Анализи

ИГД: Како ќе се развива малопродажбата до 2026 година?

02 дек 2021

Прогнозите се дека европскиот пазар на прехранбени производи ќе забележи пораст од 5 отсто до 2026 година, но довербата на купувачите ќе остане кревка.

Автори: Џон Рајт, раководител за анализа на европскиот пазар, ИГД; Чарлс Чен, сениор аналитичар на малопродажба, ИГД

Прогнози до 2026 година (Џон Рајт)

Во оваа анализа се прикажани прогнозите за индустријата за храна и производи за широка потрошувачка на европскиот пазар до 2026 година. По периодот на ролеркостер од 2015 до 2019 година, кога сложената годишна стапка на пораст беше скромна (1,1%), и необично високиот пораст во 2020 година (4,7%) како резултат на пандемијата, годинава очекуваме нормализација, со стабилен пораст во текот на следните пет години.

Според прогнозите, во 2021 година пазарот за храна и производи за широка потрошувачка ќе се зголеми за 2% во Европа, и покрај неизвесноста што произлегува од повторното отворање на земјите по ковид-19. Иако порастот е релативно низок во споредба со 2020 година, тој ќе биде дополнување на силното зголемување од минатата година.

До 2026 година се прогнозира дека пазарот ќе забележи пораст од 5%. Сепак, особено е важно да се забележи дека голем дел од порастот ќе биде поттикнат од инфлацијата, а не од волуменското зголемување на продажбата. Освен тоа, порастот исто така ќе се разликува од земја до земја врз основа на локалните фактори.

Иако генерално изгледите се позитивни, треба да се нагласи дека довербата на потрошувачите останува кревка. Во текот на минатата година таа се разниша и има потенцијал остро да се намалува како одговор на променливите услови.

Голем дел од порастот ќе биде поттикнат од инфлацијата, а не од волуменското зголемување на продажбата.

Што се однесува на каналите за продажба, прогнозите се дека сите од нив ќе генерираат дополнителна продажба до 2026 година на европскиот пазар. Сепак, уделот на хипермаркетите и супермаркетите ќе се намали за 2,5%, односно за 2,8%, додека к-продавниците (C-store, convenience stores), дисконтерите и онлајн-каналот ќе бележат зголемен удел. Тоа се должи на понатамошниот развој на трендовите, кои се создадоа и засилија како резултат на ковид-19.

Хипермаркетите ќе се фокусираат на задржување на уделот преку пренамена на просторот, соработка со трети страни и развој на е-канали. Супермаркетите, исто така, ќе се соочат со неколку интересни предизвици до 2026 година. Едни од нив се инвестициите во развој на нови купувачки мисии и пригоди.

Каналот на к-продавници (Чарлс Чен)

Од најновото истражување за к-продавниците на глобално ниво, ИГД откри дека 70% од првите 10 светски трговци според продажбата по квадратен метар, кои работат со ваков тип формати, се со седиште во Европа. Прогнозите се дека до 2026 година овие седум трговци ќе ја зголемат продажбата за дополнителни 3,5 милијарди евра, што претставува годишна стапка на пораст од 3%.

За разлика од пазарите на другите континенти, т.н. топ-ап продавници имаат значајна улога во навиките на европските купувачи и побарувачката е зголемена како резултат на пандемијата. Топ-ап или „продавници за дополнување“ е концепт кој подразбира продажба на оние прехранбени производи што вообичаено купувачите забораваат да ги купат при „главното“ пазарување. Нивниот асортиман се состои од основните животни артикли, како на пример, леб и млеко.

Се предвидува дека продажбата на к-продавниците само во Велика Британија ќе се зголеми за 12,5% (за 5,5 милијарди фунти или 6,5 милијарди евра) до 2026 година, како резултат на континуираниот фокус на продавниците во соседството, поттикната и со зголемениот тренд за работа од дома.

Таканаречените топ-ап продавници имаат значајна улога во навиките на европските купувачи и побарувачката е зголемена како резултат на пандемијата.

Подолгорочно гледано, секторот на храна и производи за широка потрошувачка ќе треба да го задржи и зголеми уделот на пазарот со фокус на продавниците во соседството и со проширување на широчината на асортиманот производи. Трговците на мало имаат придобивки од потрошувачите што ги поддржуваат локалните бизниси, од што произлегува дека нивниот приоритет треба да биде насочен кон долгорочната лојалност. Брендовите треба да размислуваат надвор од кутијата, во насока на зголемен ангажман и подобро искуството на купувачите. На глобално ниво каналот на к-продавници продолжува да се развива со засилено темпо во САД, Кина и во Русија, при што „7 елевен“ одржува значително водство. Најдобрите 10 играчи ќе имаат дополнителни 43,1 милијарди американски долари од продажба до 2026 година, што претставува пораст од 3,7%.

Каналот на к-продавници значително се разликува од земја до земја, така што трговците ќе треба да инвестираат на вистинските пазари. Флексибилноста на топ-ап продавниците, со цел да ги исполнат различните мисии на купувачите во различни периоди во денот и во различни денови од неделата, ќе биде приоритет. Особено важни се и технологијата и омниканалната малопродажба, кои ќе имаат најзначајна улога во обезбедувањето посвежи, побрзи и поедноставни искуства на купувачите.

Џон Рајт го води тимот за анализа на европскиот пазар во ИГД и има повеќе од еднодецениско искуство во истражување на малопродажбата низ целиот регион. Редовно ги посетува пазарите низ регионот, следејќи ги најновите формати, приватните трговски марки, маркетингот и дигиталните стратегии.

Чарлс Чен го води тимот за анализа на пазарот на мали модерни продавници и е одговорен за следење на најновите трендови во индустријата на глобално ниво. Тој одржува презентации и обуки низ целиот свет, споделувајќи го своето обемно знаење за стратегиите на трговците што работат со к-продавници, спроведувањето во практика, прогнозите за пазарот и за трговците.

ИГД обезбедува глобален увид, анализа и прогнози за пазарот на прехранбени и производи за широка потрошувачка, со што им помага на клиентите да се движат низ предизвиците на малопродажниот пејзаж што постојано се менува (https://retailanalysis.igd.com/markets/europe).



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...