Македонија

Џоџа Бојаџиевски: Залихи има доволно, дистрибуцијата мора да продолжи нормално

17 мар 2020

InStore зборува со дистрибутерите за предизвиците од актуелната состојба со вирусот корона. Според Џоџа Бојаџиевски, генерален менаџер на „Кола“, државата треба да се огласи со конкретни мерки со кои фирмите ќе се ослободат од одредени давачки, а ќе се намалат и придонесите за вработените.

Каква е ситуацијата со дистрибуцијата во моментов и дали имате доволно залихи за наредниов период?

За наредните 45 дена имаме доволно залихи и напорно работиме за да ги обезбедиме дополнителните количества за наредните неколку месеци. Се соочуваме со предизвик за набавка на производите од брендот Dr.Schär, кои се специфични поради краткиот рок, но напорно се работи за да се обезбедат дополнителни количества за наредниот период.

Како се одвива дистрибуцијата во Дебар и во Центар Жупа?

Нарачките се прават телефонски, а дистрибуцијата мора да продолжи нормално. Секако, преземени се сите потребни мерки за заштита на вработените, како маски, ракавици, средства за дезинфекција. Дадени им се конкретни упатства како да се однесуваат во одредени ситуации.

Во поглед на производите наменети за хорека-секторот, како што е брендот Lavazza, тука се чувствува најголемиот застој...

Да, во овој сектор застојот е огромен, дури ќе мораме вработените да ги пуштиме на одмор, оти засега немаме кому да доставуваме производи.

Со оглед на настанатата ситуација, се очекуваат големи загуби и за помалите, но и за поголемите бизниси. Сметате ли дека е потребно државата да преземе одредени мерки за помош?

Државата треба да се огласи со конкретни мерки со кои фирмите ќе се ослободат од одредени давачки, а ќе се намалат и придонесите за вработените. Некои сектори ќе имаат навистина големи загуби, на пример компаниите во хорека-секторот.

Конкретно за нас, во поглед на прометот ние сме засега сосема во ред, но во наредните месеци особено по 10 април, очекуваме пад во продажбата, бидејќи не можат толку брзо да се потрошат залихите што граѓаните веќе ги имаат направено.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...