Анализи

Еуромонитор: Дигитални трендови на пазарите во развој

10 дек 2020

Ковид-19 го стави светот во досега непозната позиција, принудувајќи ги потрошувачите да ги менуваат секојдневните навики, а бизнисите да им дадат приоритет на иновациите за да останат конкурентни.

Извор: „Еуромонитор интернационал“

Во 2020 година беа направени големи трансформации на бизнисот со употребата на различни нови технологии – дигитални услуги, онлајн-плаќања и е-трговија. Мерката за останување дома што беше воведена во многу земји ги направи овие услуги посуштински, охрабрувајќи ги скептичните потрошувачи да ги испробаат. Подготвеноста да се користат дигиталните производи и зголемената достапност на услугите го забрзаа глобалното усвојување.

Во споредба со поразвиените пазари, потрошувачите од пазарите во развој побавно ја усвојуваат технологија бидејќи немаат блискост и доверба. Покрај ограничениот пристап до интернет, потрошувачите не се подготвени да купуваат преку интернет поради несигурноста за тоа како ќе се користат и чуваат нивните лични информации.

Како резултат на пандемијата, онлајн-навиките на потрошувачите се зголемија и на развиените и на пазарите во развој. Во овој текст се прави анализа како влијае пандемијата врз достапноста и употребата на производи и услуги преку интернет.

Поради пандемијата, засилената виртуелна комуникација е на прво место во многу развиени земји. Сепак, таа останува предизвик на пазарите во развој, кои се одликуваат со ограничен пристап до интернет.

ИНТЕРНЕТ-ПРИСТАП ВО РАЗВИЕНИТЕ И ВО ПАЗАРИТЕ ВО РАЗВОЈ

Во развиените земји како Канада и Германија пристапот до интернет е достапен за повеќе од 90% од населението. За земји како Индија и Индонезија, помалку од 50% имаат потенцијал за пристап до интернет, што води до побавно усвојување на дигиталните услуги. Како што економиите во развој продолжуваат да се развиваат, интернет-пристапот сè повеќе се зголемува. На пример, во Виетнам и во Индонезија е забележан пораст од 49% и 32% соодветно, на домаќинствата со интернет-пристап од 2014 до 2019 година.

Освен економскиот развој, интернет-пристапот на потрошувачите расте и со зголемената употреба на паметните телефони и постепеното поместување на демографијата. Во последните пет години се забележува значително зголемување на бројот на корисници на паметни телефони. Со демографското поместување кон милениумците и помладите генерации, потрошувачите користат онлајн-технологии од порана возраст. Помладите генерации се многу приврзани и зависни од онлајн-уредите.

И на развиените и на пазарите во развој растечката куповна моќ и милениумското влијание во донесувањето одлуки за купување ќе станат важен катализатор за дигитална трансформација.

ДИГИТАЛНИ УСЛУГИ

Во последниве години дигиталните платформи развиваат сè поголем опсег на услуги, кои вклучуваат стриминг (пренос во живо), онлајн-часови, комуникациски платформи и видеоигри. Во Бразил, Колумбија и во Индија интересот за дигиталните услуги за стриминг се зголемуваше за повеќе од 18% на годишно ниво од 2016 до 2019 година.

Во првиот триместар од годинава „Нетфликс“ доби речиси 16 милиони нови корисници, остварувајќи двојно поголем приход од 2019 година. Платформата за стриминг забележа најголем пораст во регионите со повеќе земји во развој, како што се Азиско-пацифичкиот Регион и Јужна Америка, со 63%, односно 25% повеќе нови претплатници од 2019 година.

Успешните глобални играчи, како што се „Нетфликс“ и „Спотифај“, ги привлекоа потрошувачите со моделот заснован врз претплата, создавајќи можности за локалните бизниси на пазарите во развој.

Потребата за комуникација и работен ангажман го зголеми и бројот на преземања на комуникациските платформи. Најпреземана апликација на глобално ниво во април годинава беше „Зум“, со речиси 131 милион инсталации, од кои 18% беа направени во Индија.

Иновативните карактеристики на онлајн-платформите се клуч за успехот. Голем број од бизнисите успешно се приспособуваа на пандемијата, овозможувајќи им на потрошувачите нови начини да останат зафатени и продуктивни дома. Околу 44% од испитаниците од бизнис-секторот на пазарите во развој тврдат дека потрошувачите ќе продолжат да поминуваат повеќе време дома. Со оглед на тоа што секојдневните активности на потрошувачите остануваат под влијание на ограничувањата и здравствените проблеми подолго отколку што се очекуваше, се зголемува потребата од алтернативни начини на работа, учење и забава без човечка интеракција.

Со искусување на придобивките на дигитализацијата (погодност и ефикасност), потрошувачите ги надминуваат големите бариери што претходно беа поставени (недоверба во непознатото).

Компаниите и на развиените и на пазарите во развој спроведуваат слични стратегии за подобрување на дигиталното корисничко искуство.

  • Интеракции слични на лице в лице

Платформите за комуникација преку интернет воведоа нови и ги подобрија постојните карактеристики. За попријатна комуникација со пријателите и со семејството, „Фејсбук“ ги претстави Messager Rooms. Оваа услуга им овозможува на корисниците да создаваат виртуелни соби каде што можат да остварат видеоповици, да играат игри, да гледаат преноси во живо и да користат филтри. Тие можат да користат ефекти на аугментирана реалност и на вештачка интелигенција, со заднина од 360 степени.

  • Впечатливи искуства

Со оглед  што настаните (концерти и фестивали) се откажани, одложени или веројатно нема во блиска иднина да се случат во живо, компаниите го прават тоа искуство виртуелно. На пример, платформата за видеоповици „Хауспарти“ ја претстави официјалната верзија на шпански јазик за влез на пазарот во Јужна Америка во мај годинава. Корисниците имаат можност преку платформата да следат фестивали од популарни уметници во живо.

  • Поголема соработка

Без интеракцијата лице в лице, комуникацијата, тимската соработка и генерирањето идеи се силно погодени. За борбата со овој предизвик, „Мајкрософт тимс“ подготвува Breakout Rooms, преку кои модераторите ќе можат да ги распределат учесниците во помали групи за разговор на платформата. Google Classroom нуди можност за професорите да се поврзат со студентите, да одржуваат часови, да поставуваат задачи, да оценуваат и да добиваат повратни информации.

Поради пандемијата, засилената виртуелна комуникација е на прво место во многу развиени земји. Сепак, таа останува предизвик на пазарите во развој, кои се одликуваат со ограничен пристап до интернет. Иновациите, поврзани или неповрзани со интернет, мора да бидат инклузивни во сите земји. Некои влади експериментираат со алтернативни форми на технологија – телевизија и радио, кои се подостапни за жителите на земјите во развој.

  • Стримингот како социјална активност

За подобрување на искуството на стриминг-платформите, сè повеќе се додаваат нови функции. На пример, Teleparty (поранешна Netflix Party) е екстензија на „Гугл хром“ и им овозможува на пријателите виртуелно заедно да гледаат содржини на „Нетфликс“, на нивните посебни уреди.

Додека социјалните собири се преструктурираат во регулативите во текот на пандемијата, компаниите ќе продолжат да воведуваат иновативни карактеристики за да внесат интимност во поврзувањето преку интернет.

Генерално, пазарите во развој заостануваат во усвојувањето на дигиталните производи и услуги, но, сепак, овие технологии станаа неопходни во секојдневниот живот за време на пандемијата.

ДИГИТАЛНИ ФИНАНСИСКИ УСЛУГИ

Дигиталните финансиски услуги вклучуваат трансакции преку интернет или со дигитален уред. Во текот на изминатите пет години се забележа подем на технологиите за плаќање на пазарите во развој. Глобалните играчи – Samsung Pay и Apple Pay се достапни и во Индија, Бразил, Мексико, Виетнам и во Кина.

Во просек, процентот на луѓе со пристап до банкарската сметка е помал на пазарите во развој отколку во развиените земји. Со оглед на тоа што дигиталните финансиски услуги коегзистираат со пристапот до банкарските сметки, потрошувачите од пазарите во развој покажуваат помал интерес за овие услуги во целина.

Во поголемиот дел од земјите во развој готовината сè уште е најкористениот, а честопати и единствениот начин на плаќање поради големиот број локални независни продавници. Овие трговци често не ни сакаат да се запознаат со новиот процес на плаќање и воопшто имаат ниска доверба во услугите за дигитално плаќање.

За да се надминат овие бариери, финансиските компании треба да спроведуваат услуги за кои не е потребен пристап до сметка во банка. На пример, кенискиот „М-Песа“ дозволува трансакции и плаќања „peer to peer“ (P2P) преку систем сличен на текстуалните пораки. Иако голем дел од населението во Кенија е без банкарска сметка, земјата се одликува со една од највисоките стапки на пенетрација на мобилните пари. „М-Песа“ има 4,5 милиони клиенти во Кенија.

Економските и здравствените грижи го поттикнуваат усвојувањето на дигиталните финансиски услуги. Пандемијата на многу начини позитивно влијае врз компаниите што нудат финансиски услуги преку интернет. Стравот од вирусот и препораките на Светската здравствена организација охрабруваат избегнување на плаќање во готово бидејќи многумина веруваат дека болеста може да се пренесе и преку пари.

Сервисот PayPal вклучува дигитални финансиски услуги преку QR-кодови. Потрошувачите можат да го скенираат кодот, кој потоа ги пренасочува кон е-апликација за плаќање. Дополнително, голем број трговци им овозможуваат на потрошувачите да купуваат преку интернет, а потоа нарачката да ја земаат од продавница. Овие практики им овозможуваат на потрошувачите и на продавачите да избегнуваат блиска интеракција.

Се очекува потрошувачите да продолжат да бараат онлајн-финансиски услуги што нудат сигурност и економско олеснување. Како што продолжуваат економските и здравствените проблеми, избегнувањето на готовината и потребата од финансиска поддршка ќе ја зголемат употребата на дигитални финансиски услуги.

Е-ТРГОВИЈА

Во изминатите пет години е-трговијата како канал за продажба се зголемуваше за 30% на годишно ниво на пазарите во развој. Овој пораст претставува зголемување на вредноста од 242 милијарди долари во 2014 година на 834 долари до крајот на 2019 година.

Зголемената брзина на пенетрацијата на интернетот и однесувањето на потрошувачите се главните причини за порастот на електронската трговија на пазарите во развој. Како резултат на тоа, компаниите не можат да си дозволат да го игнорираат дигиталниот дистрибутивен канал и мора да ѝ дадат приоритет на е-трговијата, како стратегија за продажба. Успешните играчи ќе ги користат можностите на сите канали, вклучувајќи ги услугите „клик & колект“ и испорака до последната милја.

Голем број играчи од е-трговијата влегуваат на пазарите во развој. „Ентрега Али“ им овозможува на бразилските компании да ги рекламираат производите и услугите, дигитално поврзувајќи ги малите бизниси со локалните потрошувачи. Со оглед на тоа што потрошувачите поминуваат повеќе време дома, апликациите за испорака до последната милја, како што се Rappi и Uber Eats, се натпреваруваат за да одговараат на побарувачката. Uber Eats им овозможува на Јужноафриканците достава на низа неопходни производи во рок од еден час по нарачката.

ИСПОРАКА ДО ПОСЛЕДНАТА МИЛЈА

Според истражувањата на „Еуромонитор“, 98% од порастот на населението се очекува да биде во урбаните области. До 2030 година 60% од светската популација ќе биде урбана. Како резултат на тоа, транспортните и општинските власти ќе имаат задача да овозможат ефикасни методи за транспорт бидејќи поголемиот дел од бизнисите ќе ги доставуваат производите до домот на потрошувачите.

Недостигот на ефикасна инфраструктура може да ги намали или комплицира бизнис-операциите за услугите за испорака. За да се спречат тие потенцијални предизвици, мрежите за испорака стануваат поцентрализирани, фокусирајќи ги синџирите на снабдување кон урбаните центри.

Некои трговци на мало го користат форматот „dark store“ (продавница во сенка), односно дистрибутивни центри што личат на конвенционален маркет, но се затворени за потрошувачите и се користат за складирање и организирање на нарачките преку интернет. Овој формат овозможува да се забрза трансферот од продавница до продавница и до домот на потрошувачите.

Со оглед на тоа што потрошувачите сè повеќе ќе ги користат услугите на е-трговијата, непреченото искуство во сите канали е клучно за пораст на малопродажбата. Потрошувачите најверојатно ќе ги фаворизираат компаниите што ќе им овозможат едноставни апликации и повеќе опции за добивање на купените производи.

Испораката до последната милја претставува поттик за бизнисите да учествуваат во овој нов бран на дигиталниот свет. Автоматизираната дистрибуција и новите технологии ќе продолжат да ги прават бизнисите поефикасни и поповрзани со потрошувачите.

Додека социјалните собири се преструктурираат во регулативите во текот на пандемијата, компаниите ќе продолжат да воведуваат иновативни карактеристики за да внесат интимност во поврзувањето преку интернет.

ЗАКЛУЧОК

Голем дел од потрошувачите што имале искуство со дигиталните производи и услуги за време на пандемијата веројатно ќе продолжат да ги користат и во иднина. Со искусување на придобивките на дигитализацијата (погодност и ефикасност) потрошувачите ги надминуваат големите бариери што претходно беа поставени (недоверба во непознатото).

Генерално, пазарите во развој заостануваат во усвојувањето на дигиталните производи и услуги, но, сепак, овие технологии станаа неопходни во секојдневниот живот за време на пандемијата. Дигиталната индустрија стана привлечна за инвеститорите и за конкурентите, кои се обидуваат да ја задоволат брзорастечката побарувачка.

За успешно да влезат во тој простор, постојат фактори и специфики за пазарите во развој што играчите треба да ги имаат предвид. Потрошувачите на овие пазари сакаат беспрекорно, пријателско корисничко и безбедно искуство бидејќи многумина веројатно не се запознаени со технолошките производи. Компаниите треба да ги одржуваат ниските трошоци. Придобивките од дигиталните финансиски услуги мора да бидат очигледни, бидејќи многумина од потрошувачите веројатно и немаат банкарски сметки.

Дигиталното однесување станува неопходно за секојдневниот живот на потрошувачите. Сега повеќе од кога и да е има простор за иновативен пораст и нови бизнис-можности на пазарите во развој.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



Еуромонитор: Прехранбениот национализам како контратренд

09 сеп 2020

Напредок, стремеж или преживување?

09 сеп 2020

ИГД: Запознајте ја генерацијата P

09 сеп 2020

Еуромонитор: Како ќе се развива FMCG-пазарот по коронавирусот?

09 сеп 2020

ИГД: Технологијата во функција на безбедноста

09 сеп 2020

Керни: Добре дојдовте во „ненормалноста“

09 сеп 2020
Вчитува уште новости...