото за платено отсуство за родители кои имаат деца до 10 години, 193 претставки се за отказни решенија, додека 334 претставки се по различни основи за прекршување на правата на работниците согласно Законот за работни односи и Законот за безбедност и здравје при работа. 

Од кој сектор се компаниите кои во актуелната ситуација, најчесто ги кршат работничките права? 

-Добивме претставки од повеќе дејности на економските оператори, а најбројните се од текстилната и од прехранбената индустрија. 

Каков вид на санкции изрече Државниот инспекторат за труд досега,  за компании кои не ги почитуваат владините препораки – предупредувања, парични казни, кривични пријави....? Дали и колку работодавачи се казнети за непочитување на мерката – да пуштат дома родител на дете до 10 години?  

- Државниот инспекторат за труд, до овој момент нема поднесено прекршочни или кривични пријави за економските опеаратори за претставките кои досега се обработени. По претставка, инспекторот утврдува фактичка состојба на лице место. Ако има повреди на правата од работен однос, инспекторот носи решение со задолжување да се исправи одредена состојба во законски определениот рок. До овој момент, сите фирми имаат постапено по решението на инспектор, вклучувајќи ги и претставките за родители на деца до 10 години. Нагласувам дека оваа состојба е до моментот кога го правиме интервјуто. 

Што би им советувале на работниците, како да ве најдат ако сакаат да пријават повреда на право од работен однос? Која е вашата препорака до компаниите во овој период, а со оглед на менталитетот што некаде уште преовладува – да не се почитуваат правата?

-Државниот инспекторат за труд во континуитет работи согласно годишна програма за надзори (редовни). Претставките не можеме однапред да ги планираме, но тие добиваат предност од моментот кога истите ќе ги добиеме и по нив се постапува. Работниците имаат неколку можности за пријавување, и тоа: лично (физички) да дојдат до Дирекцијата или до некоја од 32-те подрачни единици; преку интернет страната на Државниот инспекторат за труд; преку кол-центарот, преку телефоните во Дирекцијата..Претставките можат да бидат од познат подносител, но и во анонимна форма. Околу констатациите дека компаниите имаат менталитет да не се плашат од казни, не можам да се произнесам, бидејќи секоја од нив има свое размислување и поставување пред законите. Инспекторите при надзор постапуваат согласно законските одредби и во зависност од утврдената фактичка состојба, носат решение за истата. 

С.С.З. 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...