Свет

Франција: Препорака за целосна забрана на нитритите во сувомеснатите производи

14 јан 2021

Парламентарниот извештај презентиран денеска во францускиот парламент, препорачува постепено забранување на солите од нитрити до 2025 година, јави дописникот на МИА од Париз.

Овие контроверзни адитиви се користат во сувомеснатите производи за продолжување на рокот на траење и спречување на оксидација, но постојат сомневања дека фаворизираат појава на одредени видови на рак.

Парламентарците за да ја забранат употребата на соли од нитрити, се потпираат на сослушувањата на научниците, пред сè, на професорот Аксел Кан, претседател на Лигата против рак.

За време на сослушувањата, Аксел Кан процени дека „третманот на сувомеснатите производи со нитрити се чини дека е позитивно поврзан” со зголемување на канцерогената природа на месото, теза која индустријата за месо ја оспорува сериозно.

Врз основа на овие експертизи, извештајот препорачува на прво место „да се забрани употреба на азотни додатоци во сувомеснатите производи од 1 јануари 2023 година за месни производи кои не се термички обработени”, како што се сурова шунка „а од 1 јануари 2025 година за сите сувомеснатите производи “, вклучително и варена шунка.

Оваа забрана, за која е потребна реална транзиција на секторот, мора да биде поддржана од јавните органи, особено на финансиско ниво, сметаат авторите на извештајот, пратениците Ришар Рамос, долгогодишен противник на адитиви на нитрити, и неговата колеги Барбара Бесот-Балот и Мишел Кроузет. Оттука произлегува и препораката за поддршка на оваа транзиција „со формирање јавен фонд наменет за поддршка на адаптацијата на производствените алатки на преработувачите”, особено занаетчиите, ,алите и средните претпријатија.

Околу 76 отсто од сувомеснатите производи кои се на пазарот во супермаркетите содржат нитрати или нитрити, се посочува во извештајот, чии препораки всушност водат кон нацрт-закон, кој сè уште не е поднесен.

Забраната за нитрити „би имала здравствени последици што би било тешко да се измерат”, тврди претседателот на професионалната гранка на преработувачите на месо, Бернард Валат.

Потенцијалното враќање на случаите со ботулизам, особено се ставаат во прв план од производителите. Но, во извештајот, пратениците сметаат дека со „подобрување на санитарните услови и хигиенските протоколи низ целиот синџир на производство”овозможи „да се намали оваа закана до нејзино виртуелно искоренување “.

Индустријалците бараат од парламентарците да чекаат објавување на мислење од агенцијата за здравствена безбедност, побарано од владата, пред да донесат закон.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...