Свет

„Гардијан“: Малопродажен феномен во Велика Британија

20 сеп 2021

Анализа на „Гардијан“ 

Малопродажен феномен годинава во Обединетото кралство се празните полици, при што како виновници  првично се посочуваа епидемијата со Ковид - 19 и излегувањето од ЕУ (Брегзит). Но, дали е така? Иако пандемијата и новите ограничувања за трговијата и за слободното движење во ЕУ придонесоа за недостаток на производи на полиците во продавниците и за намалување на производството на компаниите, наспроти зголемената побарувачка, корените на овој лош тренд на пазарот датираат со децении. Уште полошо, кризата на работна сила во Обединетото Кралство – која ги зафаќа бизнисите со превоз на храна, земјоделски производи, малопродажба и градежништво – сега е толку длабока што и зголемувањето на платите во тие сектори нема да ги извлече од неа.

За да ги разберете основните причини за кризата погледнете ги неформалните паркиралишта за товарни возила непосредно до автопатската мрежа или до аеродромите и пристаништата. Посетив едно такво место за паркирање за да интервјуирам превозници што испорачуваат за големи транснационални бизниси за малопродажба и е-трговија. „Паркиралиштето“ беше  поле со земја и кал, на кое беа поставени тушеви на отворено со мијалници од корита и апарати за купување кафе. Таблите беа на руски, како и на англиски јазик, со што се признава фактот дека повеќе од половина од камионите паркирани таму се управувани од мигранти од Украина и Белорусија, кои работат за фирми на ЕУ регистрирани во Литванија.

Некои од возачите биле на пат, далеку од дома, шест месеци или повеќе. Тие спиеја во камионите, се миеја себеси и облеката покрај патот и честопати одеа во тоалет покрај патот. Готвење оброк на боца на гас за кампување покрај 800 литри дизел во резервоарот се смета за одмор. Нивната плата беше жално ниска и трошоците за сместување во хотел не се вклучени во неа.

Возењето големи камиони  е високо квалификувана работа која се карактеризира со директно вработување и силни синдикати. Исто така е многу регулирана поради добра причина – целосно натоварен камион од 44 тони со возач кој не  е добро одморен може брзо да се претвори во машина за убивање. Иако постојат правила за заштита на возачите и на јавната безбедност, според искуствата на камионџиите, спроведувањето е слабо, особено во Велика Британија. Еден Украинец  рече дека се плаши  да ги прекрши правилата во Германија, Франција или Австрија, но „не толку во Обединетото Кралство“, бидејќи верува дека  туку „се  затвораат очите“.

Британските транспортни компании, кои се уште се обидуваа да работат по старомодниот принцип дека возачот  барем еднаш месечно треба да се врати дома неколку дена за да биде дел од семејниот живот, рекоа дека не можат да се натпреваруваат со другите. Од нив се повеќе се бара да конкурираат за договори за транспорт на нови платформи во стилот на Убер, управувани од сајтови за е-трговија, кои ја одредуваат цената и прецизните временски рокови за собирање и испорака на производите.

Технолошката револуција во 1980-тите и 1990-тите години, која вклучи електронско следење и напреден софтвер за контрола на сообраќајот, доведе до драматични пресврти. Тоа им овозможи на индустриите да се префрлат на глобализиран систем за навремено нарачување со огромно проширени линии за снабдување. Но, на таа ефикасност, контролирана со железна бруталност 24/7, мораа да се прилагодуваат и работните места, т.е. вработените. Моделот е ист во другите сектори кои исто така сега страдаат од акутен недостиг на работна сила. Бербата на земјоделските култури отсекогаш била тешка, валкана работа; толпи  работници го правеа тоа во кратки периоди од годината или во смени околу училишните часови. Вообичаено смените се менуваа на 12 часа, седум дена во неделата.

Фабриките за месо порано работеа доцна или за време на викендите, како дополнителна прекувремена работа за дополнителни пари. Сега се очекува работниците да се препотат во  кланицата онолку  колку што е потребно за сопствениците да ги достават нарачките во супермаркетите, по иста цена.

Условите, исто колку и платата, се причината што британските работници одбиваат да ги извршуваат овие работи. Тие не се, како што би сакале да веруваме, некакви  безделничари кои претпочитаат лесна работа, туку  индустријата ги направи овие витални работни места некомпатибилни со секој нормално организиран  живот. Само очајни луѓе, од посиромашните земји, ќе се нафатат да работат во овие сектори, и тоа толку долго додека не  заработат доволно за да си овозможат подобар живот дома, или доволно долго за да научат англиски и да се искачат по скалите за вработување во Велика Британија.

Овие услови не се влошија само поради големиот број мигранти, туку поради бесконечниот циклус на нови мигранти, привлекувајќи ги луѓето се подалеку на исток, бидејќи како едни источноевропски нации го подобруваат нивниот животен стандард, нивните работници повеќе не прифаќаат да работат на ваквите тешки работни места.. Регрутаторите сега не ги наоѓаат своите нови евтини возачи за тешки камиони во Полска, Унгарија или Романија, туку во поранешните советски држави од Централна Азија, Узбекистан и Таџикистан.

Зголемувањето на автоматизацијата,исто така, отсекогаш се сметало како одговор на работните проблеми. Ви недостасуваат возачи за тешки камиони? Не грижете се, камиони без возачи се зад аголот. Немате доволно работници да ви ги соберат посевите или да ви ги заколат свињите? Инвестирајте во машини за да го направите тоа. Но, искуството покажа дека ваквото размислување е лажно. Отидете зад најсовремената платформа за подготовка на  зеленчук- сите тие светлечки инвестиции со компјутеризирани системи за оценување, со интегрирани подвижни ленти за миење зеленчук и блескави рефлектори – и сепак ќе најдете десетици работници, од пред зори до  или после самрак, како ја подигаат храната од доле. З

Застанете во складиште во супермаркет и погледајте ги дигиталните камери како во секунди пресметуваат процент на црвенило или зеленило на јаболките додека минуваат по автоматизирана линија (така што оние што не се доволно розеви се фрлаат во канта), и сепак ќе најдете армии од уморни луѓе што работат на системот. Новата технологија навистина создаде систем за дистрибуција кој е чудесен во својата софистицираност и во враќањето на  капиталот, но е изграден врз фатална маана: Работниците не се автомати во некоја дистопија од типот на Метрополис Фриц Ланг.

Автоматизацијата сама по себе не ги искоренува безумните работни места, туку  напротив, создава нови форми на тешка работа со секој чекор напред.

Затоа, ова не е свет во кој пазарот ја одржува понудата и побарувачката на работна сила во рамнотежа. Тоа е дисфункционален пазар во кој грст големи компании доминираат во секој сектор. Нивната куповна моќ е толку голема што добавувачите, соочени со потребата да платат повисоки плати, не можат да ги поднесат трошоците. Владите сукцесивно ја користеа имиграцијата  за да влијаат на политиката на плати и  за да извршат надолен притисок врз приходите, наместо да се справат со оваа тенденција. Сега владата сака имиграцијата да престане, но проблемите заради  кои се појави се разоткриени. Децениското носење законодавства против синдикатот влијаеше нееднаквиот  однос помеѓу работниците и капиталот уште повеќе да се зголеми во корист на вториот. Решението е менување на структурите што го зајакнуваат и забрзуваат овој дисбаланс на моќта и ремонт на односот помеѓу трудот и капиталот, така што трудот,т.е. работата не само што ќе се плаќа, туку ќе биде и човечна. Тоа секако ќе го намали профитот на претпријатијата, но игнорирањето на социјалните трошоци во хиперлинискиот синџир на снабдување ќе покаже дека сте создале систем толку економски ефикасен за бизнисот – што исто толку ефикасно и ќе го разурне. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...