Анализи

Еуромонитор: Што е тука за да остане?

11 мај 2021

Најважните иновации во трговијата на мало во 2020 година (прв дел)

За да обезбедат континуитет во работењето, трговците на мало мора да разберат кои промени ќе останат трајни.

Извор: „Еуромонитор интернационал“

Пандемијата на коронавирусот го наруши вообичаениот тек на бизнисот на малопродажните трговци на глобално ниво. И покрај брзите промени во однесувањето на потрошувачите и на заедниците, трговците одговорија со експерименти и иновации во 2020 година, реосмислувајќи ги стратегиите за пораст, позиционирање и комуникација со потрошувачите.

Се очекува Ковид-19 да има долгорочно влијание врз глобалната економија и однесувањето на потрошувачите. За да обезбедат континуитет во работењето, трговците на мало мора да разберат кои промени ќе останат трајни. Дали потрошувачите ќе продолжат да гравитираат кон купување преку интернет дури и кога ќе помине пандемијата? Кои клучни карактеристики ќе ги наведат потрошувачите повторно да купуваат во физичките продавници?

Големите и малите трговци се обидуваат со нови начини да додадат вредност на пазарувањето и да го унапредат начинот на кој потрошувачите пребаруваат и купуваат. Во оваа анализа се претставени 15 нови концепти во малопродажната трговија, распоредени во три тематски целини, кои се смета дека беа доминантни во 2020 година.

  1. Е-ТРГОВИЈА

Пандемијата доведе до невиден бран на е-продажба низ целиот свет. Иако некои од практиките на потрошувачите за трошење преку интернет може да траат кратко, значителен дел ќе остане траен. Голем дел од личните искуства го изгубија влијанието поради ограничувањата за физички контакт. Акцентот беше ставен на дигиталниот контакт, особено на концептот пренос во живо. Подемот на е-трговијата ги зголеми и трошоците за испорака до последната милја, што ги наведе компаниите да трагаат по нови методи – од високотехнолошки роботи, до различни „клик & колект“ опции.

  • 1,5 трилион се очекува да изнесува апсолутниот пораст на е-трговијата на глобално ниво од 2019 до 2024 година;
  • 56% од глобалните трговци развиле дополнителни дигитални канали за продажба во 2020 година;
  • 73% од глобалните трговци сметаат дека промената кон е-продажба ќе биде трајна.

Пренос во живо на земјоделската работа

Програма за рурална поддршка на „Алибаба“ во Кина

„Алибаба“ ја почна програмата за рурална поддршка во февруари 2020 година за да ги поврзе земјоделците, кои во тој момент чувствуваа дека им се нарушуваат синџирите на снабдување. Со алатките за е-трговија тие добија можност директно да им ги продаваат производите на потрошувачите.

Како дел од оваа иницијатива, „Алибаба“ ја направи платформата за пренос во живо Taobao Live, која е бесплатно достапна за земјоделците. До средината на мај Taobao Live имаше повеќе од 50.000 преноси во живо од руралните области, кои им овозможија на доставувачите и на земјоделците брзи начини за директно поврзување со купувачите.

Големината е важна, но и малите играчи можат да успеат со е-трговијата

Дигитално домородниот бренд Allbirds ги користи продавниците како центри за испорака за време на карантинот во САД и во Велика Британија

Allbirds, специјализиран бренд за одржливо произведени платнени обувки, ги искористи постојните физички продавници како центри за испорака за време на карантинот. Компанијата воведе и нова опција за виртуелен разговор, за да им овозможи на потрошувачите што купуваат преку интернет да се поврзат со вработените во продавниците за да им одговорат на прашања во врска со производите.

Приспособливоста на Allbirds за време на пандемијата е ново ниво на созревање за дигитално домородните брендови. Физичките продавници нудат нови начини за изградба на позначајни врски со купувачите, кои се круцијални за новите брендови.

Големината е важна, но и малите играчи можат да успеат со е-трговијата

„Мандамело“ – здружена платформа за мали бизниси во Мексико

Сите продавници што се водени од импулсивна продажба во Мексико беа сериозно погодени од пандемијата. Сепак, најпогодени беа малите, независни продавници (tienditas). Две трговски здруженија, „Конканако“  и „Антад“, ја лансираа платформата „Мандамело“ за бесплатна е-продажба за да им помогнат на малите продавници да останат во живот. Платформата им овозможува на „tienditas“ да реализираат наплата преку апликацијата „Ватсап“, искористувајќи ја локалната близина на продавниците и обезбедувајќи испорака на нарачки што се исплатливи и временски ефективни во радиус од 10 блока.

Оваа услуга им обезбедува на помалите, особено на традиционалните трговци со прехранбени производи, на лесен и достапен начин да се преселат во просторот за е-трговијата, при што од нив не се бараат големи инвестиции или претходно искуство.

Испорака на производи за само 15 минути

„Визи“ доставува храна за неколку минути, користејќи хиперлокални центри во Велика Британија

„Визи“ користи магацини за да одговори на нарачките од избран асортиман производи. Услугата е единствена затоа што успева да го контролира сопствениот синџир на снабдување. Возачите директно од магацинот одат до купувачот, без да имаат други попатни станици, со што обезбедуваат достава во рок од 15 минути.

Со интензивирање на конкуренцијата на пазарот, не е јасно дали на потрошувачите ќе им значи многу разликата меѓу услугите од 30 и од 15 минути. Сепак, побарувачката за мали испораки постои, а минималната нарачка на „Визи“ од само 15 фунти може да биде решение за оние продавници што испорачуваат производи во последен момент.

Подемот на е-трговијата ги зголеми и трошоците за испорака до последната милја, што ги наведе компаниите да трагаат по нови методи – од високотехнолошки роботи, до различни „клик & колект“ опции.

Сите погледи се вперени кон последната милја

„Мана“ нуди услуга за испорака со дронови во Ирска

„Мана“ е стартап-компанија која има флота од беспилотни летала за испорака на храна. Компанијата планираше да ги тестира операциите во март 2020 година, но, сепак, пандемијата го насочи нејзиниот фокус од испорака на пица кон снабдување со лекови и неопходни производи за стари луѓе што беа принудени да останат дома.

По неколку недели летање до и од домовите на жителите до локалните аптеки и продавници, „Мана“ докажа колку е безбеден и практичен овој вид испорака. Во септември 2020 година компанијата тестира испорака во Даблин, во партнерство со најголемиот трговец на прехранбени производи – „Теско“.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...