Свет

Секоја петта компанија во Германија стравува од пропаст

09 јул 2020

Секоја петта германска компанија не ја исклучува можноста од пропаст поради последиците предизвикани од ударот на корона вирусот врз економијата, објави институтот ИФО кој е со седиште во Минхен.

Би можеле да се соочиме со бран инсолвентност во наредните месеци, предупреди истражувачот Стефан Сауер од овој институт.

Според резултатите од една анкета, ИФО утврди дека најголем страв од затворање владее меѓу германските компании од секторот услуги, во кој 27 отсто од бизнисмените оценуваат дека нивното понатамошно работење е под знак прашалник.

Во секторот услуги најнесигурни во поглед на натамошното работење се туроператорите со 85 отсто, хотелите со 65 проценти и рестораните каде дури 67 отсто од сопствениците не ја исклучуваат можноста од затворање на бизнисот. Меѓу другото повеќе од половина од бизнисмените во металната индустрија како неизвесно го оценуваат своето понатамошно опстанување на пазарот.

Во извештајот на ИФО се потенцира и дека голема неизвесност владее и во текстилниот сектор, каде 38 отсто од бизнисмените не ја исклучуваат можноста од пропаст на компанијата.

Помала несигурност владее во секторот трговија, додека стравот од затворање на бизнисот е најмал во градежниот сектор.

ИФО укажува и на високата неизвесност која владее во креативната и забавната индустрија, каде 55 отсто од компаниите како отворена ја оставаат можноста од затворање на компаниите поради корона кризата.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...