Анализи

ИГД: Како ќе се развива пазарот на храна по Ковид-19

20 јан 2021

Веќе не постои сомнеж дека Ковид-19 ја забрза малопродажната еволуција и го намали јазот меѓу развиениот и малопродажниот пазар во развој.

Автор: Милош Риба, раководител на малопродажба и аналитичар на стратешки проекти, ИГД

Како ќе се развива малопродажниот пазар на прехранбени производи? Колку ќе трае кризата за мојот бизнис? Како ќе купуваат купувачите? Што можеме да научиме од претходните економски кризи? Како реагираат другите бизниси? Каде да ја барам најдобрата практика?

Ова се само неколку од прашањата што ИГД ги слуша од клиентите и контактите од FMCG-индустријата. Приспособувањето на вашата бизнис-стратегија на новата реалност станува покомплексно кога ќе се разгледаат повеќе хипотези. Во текстот се анализираат пет прашања.

Речиси половината од испитаниците со задоволство би споделиле податоци за себе за време на пандемијата, доколку тоа им овозможи приоритет при испораката на прехранбени производи преку интернет.

  1. Како ќе се развива малопродажниот пазар на прехранбени производи?

Според прогнозите на ИГД, британскиот пазар на прехранбени производи ќе забележи пораст од 5% до 6,2% во 2020 година, по зголемувањето од 1,1% во 2019 година. Долгиот период на траење на социјалната изолација директно ќе влијае врз порастот на пазарот за прехранбени производи во Велика Британија и на неговите различни канали.

К-продавниците (C-store, convenience stores) и супермаркетите ќе забележат најголемо зголемување на вредноста, а онлајн и малите формати продавници ќе бидат најбрзо растечки канали, покажувајќи најголем процент на пораст.

Очекуваме поголема промена во однесувањето на купувачите како резултат на препораките за одржување физичко растојание, кои сè уште важат. Продажните канали што ги користат купувачите може значително да се променат следната година, особено за време на длабоката економска рецесија.

Дисконтерите не беа победници за време на пандемијата. Во првиот квартал на 2020 година низ цела Европа купувачите купуваа поретко, а нивните потрошувачки кошници беа поголеми. Тие ги посетуваа локалните продавници, продавниците со целосен асортиман и нарачуваа повеќе прехранбени производи преку интернет. Тоа имаше негативно влијание врз порастот на дисконтниот канал.

Глобалниот FMCG-пазар значително созреа во последната деценија, особено во сегментот на приватните трговски марки и е-трговијата.

  1. Колку ќе трае кризата за мојот бизнис?

Порастот на вашиот бизнис ќе зависи не само од времетраењето на економската рецесија, туку и од патот на вирусот, без разлика дали станува збор за еден или за повеќекратни бранови на пандемијата. Создадовме четири макроекономски сценарија, кои се базираат врз овие фактори за да покажеме како ќе влијаат врз стратегиите на трговците и однесувањето на купувачите.

На пример, ако рецесија што релативно брзо закрепнува се комбинира со повеќе бранови на коронавирусот, тогаш е-каналот за прехранбени производи ќе се развива многу брзо. Трговците на мало значително ќе инвестираат во опциите што ги нуди интернетот, скратувајќи ги буџетите за инвестиции во физичките продавници.

  1. Како ќе купуваат купувачите?

Истражувачката програма ShopperVista редовно ги следи ставовите на купувачите во Обединетото Кралство. Истражувањето на ИГД откри дека речиси половината (47%) од испитаниците со задоволство би споделиле податоци за себе за време на пандемијата, доколку тоа им овозможи приоритет при испораката на прехранбени производи преку интернет. Тоа укажува на можноста во иднина купувачите да бидат поотворени за споделување лични информации, доколку на тој начин полесно ги добијат потребните услуги.

За да го разбере однесувањето на купувачите од иднината, ИГД користи техника на истражување од бихевиористичката наука и создава хипотези за одредена категорија или производ на онлајн-фокусни групи, кои потоа ги тестира преку онлајн-анкета. За да бидат во чекор со брзите промени во однесувањето на купувачите, за компаниите е неопходно редовно да ги следат и тестираат хипотезите.

Најдоброто практично учење, кое порано доаѓаше од развиените пазари, сега ќе доаѓа од брзите, снаодливите и активни бизниси.

  1. Што можеме да научиме од претходните економски кризи?

Можеме да видиме како влијаеја минатите финансиски кризи и рецесии, како што беа во Европа (од 2008 до 2010 година) или во Грција (од 2008 до 2013 година), врз продажбата на трговците. Пазарот на прехранбени производи се стегна во поголемиот дел од европските земји во 2009 година. Трговците го рационализираа асортиманот и неколку пати најавија трајно намалување на цените на основните производи. Тие ги зголемија промотивните активности, особено на брендирани производи.

Побарувачката за приватните трговски марки се зголеми, што доведе до вертикална интеграција. Дури „Лидл“ одлучи да изгради фабрика за чоколада во Германија. Темпото на отворање продавници значително забави во Грција, а вкупната површина за продажба во модерните продавници за храна се намали за 5% во 2013 година.

Глобалниот FMCG-пазар значително созреа во последната деценија, особено во сегментот на приватните трговски марки и е-трговијата. Овие лекции од минатото мора да се стават во контекст на специфичниот малопродажен пазар.

  1. Како реагираат другите бизниси?

Тримесечното истражување на ИГД на производите за широка потрошувачка ни помага да разбереме што се случува на другите пазари. Во анкетата од мај 2020 година многу е јасна пораката дека компаниите се подготвуваат за промени. Нешто помалку од две третини (64%) очекуваат рационализирање на асортиманот, додека помалку од една четвртина (22%) планираат да ги задржат непроменети буџетите за маркетинг. Тоа е добра индикација за приоритетите на многу бизниси и помага при одредување на активностите и на идните планови.

Веќе не постои сомнеж дека Ковид-19 ја забрза малопродажната еволуција и го намали јазот меѓу развиениот и малопродажниот пазар во развој. Тој јаз ќе продолжи да се намалува. Конкурентска предност нема да биде количеството на податоци, туку можноста за дестилација на релевантни податоци и нивно брзо претворање во акција. Најдоброто практично учење, кое порано доаѓаше од развиените пазари, сега ќе доаѓа од брзите, снаодливите и активни бизниси.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



Зелена економија: Освежување во модерното работење

01 ное 2020

Тема на InStore: Каде одат македонските производи?

01 ное 2020

ИГД: Четири лекции од четири формати продавници

01 ное 2020

Еуромонитор: Прехранбениот национализам како контратренд

01 ное 2020

Напредок, стремеж или преживување?

01 ное 2020

ИГД: Запознајте ја генерацијата P

01 ное 2020
Вчитува уште новости...