Македонија

(ФОТО)„Стокомак“ пушта по четворица купувачи во маркет, засилени мерки во КАМ

16 мар 2020

Засилени мерки за безбедност и за продавачите и за купувачите воведоа дел од синџирите маркети, како мерка против ширење на корона вирусот. 

InStore денеска посети продавници на дисконтерите КАМ и на „Стокомак“(каде беа најголемите гужви)  и на „Киппер“. Во маркетите нема значителна гужва, како што беше неколку денови наназад, но посетеноста и натаму е голема-си има редица пред касите и се полнат колички со прехранбени производи.

„Стокомак“ од денес воведе ограничување-се пуштаат по четворица купувачи во маркет. Останатите чекаат на врата да излезат тие што се внатре, па да влезат нови четворица. Во продавницата каде што бевме, продавачката ја држеше вратата под клуч. Внатре, вработените работат со маски и со ракавици. 

Свесни сме на конкретната мисија што ја имаме во овие тешки времиња и важноста да ги чуваме нашите продавници отворени и опслужени во постојаност со основни производи. Ние имаме одговорност да ги заштитиме приблиќно 500-те вработени во 46 продавници како и центарот за дистрибуција, стои во соопштение од „Стокомак“ залепено на стаклото на продавницата. 

Дел од купувачите негодуваа против ограничувањето за влез-не им се чека. 

Кажете барем дали има тоалетна хартија, да не стојам залудно, довикна една госпоѓа која дојде после нас. Други со негодување заминаа, иако не се чека долго-екипата на InStore влезе во продавницата за неполни пет минути. 

„Стокомак“ од денес има и ново работно време, транспарентно објавено на влезот: понеделник-сабота од 8.00-19.00 часот и недела 8.00-16.00 часот. 

На влезот во продавница на КАМ денес за првпат имаше човек со амблем „обезбедување“ на ракавот. Го прашавме дали има нови правила за пазарење во маркетот, одговори: како ќе кажат, така. Внатре се влегуваше без рестрикција. Продавачите носат маски и ракавици, а на секоја каса е залепен лист на кој пишува: „Се замолуваат купувачите во сите оддели и на каса да држат растојание од 1 метар“.  Не сите купувачи ја почитуваа препораката-иако дел од нив и самите носеа маски, пазаруваа блиску еден до друг. 

Во продавницата на „Киппер“ не забележавме ништо невообичаено-дека ситуацијата е вонредна укажуваат само маските и ракавиците што ги носат вработените. Нема препораки за превенција, а на влезот го пишува вообичаеното работно време. 




Слична содржина

@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.