Македонија

Беким Бекири: Работиме со полн капацитет, дополнителни 15 вработувања

23 мар 2020

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Во разговорот со директорот на „Вива фреш“, Беким Бекири зборувавме за работењето на хипермаркетот „Вива фреш“ во време на зголемена побарувачка од крајните потрошувачи. Тој истакна дека засега ситуацијата нормално се одвива, а хипермаркетот работи со полн капацитет.

Преземени се сите потребни мерки за работење во вакви околности. Активирани се сите каси за да нема гужва, ставени се натписи за држење дистанца, поставени се и средства за редовна дезинфекција на сите врати, редовно се дезинфецира целосниот инвентар како што се каси, кошници, колички, Поради големина на маркетот од 5.000 м² и постојаното работење на 20 активни каси „Вива фреш“ им нуди на купувачите лагодно пазарење, нема чекање пред врата, форматот ни дозволува да имаме 50 купувачи во исто време, за да не се почувствува никаква допирна точка меѓу нив, објасни Бекири.

Во поглед со залихите, тој потврди дека немале проблем за нивна набавка, освен за брашното, но и тоа траело само еден ден. Големината на магацинот овозможува соодветно чување на залихите за 30 дена.

Освен за залихите, Беким порача дека нема да има покачување на цените.

Искрено имаме притисок за зголемување на цените од некои доставувачи, но засега ние не ги зголемуваме. Во тек се преговори со нив за тоа како ќе се одвива ситуацијата понатаму. Имавме притисок за покачување на цените кај тестенините, а најавено е покачување и на цените на оризот, истакна Бекири.

Најмногу се купуваат брашно, зејтин, тестенини, jajца...  Но, најбитно е да не се прави паника, затоа што постојано ќе има производи во доволно количество, додава Бекири.

„Вива фреш“ го зголеми и капацитетот на вработни и е подготвен да ги задоволи потребите на потрошувачите и од тој аспект, притоа внимава и ги заштитува своите вработени.

Золемен е бројот на работници. Станува збор за привремено вработени и бројот од 90 редовно вработени се искачи на 105.

За развојот на ситуацијата и влијанието врз понатамошното работење, Бекири истакна дека од оваа гледна точка не може да се предвиди, но во поглед на залихите на производи, тие и понатаму ќе бидат на ниво, а за идно покачување на цените, тоа многу зависи и од дистрибутерите и производителите.

Продажбата ќе спласне, како што и веќе се забележува во споредба со минатата недела кога се правеа големи залихи. Сега, повеќе се обавуваат редовни купувања, истакна тој.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...