Свет

Италија и Франција го намалуваат производството на вино

11 авг 2020

Водечките италијански и француски винари го намалуваат производството на врвните вина, откако пандемијата со коронавирус ги испразни хотелите и баровите и визбите ги остави полни со милиони непродадени шишиња.

Во Италија, домашната побарувачка за вино се очекува да падне за речиси една третина откако хотелите, рестораните и винските барови беа затворени со месеци. Извозот исто така се намали , па производителите на вино се плашат дека би можеле да регистрираат загуба од вкупно 1 милијарда евра оваа година, што е еквивалентно на девет проценти од вкупниот приход.

Во август во Франција почнува бербата на сорти на грозје од кои се произведува шампањ. Се чини дека бербата ќе биде помала, иако винарите и лозарите се разликуваат во проценките за колку. Групацијата ЦИВЦ на производители на шампањ проценува дека дури 100 милиони шишиња нема да бидат продадени оваа година, а приходите се очекува да се намалат за повеќе од 1,7 милијарди евра.

И Рим и Париз издвоија дополнителни пари за производителите кои го дестилираат вишокот вино во алкохол за производство на средства за дезинфекција на раце и за парфеми, а Франција оваа недела ја зголеми финансиската поддршка за лозарите на 250 милиони евра.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...