Локално

Орхан Мусли, „Жито центар“: Секогаш верувавме дека можеме повеќе и подобро

17 ное 2021

Нашето мото како фирма е дека Тонус лебот мора да биде застапен во секој маркет, дуќан, колонијал, продавница за здрава храна и на секое продажно место каде што се продаваат прехранбени производи

По 18 години од основањето на фирмата и по 24 години работа во пекарството, „Жито центар“ денеска важи за сериозен играч на пазарот со производство од 37.000 парчиња леб дневно. Во почеток настаната како мала семејна фирма, сега има 66 вработени и уште 38 возачи – дистрибутери. Сепак, пресврт во работењето настанал во 2015 година кога почнале да го произведуваат Тонус лебот, од кој сега на пазарот има седум вида. За почетоците, развојот и актуелната состојба со производството и позиционирањето на пазарот, разговаравме со Орхан Мусли, генерален директор на „Жито центар“. 

„Жито центар“ како фирма е основана  на 11.1.2003 год. Нејзината основна дејност е производство на леб и бели печива со  управител Орхан Мусли. Во областа на пекарството се наоѓаме од  1997 год. Бизнисот го започнал нашиот татко Исмет Мусли, од кого и го наследивме, го проширивме и го доведовме до овој степен на успешност, како што е денес. Почетоците, како и сите почетоци, се врзуваат за мал капитал, колку нешто да се започне, кредити во банка, секојдневна борба за пробивање на пазарот, инвестирање во половни пекарски линии за производство, дефицит на стручен кадар и многубројни пречки ,но истовремено и предизвици за храбро чекорење кон визијата за успех, раскажува Орхан Мусли. 

Тој смета дека тоа што „Жито центар“ е денес е благодарение на секојдневната, заедничка борба на сите вработени професионално да се пробиваат кон врвот, а истовремено да придонесуваат за подобар и поздрав живот во малата, но основна клетка на општеството - семејството.

Асортиманот на Вашите производи низ повеќегодишното работење интересно се менуваше. Во кој поглед?

Во почетокот почнавме со производство на стандардната векна - бел леб, кој сè уште е доста актуелен на нашите простори. За кратко време, една до две години, го зголемивме асортиманот на околу 30 вида леб и бели печива. Меѓутоа, со почетокот на производството на Тонус лебот, сите други видови бел леб и интегрални лебови со основна суровина – брашно полека појдоа во надолна линија. Тоа се случи, пред сè, поради брзата побарувачка на Тонус лебот на пазарот, со што се отвори друго поле кое бараше да ги вложиме целата наша енергија, труд и пари и со тоа опадна интересот за сè друго од леб што не е Тонус леб. Сега од бел леб произведуваме неколку основни видови  кои се актуелни на пазарот за поширокиот круг на купувачи (чија бројка не е за потценување), додека од Тонус лебот моментално имаме седум вида и, се разбира, одиме понатаму. Вкупниот капацитет е 37.000 парчиња на ден, се мисли на актуелно производство. Капацитетот на производствената линија за бел леб е 35.000 парчиња, а линијата за производство на Тонус леб е 20.000 парчиња на ден. Тоа значи дека ние имаме можности да произведуваме уште плус 18.000 парчиња,меѓутоа моментално од различни  причини не сме го искористиле целосниот капацитет. 
И овие 37.000 парчиња не може  да се произведат со висок квалитет и во континуитет без вредни работници. Нив ги имаме вкупно 66, а на оваа бројка ќе додадеме уште 38  возачи-дистрибутери.

Ги исполнуваме сите стандарди за квалитет и сме единствена фабрика во која целокупното производство е автоматизирано.

Какви беа условите за работа во почетоците? Колку сега е олеснето или, пак, е отежнато работењето?

Условите за работа беа тешки, гледано од секој аспект - финансиски, материјален и кадровски. Mеѓутоа, со упорност и работа и со следење на патот кон зацртаната цел, успехот е неминовен. Патот до успехот беше долг, трнлив, но секогаш верувавме дека можеме повеќе и подобро и тоа нè донесе до она што сме денес. Впрочем, не можете да очекувате различен резултат ако ги правите нештата на ист начин секој ден.
Во почетокот на нашето работење бевме принудени да користиме простор кој не беше во наша сопственост, меѓутоа, во 2018 година изградивме нова модерна фабрика која се простира на 2.500 м2, опремена со најсовремена технолошка линија во областа на пекарството. Со овој успех се гордееме и слободно, без никаква скромност, можам да кажам дека сме една од водечките фирми во овој  бизнис. Ги исполнуваме сите стандарди за квалитет и сме единствена фабрика во која целокупното производство е автоматизирано.

Како се снаоѓате за суровини? Како влијаеше пандемијата врз снабдувањето со суровини?

Искрено, ова е најтешкиот сегмент од нашата работа и најосетливиот дел бидејќи квалитетот на суровината го носи во себе квалитетот на крајниот производ.
Во Македонија и во регионот сè помалку се наоѓаат квалитетни суровини. Повеќето од нив се увозни, што уште повеќе ја отежнува работата во смисла на постојаност во квалитет или во смисла на постојана присутност на пазарот на суровини. Тие недостатоци ги балансираме со редовни анализи за квалитет, особено на основните - брашното и пченицата.
Пандемијата е еден глобален проблем со кој тешко се снајдоа и најголемите компании и држави. Ние како компанија не сме исклучок. Мое мислење е дека како што поминува времето, треба да се навикнуваме и да живееме со пандемијата и секој од нас да пронајде свои модули како да опстане, па дури и да напредува во својот бизнис во услови диктирани од неа.

Познати сте по производството на Тонус лебот. По што овој леб се разликува од другите? Колку негови видови сега има на пазарот?

Да, тоа е вистински збор, познати  по  производството на Тонус лебот. Тонус како бренд е стар 30 години. Ние како компанија стапивме во контакт со „Академ продукт“ во 2013  година. Преговорите се водеа две години додека се заокружи финалниот договор, кој го потпишавме во  2015 година и добивме одобрение за производство на Тонус леб во Македонија. Се вложивме целосно во тие преговори затоа што бевме убедени дека овој производ е потребен и нужен за целата популација и дека пазарот има потреба од него. Тоа се покажа во практика денес, а и уште на самиот старт на производството.
Тонус лебот практично и не е класичен леб бидејќи не се произведува од брашно. Мислам дека и  не треба да се класифицира како леб. Меѓутоа, кај нас не постои класа во која можеме да го сместиме, па затоа и се декларира како леб. Тонус лебот е смеса од изртени цели зрна пченица која се формира во тесто, се става во калап и се пече. По печењето добиваш производ богат со растителни влакна, железо, фосфор, магнезиум, витамини Б1, Б2, Б3 и Б6 и витамин Е. Тоа значи дека ние не произведуваме леб, ние произведуваме здравје. Здравствени придобивки од овие компоненти присутни во Тонус лебот се единствено вредни да се именуваат како разлика од другите видови леб.
Брендот Тонус како светски бренд има повеќе типови производи. Од производство на сточна храна, па сè до производи за човечка исхрана. „Жито центар“ како фирма произведува седум вида Тонус леб, и тоа: Тонус стандард, Тонус - црно семе, Тонус - микс семки, Тонус со ’рж, Тонус бесквасен, Тонус - пченкарен и Тонус темен со чиа семе.

Тонус лебот го произведувате по руска лиценца. Кажете ни нешто повеќе за тоа.

Фирмата ООО „Академ продукт“ од Москва, Русија, издава лиценца за производи од брендот Тонус. Самиот факт дека ја имаме руската франшиза за производство на Тонус леб подразбира строго придржување на нивните критериуми.
Самата подготовка на Тонус лебот строго се чува во тајност. Квалитетот на репроматеријалите е под постојана контрола. Постои 24/7 директен мониторинг од руската компанија. Потребно е во континуитет да ги исполнуваме критериумите за здрав и безбеден производ. На секои три месеци имаме контрола од страна на руската компанија на производите што се поставени на рафтовите во маркетите.

Дали се користи стандардна опрема за производство на леб или можеби има разлики во опремата и технологијата? Кои стандарди ги имате имплементирано?

Самиот факт дека Тонус лебот како производ се разликува од другите видови лебови подразбира дека и опремата и технолошкиот процес за производство на Тонус лебот се разликуваат во целост. Машините што ја сочинуваат линијата за производство на Тонус лебот, почнувајќи од подготовката на тестото, негово оформување до ставање во калап, се специјално изработени за овој процес во Русија и не се стандардни.
Од стандардите ги имаме имплементирано ISO 9001 и НАССР.

Самата подготовка на Тонус лебот строго се чува во тајност. Квалитетот на репроматеријалите е под постојана контрола. Постои 24/7 директен мониторинг од руската компанија.

Кој е Вашиот најпродаван производ? Кои се Вашите најверни купувачи?

Во категоријата здрава храна, здрав леб апсолутно најпродаван е Тонус лебот. Купувачите се во групата од  една година до 99 години, цела популација, особено тие што водат грижа за своето здравје и за здравиот стил на живот. Со нашите кампањи работиме на подигнување на свеста кај луѓето за тоа колкави се придобивките од консумирање на Тонус лебот.

Каква Ви е соработката со маркетите низ државата? На чии полици можат да се најдат Вашите производи?

Нашето мото како фирма е дека Тонус лебот мора да биде застапен во секој маркет, дуќан, колонијал, продавница за здрава храна и на секое продажно место каде што се продаваат прехранбени производи. Благодарение на ова мото, со Тонус лебот сме застапени во градовите низ цела Македонија. Соработката со маркетите е стандардна и се одвива на највисоко ниво.

Според статистиките на ФАО, храната сега е најскапа во последните 10 години. Според Вас, потребно ли е зголемување на цената на лебот во Македонија?

Порастот на домашните цени на сите прехранбени производи во целост претставува преносен ефект од глобалниот ценовен пораст. Самиот пораст на цените на  репроматеријалите кои земаат учество во производниот процес на лебот води кон потреба од покачување на цените на крајниот производ. Тоа покачување е неминовно за опстанување во бизнисот.

На што ново работите во моментов, кои се Вашите следни планови?

За брзо време ќе лансираме на пазарот најнови производи од Тонус брендот.
 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...